Бобан Алексоски: Сакам матична театарска куќа, зашто е време!

Јас сум од Прилеп и навистина ме погоди веста за ситуацијата на театарот „Војдан Чернодрински“, во кој првпат влегов во 2003 година и останав во истата магија, и ме држи до ден-денес. Но, секое „зло“ за добро е, велат. Посакувам нов Прилепски театар „Војдан Чернодрински“, што поскоро!

Прашањата зошто сум актер и зошто се занимавам со оваа професија, што мислам и сакам за театарот воопшто – се најчести размислувања кои секојдневно имаат дополнителен одговор. Тоа е една долга листа на ситници и големи работи кои мене ме градат и како човек, целиот мој живот.

Да размислуваш за оваа работа е исто како да размислуваш за животот, за себеси, за другите, за општеството, за арно, за лошо… и на тој начин се соочуваш со времето, со случувањата, со личните доживувања, со истражувањата кои не запираат. И така, во еден момент, престанува ова воопшто да биде работа.

За да живеам „поубаво“ – одбрав да бидам актер. Не во материјална смисла, никако. Што знае деветгодишно дете за пари? Уште тогаш одбрав да живеам со работа која нема да ме тера да сакам побрзо да се вратам дома, зашто сум ја заработил дневницата. Театарот, или која било друга уметност, е професија која нема часовник и сметање на времето, зашто на сцената во театар се гради друго време – идно, сегашно, минато, реално, нереално…

Тоа е убавината, и за мене, и за публиката. Тоа е она чувство за промена, за испразнување, за мечтаење, за себеоткривање, за охрабрување… И сигурен сум дека театарот не може да го промени светот. Но, таму ја има онаа моќ, многу страствена моќ, со која може да се промени барем еден човек, неколку луѓе… Тие, паметејќи ја претставата, улогата, текстот, ќе се обидуваат да променат други. И ќе зборуваат за тоа „овде“ и „сега“ што веќе се случило. Како што и театарската претстава ќе го прави тоа со секоја изведба, која на некого ќе му даде голема утеха што нема да ја добие од никој друг.

За таа моќ зборувам. За присуството во живо, во тој театарски свет исполнет со приказна за тоа и тоа, со прашање и одговор за она и она… Не смее, не тагува, не радува… Изборот е голем, но и решенијата се илјадници можни. Нашата театарска работа се состои во обидувањето – тоа се вика проба. Она што е најважно за актерот, режисерот, драматургот и така натаму. А таму лежи силата и убавината на подоцнежниот производ, односно – претставата.

Не постои човек што не сака да чуе или да раскаже приказна, на каков било начин. Тоа сите заедно сме – и актерите, и публиката. Буквално и метафорички кажано. Затоа театарот е толку близок сè уште до денешната публика, без разлика за каква продукција да се работи. Денес навистина станува важна суштината. Театарот, на негов начин, се бори со комерцијалниот свет, кој си има своја оправдана цел во овој век.

Вчера наполнив 32 години. Секогаш, ден потоа, е Денот на театарот. Со театар се занимавам отсекогаш, и желбата е иста, но сè поголема. Неколку години активно се занимавам со независната театарска сцена и нашиот Театар „Златен Елец“. И покрај сите достигнати успеси со тие независни проекти, последнава година имам огромна желба за повеќе претстави во институционалната сцена, кои, за жал, досега сум ги немал многу, после дипломирањето.

Работата во независната сцена е искуство кое те прави повеќе од актер, зашто треба да се постигнат многу работи. А без голема љубов и желба кон целата работа – тешко се постигнува. Поддршката таму е најважна, од сите.

Јас сум од Прилеп и навистина ме погоди веста за ситуацијата на театарот „Војдан Чернодрински“, во кој првпат влегов во 2003 година и останав во истата магија, и ме држи до ден-денес. Но, секое „зло“ за добро е, велат. Посакувам нов Прилепски театар „Војдан Чернодрински“, што поскоро! Зашто навистина актерите и сите вработени таму заслужуваат. Многу нови работни места за актери! Сакам/е матична театарска куќа, зашто е време! Независната сцена си е независна.

За жал, живееме трагични денови за нашата држава и општество. Но и во многу моментални локации во светот, не е баш убава оваа пролет… и веќе некое време е така. Но, гледам дека правдата е алатка која навистина е последна – и успешна, за сите работи.

Но, не треба да чекаме катастрофи, трагедии и други разочарувања за да го смениме видикот на нештата и самите проблеми. Времето е сè побрзо и побрзо. Старите навики на функционирање изгледа навистина ќе останат стари, за среќа – и час поскоро.

И покрај мојата желба за матична куќа, посакувам уште поголем слух и развој за независната сцена, поддршка и промена кон подобро. Да работиме со човечност и само така да функционираме и живееме – со секоја работа, не само со нашата. Да подадеме рака, зашто светот навистина отиде за никаде… но таму го однесоа луѓето.

Да посегнеме кон промена со голема свест. Ние – како актери, како уметници, како луѓе.

Да ги оствариме своите желби и да го сакаме животот!

Мислам дека тоа е еден од начините за спас на светот – трагајќи по патот на сопственото сониште.

Да живее театарот!

И сите да зборуваме и слушаме искрено и отворено – човечки!

Сподели