Официјалното отворање на манифестрацијата „Гевгелија – Град на културата“ ќе се случи денес со повеќе настани во градот. Централен настан ќе биде концертот на Националниот џез оркестар што ќе се одржи на Стариот градски пазар, во 19.30 часот. Оркестарот ќе биде предводен од Џијан Емин, ќе бидат изведени незаборавни хитови и поп-евергрини од македонската и светската музичка сцена, специјално аранжирани со нов, уникатен звук за оваа пригода. Ќе настапат и вокалните солисти: Андријана Јаневска, Светлана Јовановска, Дејан Бобиќ и Калина Велковска.
На концертот ќе му претходни дефиле во кое ќе учествуваат стотина дечиња вклучени во активностите од областа на културата што се реализираат во ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија- Драмската секција, Ликовната секција, Секциите за тапан и гитара, членовите на Детскиот фестивал „Калинка“, Ансамблот „Бојмија“ и Танцовото студио „Мистик“. Дефилето ќе започне од Пионерскиот дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, во 18:30 часот, со движење кон Градскиот плоштад.
Во 17.30 часот во Уметничката галерија на Музеј- Гевгелија – Амам, ќе биде отворена изложба на Aна Митеска, насловена „Приказни во тиркиз – Извор на животот“.
Манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“ е поддржана од Министерството за култура и туризам, за што Општина Гевгелија аплицираше на Јавниот повик. Во текот на годината, Гевгелија ќе биде домаќин на голем број настани и проекти на националните установи од областа на културата, како и културни активности на установите, физичките и правни лица на подрачјето на општина Гевгелија.





