Промоција на монографијата „80 години Народен театар Битола“

Монографијата „80 години Народен театар Битола“ од д-р Иван Додовски ќе биде промовирана задутре (29 март) во 12 часот во Битолскиот театар. Промотори ќе бидат д-р Мишел Павловски и д-р Даниела Андоновска-Трајковска.

Монографијата е црно-бела, отпечатена на 310 страници, издание на „Графопром“ од Битола. Рецензенти се проф. д-р Сузана Киранџиска и Павловски. Монографијата ја подготви стручниот тим: Стеванка Вељановска, Билјана Вржовска, Сашо Илковски, Марија Козарова, Билјана Крајчевска, Александар Митровски, Филип Ошавков, Оливера Павловиќ, Владимир Переловски. Дизајнот е на Сергеј Светозарев. Фотографиите се од архивот на НТБ.

Книгата содржи кратка историја Битолскиот театар од 1944 до 2024 година, прилози за сите одиграни премиери и за лицата што биле вработени или повремено ангажирани во работата театарот. Опфатени се темите за првиот репертоарски пробив, пресвртот со „Свадбата на Мара“, новите режисери и актери, постјугословенскиот контекст, гостувањето во Глоуб театарот, наградите, гостувањата низ светот и друго. Издавањето на монографијата е помогнато од Министерството за култура и туризам.

Сподели