Уникатниот амбиент на Сули ан во Старата скопска чаршија повторно се претвора во сцена на уметност, инспирација и детска имагинација. Утревечер во 19.30 часот ќе започне 7. Меѓународен фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“, кој оваа година го става фокусот на домашната уметност – автори и илустратори што оставаат силен белег во современата детска литература.
На отворањето ќе можеме да видиме две изложби – ретроспективна поставка со илустрации на доајенот на македонската илустрација Ордан Манески и изложба на три авторки што внесуваат свеж визуелен и наративен израз: Иванка Ниба, Анастасија Јованова и Софија Семенпеева. Изложбите ќе бидат отворени до 30 април.
Иванка Ниба, со две децении искуство како графички дизајнер и активна илустраторка од 2018 година, се претставува со дело издадено од издавачката куќа „Светулка“, а промоцијата на новата сликовница „Црното маче“ од авторот Неше Рамовиќ и илустраторот Наталија Лукомска ќе се одржи на последниот фестивалски ден (25 април) во 18 часот.
Анастасија Јованова, дипломиран графичар и графички дизајнер, преку своите илустрации истражува современи уметнички пристапи за деца, а промоцијата на сликовницата „Сакам силно да ме гушнеш“, од авторката Катерина Димова ќе се одржи в четврток (24 април) со почеток од 18 часот.
Софија Семенпеева, е основач и креативна директорка на агенцијата „Ефектива“. Во своето професионално работење ги испреплетува уметноста, визуелната комуникација и маркетингот. Зад себе има шест самостојни изложби и значајни меѓународни награди. Илустрацијата е дел од нејзиниот творечки опус уште од студентските денови. Семенпеева е иницијаторка и дел од тимот што го организира фестивалот „Литера“, а во рамки на фестивалот ќе одржи работилници за илустрација.
Фестивалот е бесплатен и отворен за сите љубители на детската литература и илустрација. Партнер на фестивалот е долгогодишниот пријател на Литера, Халкбанк АД Скопје. Долгогодишните соработници Органик Нар и печатница Софија Богданци. Покровител на настанот е Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.





