Симон Трпчески на трите концерти што ги одржа во Чикаго им ја посвети „Не си го продавај Кољо чифликот“ на композиторот Димитрије Бужаровски, на настраданите во пожарот во Кочани.
– Се надевам дека ова дело од Димитрије Бужаровски им дава утеха на оние што страдаат – рече нашиот пијанист со светска кариера.
Трпчески настапи на 20, 21 и 22 март, а диригираше Јакуб Хруша. Го изведе Концерт бр. 1 за пијано и оркестар од Рахмањинов.
– Концертот со Симфонискиот оркестар на Чикаго беше радосно враќање на пијанистот Симон Трпчески на сцената во салата на оркестарот со волшебната изведба на Првиот концерт за пијано на Рахмањинов. Оркестарот покажа и моќ и прецизност со диригиентот Хруша во воодушевувачката 11. симфонија на Шостакович – објави Симфонискиот оркестар на Чикаго.
На почетокот на април Трпчески ќе му се врати во виенскиот Музикферајн, каде што ќе биде солист на Тонкунстлер оркестарот со диригентот Доминго Хиндојан од Венецуела.





