Европскиот здив во македонската музика од 60-тите и 70-тите години од минатиот век речиси секогаш се врзуваше за еден од великаните на македонското музичко творештво – Тома Прошев – вели музикологот Марко Коловски, иницијатор и селектор на изданието
Пишува: Александра Јуруковска
Во годината кога се одбележува 90-годишнината од раѓањето на композиторот проф. д-р Тома Прошев излезе новиот носач на звук насловен „Дијаметрија“, според името на една од неговите композиции. На овој компакт-диск се опфатени повеќе дела на македонските композитори во изведба на Ансамблот за современа музика „Света Софија“, чиј основач и раководител беше композиторот Тома Прошев.
Иницијатор и селектор на изданието е музикологот Марко Коловски, кој за „Дијаметрија“ подвлекува:
– Европскиот здив во македонската музика од 60-тите и 70-тите години од минатиот век речиси секогаш се врзуваше за еден од великаните на македонското музичко творештво – Тома Прошев. Тој е тој што најпрво и најдлабоко го почувствува пулсот на тогашниот светски модернизам и му овозможи брз влез во нашите простори. Со тоа фативме приклучок со тие трендови (ах, тој приклучок за кој, патем, секојдневно сѐ уште зборуваме!). Ансамблот за современа музика „Света Софија“, чиј што идеен творец и раководител е токму Прошев, беше едно од „орудијата“ што овозможи „европскиот здив“ полесно да се почувствува, а потоа, него да го „вкусат“ речиси сите тогашни македонски композитори. Дури и оние коишто никогаш не помислуваа да влезат во водите на модернизмот.

„Дијаметрија“ е издание на МИЦ (Музички издавачки центар), БМФ (Балкански музички форум) и МРТ и СОКОМ (Сојузот на композитори на Македонија).
Цедето е од особено значење затоа што содржи и материјали кои може да се изгубат или заборават, а ваквиот носач на звук е еден вид нивно архивирање, вели Валентина Велковска-Трајановска, претседателка на Сојузот на композитори на Македонија.
– СОКОМ во соработка со композиторите, БМФ, МИЦ и МРТ постојано се стреми да пронајде начини што ќе овозможат уметничкото музичко творештво да се зачува, да се архивира, дигитализира и да се промовира, поради што со овие изданија се прави исклучитено сериозен и значаен потфат. Се навраќаме на творештвото на маркантни композитори од нашето минато, но и на ансамблот „Света Софија“ кој своевремено бил единствен од таков вид и претставувал творечка инспирација и поттик на композиторите да создаваат дела наменети на ансамблот – Велковска-Трајановска.
Инаку, СОКОМ годинава одбележува четири значајни јубилеи на четворица големи композитори: 100 години од раѓањето на композиторот Благоја Ивановски, 90 години од раѓањето на композиторите Тома Прошев и Драган Ѓаконовски-Шпато и 80 години од раѓањето на композиторот Стојан Стојков.





