Реформите нè раздвижија и нè извадија од комфорната зона, велат наставници од основно

Вакви реформи преку ноќ не е возможно да се направат. Обуките ги поминавме, теоријата ја знаеме, но праксата допрво ќе ја видиме. Промените се огромни и потребно е време, вели наставничка од скопско училиште

Збунети родители, возбудени ученици дека конечно по година и пол пак ќе седнат во училишните клупи, иако во услови далеку од стандрадни или нормални. Освен ковид-протоколите, за учениците и наставниците од прво и четврто одделение оваа година е особено специфична. Тоа се првите одделенија кои учат според новата концепција за основно образование. Министерството за образование и наука ја промовираше како многу важен чекор, а неретки беа дезинформациите и шпекулациите, пред сè поради недоволно вистински информации.

Пред почетокот на учебната година МОН промовираше дел од дигиталните учебници, кои ја разбрануваа јавноста. Некои содржини поради печатни грешки во претставените материјали, дел од јавноста реагираше и на автентичноста на илустрациите во учебниците, односно зошто не се авторски.

Имаа ли наставниците доволно време да се подготват? Разговаравме со неколку наставнички што предаваат во 1. и во 4. одделение. Сите што ги прашавме рекоа дека имале доволно време да се подготват и дека промените не се многу големи и комплицирани – се менува пристапот кон самата материја и начинот на пренесувањето на учениците.

– Обуките се одвиваа во три фази (три  модула), од крајот на мај и јуни и завршија на крајот на август. Имавме доволно време да се подготвиме – вели наставничка од основно училиште од Општина Карпош, која работи во образование 32 години како наставник по одделенска настава.

Во прво и четврто одделение децата ќе учат по нови учебници

Нејзина колешка од друго скопско училиште која предава десет години не ја крие возбудата дека училиштата повторно ќе имаат детски џагор.

– Mинатата учебна година нè научи колку технологијата е важна во секој сегмент од нашиот живот, па и во образованието. Се соочивме со големи предизвици, но сепак покажавме и докажавме дека ние наставниците успеавме да реализираме успешна година. Исчекувањето на оваа учебна година е најголемо кај родителите и наставниците на првачињата и на четвртачињата, кои започнуваат да учат по новата концепција. Овие реформи во основното образование нè раздвижија како никогаш досега и нè извадија од нашата комфорна зона. Многу информации и дезинформации проструија во јавноста, но треба да бидеме свесни дека стравот и неизвесноста се нормално чувство од нешто непознато – вели наставничката.

Таа има позитивен впечаток од обуките што ги поминале.

– Живееме во 21 век и повеќе од потребно е да реализираме училиште на 21 век. Во споредба со „стариот“ образовен систем, новата концепција има доста промени. Тргнувајќи од тоа дека сега во центарот на вниманието се ставени потребите и интересите на ученикот; можноста за два изборни предмети по желба на учениците; можноста на наставниците да реализираат национални стандарди и наставна програма на флексибилен начин, а не како досега да се реализираат само содржини од учебник кои не е важно дали будат интерес кај учениците; можноста технологијата да навлезе длабоко во училиштата; можноста учениците да учат за родова сензитивност; можноста да учат дека живееме во мултиетничка држава и да се запознаат со мултиетничката култура и можноста да учат во инклузивно образование – вели одделенската наставничка.

Таа се надева дека со оваа концепција ќе го разбудат интересот на учениците и желбата и љубовта кон училиштето.

– Со среќни деца, имаме среќни родители и уште посреќни наставници. Но, треба на сите да ни биде јасно, вакви реформи преку ноќ не е возможно да се направат. Обуките ги поминавме, теоријата ја знаеме, но праксата допрво ќе ја видиме. Промените се големи и потребно е време, ние наставниците да се прилагодиме и да го смениме нашиот досегашен начин на работа, односно да се репрограмираме – вели таа.

Според неа, најголема дилема има околу дигиталните учебници во 4. одделение, зашто тие за прв пат оваа учебна година нема да добијат учебници во печатена форма.

– Но, тоа не значи дека нема да имаат учебници воопшто. Дигитални учебници ќе имаат по мајчин јазик, математика, историја и општество и природни науки. За прв пат учебниците нудат интерактивни активности, преку кои учениците ќе учат на поинтересен начин. Овие дигитални учебници ќе можат да бидат симнати на електронски уред и потоа без потреба од интернет-конекција ученикот може да ги користи. Но, тоа не значи дека учениците ќе доаѓаат во училиште со таблет. Во училиште учениците ќе добијат потребен печатен наставен материјал за реализација на часот, кој го обезбедува училиштето. Исто така, овие учебници ќе бидат слободни за печатење и секој родител доколку сака може без проблем да го испечати учебникот – вели наставничката.

Училиштата се потрудија за наставата да почне со физичко присуство, исполнувајќи ги здравствените протоколи. Скалест распоред за доаѓање на учениците, средства за дезинфекција, едуктативен материјал за заштита од ковид-19…

– Со строго почитување на пропишаните протоколи од страна на сите учесници во образовниот систем повеќе од сигурна сум дека ќе се обезбеди безбеден почеток на новата учебна година – завршува таа.

Сподели