Културата не е украс, туку темел на вредносниот систем и колективната меморија

Наметнувањето на партиските интереси во сферата на културата создава опасен преседан: културните институции, кои во својата основа треба да се автономни, независни и ориентирани кон развој на културниот капитал, се претвораат во огледало на владејачките структури

Пишува: Даниел Ѓорѓевски, археолог/историчар

Во контекст на едно длабоко политизирано општество, какво што е македонското, културата – наместо да биде критичко огледало на стварноста и платформа за унапредување на општествените вредности – сè почесто се сведува на средство за политичка инструментализација. Овој процес е особено видлив во начинот на управување со културните институции, каде што партиската лојалност систематски ја потиснува стручната компетентност.

Наметнувањето на партиските интереси во сферата на културата создава опасен преседан: културните институции, кои во својата основа треба да се автономни, независни и ориентирани кон развој на културниот капитал, се претвораат во огледало на владејачките структури. Тие стануваат места на кадровски манипулации, каде што вработувањата сè поретко се темелат врз објективни критериуми и професионални заслуги, а сè почесто врз основа на партиска

припадност и клиентелистички релации.

На тој начин, културниот систем се соочува со парадоксална ситуација: од една страна, постојат бројни слободни работни места – неопходни за основно функционирање на установите – но од друга страна, тие позиции остануваат непополнети, бидејќи се чека на „соодветен кадар“, што најчесто значи партиски кадар. Истовремено, високообразовани, стручни и талентирани лица, често со меѓународни искуства и релевантни резултати, се држат надвор од институционалната рамка, без можност да придонесат за културниот развој на општеството.

Овие појави не се само последица на лошо менаџирање или спорадични злоупотреби – тие се резултат на системска и долгорочна политика на партизација. Таа политика го девалвира значењето на културата во јавниот простор, претворајќи ја од автономна општествена сфера во зависна и сервилна структура. Како последица на тоа, културата го губи својот потенцијал за критичка рефлексија, за образование, еманципација и градење на граѓанскиот идентитет.

Ако културните институции се држат како заложници на политичката моќ, тогаш културната продукција неминовно ќе трпи – како во квалитативна, така и во квантитативна смисла. Наместо витален и прогресивен културен систем, добиваме стагнација, цензура, самопромоција и површна, често кичеста продукција. Тоа не е само удар врз културните работници, туку и врз општеството во целина – бидејќи културата не е украс, туку темел на вредносниот систем и колективната меморија.

Излезот од ваквата состојба не е едноставен, но е неопходен. Потребна е департизација на културниот сектор, преку воспоставување на транспарентни механизми за вработување, вреднување и напредување. Потребна е заштита на автономијата на институциите и гарантирање на професионалните стандарди. Потребна е визија за културата како стратешка општествена вредност, а не како политичка алатка.

Без култура што слободно дише, што ги прашува вистинските прашања и што не се плаши да биде гласна, секое општество е осудено на провинцијалност, репресија и заборав.

Насловна фотографија: Архива

Ставовите на колумнистите се лични и редакцијата на Умно.мк не секогаш се согласува со нив.

Сподели