Изложба на 30 дела создадени на Графичката работилница „Софија“

Триесет новосоздадени дела на 14. Графичка работилница „Софија“ вечерва во 20 часот ќе бидат изложени во Домот на културата „Бранд Петрушев“ во Богданци. Работилницата траеше една недела, а учествува шестмина млади и талентирани уметници од ликовните академии во Србија, Хрватска, Италија и од Македонија. Тие работеа под менторство на уметницата Сања Жигиќ од Србија.

Поради пандемијата, годинава беше редуциран бројот на учесниците за да може да се почитуваат протоколите за заштита од ковид-19. Сепак, од здружението Графичка работилница „Софија“ Богданци одлучија да не дозволат пандемијата да ѝ застане на патот на уметноста. Главен поддржувач на настанот е Печатница „Софија“ Богданци, а одржувањето го помогнато и Министерството за култура и Општината Богданци. Графичката работилница „Софија“ првпат се одржа во 2008 година и досега низ неа продефилираа повеќе од 200 млади графичари од целиот регион. Улогата на ментори ја имаа истакнати графичари и универзитетски професори од Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина.

Сподели