„Зелена приказна“ од Киро Донев

На денешен ден во 1942 година во струмичкото село Моноспитово е роден Киро Донев, писател за деца и млади и преведувач. Ви го споделуваме неговиот расказ „Зелена приказна“, објавен во збирката „Мојот свет“.

 

ЗЕЛЕНА ПРИКАЗНА

Развигорчето дувна од планините. Ги растера маглите од котлините. Го исчисти небото од облаците. Ги стопи последните снегови и го најави доаѓањето на зеленокосата убавица – Пролетта.

Сончко ѕирна весело од зад ридот и почна да се искачува по небото.

Врапчето Џивко слета на еден од прозорците на училницата во којашто учеа првачињата. Децата веднаш се разџагореа и скокнаа да го поздрават својот пријател. Џивко, пак, весело потскокнуваше и џивкаше:

– „Низ поле и на брег – никна личен кукурек. Крена глава, изви става и запеа на сет глас:
– Еве, иде пролет мила. Ќе облесе се во свила!
Од под лисје ништо шушна. Ешко веста прв ја слушна:
– Чувајте се, змии – рече – кога Сончко ќе опече!

И зајакот уши дигна:
– Верверичке, пролет стигна!

А, бувот, пак в уплав списка:
– Што ли демне кума Лиска?
– Ништо, ништо – Лиска рече. – Гледам Сончко како пече и… реката како тече…
И Кокичето в час се јави:
– Шумски свету, ајде слави! Се зголеми веќе денот. Ене, расцуте и дренот. Веќе нема да ни студи. Пролет иде, се’ се буди!

Една златна сончева стрела се проби и во пештерата на Баба Меца, каде што спиеше со своите мечиња.
– Стани, мамо Сончко пече!– така рече едно мече.

Се размрда старата Мечка, се проѕевна и почна да се чуди:
– Па… Пролетта дошла – промрмори – веќе не ми студи!…“

Тоа го рече Џивко и одлета кон тополата во дворот на училиштето. А децата, заедно со учителката, излегоа за да ја поздрават новата пролет.

Во зелената ливада ишарена со разнобојни цвеќиња, брмчеа пчелки, летаа весели пеперутки, ли-
тмари… Меѓу тревките лазеа илјадници бубалки.

По нивите, овоштарниците, градините и бавчите луѓето ги привршуваа полските работи: ораа, копаа,
сееја, садеа нови овошки…

И птиците преселнички долетаа од југ: чучулигите, штрковите, ластовичките, грлиците, потполошките – пееја и ги поправаа своите лански гнезда. И славејчето ја извиваше својата песна и ја поздравуваше новата пролет.
Се личеше на една прекрасна – зелена сказна!

Сподели