Холивуд се поклони пред научниците – една од нив е и скопјанката Светлана Мојсов (Видео)

Една од лауреатите на престижната награда Breakthrough Prizes за 2025 годинае и проф. д-р Светлана Мојсов, родена скопјанка, која со години работи на Универзитетот „Рокфелер“

Милијардерите Марк Цукерберг и Џеф Безос, холивудските ѕвезди Џоди Фостер, Глен Клоуз, Шон Пен, Леонардо ди Каприо, Марго Роби, Дру Баримор, Гвинет Палтроу и многу други се поклонија пред научниците што ја добија престижната награда Breakthrough Prizes за 2025 година, во пошироката јавност позната и како „Оскар за наука“. Една од лауреатите е и проф. д-р Светлана Мојсов, родена скопјанка, која со години работи на Универзитетот „Рокфелер“ во Соединетите Американски Држави. Таа со своите колеги го спроведе истражувањето GLP-1 за дијабетес и дебелина. На церемонијата осмислена налик на доделувањето „Оскари“, холивудските ѕвезди и милијардерите им ги врачуваа наградите на научниците и им оддадоа почит за нивните достигнувања.

Проф. д-р Светлана Мојсов

– Науката е една од професиите кои најмногу наградуваат. Научниците доаѓаат од различни културни средини, од различни земји, од различни континенти. Но, сите имаат иста цел – сакаат да прават откритија кои имаат импакт врз знаењето и врз човековото здравје. И тоа е приказната на GLP1 – рече Мојсов при врачувањето на наградата.

Ова е последна од низата светски награди кои научниците што го истражуваа GLP1 ги добија во изминатите две години.

Светлана Мојсов е биохемичарка од македонска народност која работи како вонреден професор-истражувач на Универзитеот „Рокфелер“ во САД. Таа се занимава со истражување на синтезата на пептиди. Мојсов го открила пептид-1 сличен на глукагон и ја објаснила неговата улога во метаболизмот на глукозата и излачувањето на инсулин. Нејзиното откритие го искористила фармацевтската компанија „Ново Нордиск“ за производство на лекови против дијабетес и дебелина.

Светлана Мојсов е ќерка на Лазар Мојсов, дипломат и државник, претседавач на Генералното собрание на Обединетите нации од 1977 до 1978. Родена е во Скопје. Завршила студии по физичка хемија на Природно-математичкиот факултет во Белград. Се запишала на постдипломски студии на Универзитетот „Рокфелер“ во 1972 година, каде што работела со Роберт Брус Мерифилд, добитник на Нобелова награда за хемија во 1984 за синтеза на пептиди. Поточно, Мојсов се фокусирала на синтезата на глукагон, кој се ослободува во панкреасот. Во тоа време, се претпоставувало дека глукагонот може да помогне во лекувањето на дијабетес тип 2.

Обраќањето на проф. д-р Светлана Мојсов на 50:24

Во 1980-тите, Мојсов се преселила во Општата болница во Масачусетс, каде што станала шеф на одделот за синтеза на пептиди. Таа дошла во оваа болница набргу откако Џоел Хабенер клонирал проглукагон додека испитувал видови риби од Бостонското пристаниште. Мојсов работела на идентификација на пептид-1 сличен на глукагон (GLP-1), хормон што се произведува во цревата и предизвикува ослободување на инсулин. Амино киселинската низа на GLP е слична на онаа на гастричниот инхибиторен пептид, инкретин. Во обид да идентификува дали конкретниот фрагмент е инкретин, Мојсов произвела инкретин антитело и развила метод за следење на неговото присуство. Поконкретно, таа успеала да утврди дека сегментот од 31 аминокиселина во GLP-1 е инкретин. Заедно со Гордон Вир и Џоел Хабенер, Мојсов покажала дека малите количини на лабораториски синтетизиран GLP-1 може да доведе до лачење на инсулин.

Во 1990-тите, Мојсов се вратила во Њујорк на Универзитетот Рокфелер во лабораторијата на Ралф М. Стајнман, добитник на Нобелова награда за медицина во 2011 за откривање на дендритични клетки. Во 1992 година, група во Општата болница во Масачусетс тестирала GLP-1 кај луѓе. „Ново Нордиск“ развил лекови за дијабетес (Ozempic) и дебелина (Wegovy) кои го имитираат дејството на GLP-1. При тоа, дериватите на GLP синтетизирани од Мојсов биле патентирани како пептиди што може да доведат до ослободување на инсулин, но само Хабенер бил наведен како единствен автор. Мојсов повела постапка и нејзиното име да биде вклучено во патентите. Општата болница во Масачусетс сепак се согласила да го додаде нејзиното име на четири патенти, но Мојсов добила една третина од хонорарите за лекот само за една година. Таа продолжила да се бори за признание откако нејзините соработници добиле бројни награди бидејќи новите верзии на GLP-1 беа одобрени за употреба кај луѓе и станале попопуларни.

Насловна фотографија: Принтскрин

Сподели