Донаторски акции за семејствата на загинатите и повредените во Кочани

Донаторски акции за помош на семејствата на трагично загинатите и повредените во пожарот во Кочани се организираат во Македонија и регионот. Вчера беше пуштена во употреба онлајн страница за директна донација https://supportkocani.com/. На страницата се напишани упатствата за користење.

„При донацијата, користете ја шифрата 562 која е за уплати за донации. По донацијата, испратете,скриншот‘ со името на лицето и износот на Вибер: 078 301 041. Бројот е само за испраќање на,скриншот‘ – на него не може да се донира. Собраните средства за секое лице ќе бидат објавени, за помошта да оди таму каде што е најпотребна. Податоците за износот на донациите објавени за секоја сметка се само врз основа на информациите што биле испратени од донаторите. Доколку некој родител смета дека примил повеќе средства отколку што му се потребни, може да одлучи вишокот да го пренасочи кон друго повредено лице. Во моментов, донациите од странство не се овозможени, но активно работиме на решение. Приватноста на сите донатори е загарантирана. Ќе биде објавен само износот на донацијата – без лични податоци“, велат уредувачите на страницата.

Од првиот ден донации и помош се уплаќаат на Црвен крст каде до моментот на објавување на текстот се собрани 42.739.931 денар. Ако сакате да донирате преку Црвен крст тоа може да го сторите на ЛИНКОТ.

На Фондацијата https://ecrowd.mk/ до моментот на објавување се собрани 4.075.975 денари. Ако решите да донирате преку оваа страница тоа можете да го сторите преку ЛИНКОТ.

Донираат сите, компании, здруженија, поединци. Халкбанк завчера уплати 50.000 евра во Црвен крст на Македонија. Бугарските медиуми јавија дека пратеникот Манол Пејков преку хуманитарна кампања собрал 34.200 евра за настраданите. Сојузот на хемичари и технолози на Македонија донира 40.000 денари – вкупната сума собрана од членарина за оваа година. Парите беа наменети за авиобилети за националниот тим што треба да ја претставува Македонија на светските олимпијади во Бразил и во Обединетите Арапски Емирати.

Ова се само дел од хуманите луѓе од Македонија и цел свет кои сочувствуваат со семејствата на загинатите и повредените во трагичната несреќа. Дополнително, многу Македонци од дијаспората, каде се лекуваат повредените ги отворија своите домови и им понудија безрезервна поддршка на семејствата на повредените.

Загинатите беа вчера погребани. Ова беше еден од најтешките денови во поновата македонска историја.

Сподели