Во моментов во Центарот има 14 вработени, 53 деца, а бројката, за жал, расте и тоа на сè помали деца. Имаат тројца дефектолози, по еден логопед и физиотерапевт, возач, работни терапевти, проект менаџер, двајца вработени обучени за основната Монтесори-педагогија…

Кога ни се роди Ѓорги, не беше едноставно. На почетокот ни беше тешко, но со текот на времето сфативме дека тоа ни е благослов од Бога, а не казна. Преку Ѓорги, Бог ни даде можности да помогнеме и на други деца – вели отец Димитар Ташев од с. Радово, Струмица, кој во последните 17 години со своето семејство живее и работи како свешеник во католичката парохија „Св. Петар и Павле” во Гевгелија. Вака ја започнуваме приказната за Ѓорѓи, Христина и уште 50-ина деца и млади со посебни потреби кои во последните пет години дел од своето време го поминуваат во Центарот „Мајка Тереза“ во Гевгелија.

Димитар Ташев со својот син Ѓорги

Отец Ташев е иницијатор за основање на Центарот, место кое децата со посебни потреби од овој град, но и од околината, многу го сакаат.
– Со сопругата Зорка велиме, дека немаме еден Ѓорѓи, туку многу – вели тој. Животот сакал нивното второ дете од тројцата синови да се роди со Даунов синдром. Предизвиците во животот ги правеле само посилни и како растел, растеле и тие.
Како се роди Центарот „Мајка Тереза“? За време на имигрантската криза, о. Ташев преку Католичката црква бил ангажиран да им помага на бегалците преку ” Македонски Каритас“.

Отец Димитар Ташев

– Одговорните кои беа за „Каритас интернационалис“ беа Италијани и бидејќи јас студирав теологија во Италија и кога доаѓаа, ме прашуваа како свештеник што работам, како помагам. Католичката црква е мала заедница, но јас никогаш не се обесхрабрив да работиме и нешто дополнително. Во една прилика ме прашаа како би можеле тие нам да ни помогнат? Јас им го кажав проблемот дека децата со посебни потреби во Гевгелија немаат каде да поминуваат време учејќи животни вештини, но и со нив да се работи повеќе и на моториката и на други важни работи – вели отец Димитар.

Отец Ташев објаснува дека многу родители со деца со посебни потреби не знаат што да прават кога ќе заврши основното образование, кога децата растат, а во Македонија не постои систем на едукација соодветна за нивната возраст и капацитет.

Зорка Ташева: Ние немаме еден Ѓорги, имаме повеќе

– Со други родители се среќававме и секој ги кажуваше своите маки. Иако во Гевгелија имаме државен дневен центар, тоа не е доволно. Ние соработуваме со нив, но јас сметав дека треба да имаме поинтересна програма, корисна за децата. Многу е важно на овие деца да им биде исполнето времето и нешто да работат, да создаваат. Преку тие донатори, успеавме да го оставирме тоа што секогаш го сакаме, додава тој.
За кратко време биле обезбедени пари од Италијанската бискупска конференција, што верниците ги даваат како данок и функционриаат како фондови.

Во моментов во Центарот има 14 вработени, 53 деца, а бројката, за жал, расте и тоа на сè помали деца. Имаат тројца дефектолози, 1 логопед, 1 физиотерапевт, возач, работни терапевти, проект менаџер, двајца вработени обучени за основната Монтесори-педагогија…

– Ние би сакале ниту едно дете да не вратиме, односно секое што ќе побара помош, но не успеваме секогаш.
Центарот во моментот има два објекта. Им помогнала и општината со едниот објект кој им е даден на користење на десет години. Во поновиот објект доаѓаат поголемите деца. Таму имаат градина, одгледуваат зеленчук, овошки, игралиште, чуваат кокошки, имаат 3 јариња и 1 јагне, зајаци, гулаби, патки,пони коњче, собираат чаеви, нижат монистри, прават накит, изработуваат разни фигури од гипс а од неодамна имаат и голем коњ за терапија.

Во едниот објект доаѓаат деца од 2- 12 години, а после тоа е предвидено повеќе активности во другиот објект,односно деца од 12-30 години со фокус на животни вештини.
– Од тука веќе размислуваме, а треба и државата и општината да размислува што понатаму со тие деца. Има деца што се способни. Ние не бараме за нив да ги сожалува некој, но да им се даде можност да работат. Имаме такви деца што можат да работат нешто – категоричен е отец Димитар.
Тој истакнува дека благодарение на Центарот, лицата со посебни потреби веќе во градот се многу подобро прифатени.

Ѓорги многу сака да чука на тапани и понекогаш учествуваат на разни манифестации

Проектот прво бил поддржан за три години, но за среќа, поддршката продолжила за уште три. Со свој влог учествувале со 30 отсто.
– Секое дете е различно. Дефектологот ја следи работата на детето. За секое дете тој поставува цел. Некои се многу креативни и тоа ги прави среќни. Ние се трудиме родителите да плаќаат минимално. Ако еден час приватно чини 700 денари, кај нас плаќаат 30 отсто. Имаме комбе, па собираме дел од децата. Имаме и деца надвор од Гевгелија.

Како функционираат од ковид-пандемијата наваму? Од 11 март Центарот бил затворен, до 8 август не работеле воопшто со децата, но како што вели отец Димитар, тоа време вработените го искристиле за да ја облагородат земјата и ја насадиле со многу овошки.
Во Центарот се трудат да не фрлаат ништо и се што може да биде потенцијален отпад тие го претвораат во уметничко дело. Се што изработуваат може да се најде во нивната продавница, од каде може и да се купи.

Програмата на Центарот е сублимат на позитивните искуства од Бугарија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска, земји што тим од Центарот ги посетил.

– Пред месец дена опремивме соба за смирување. Тие работи ги набавивме од Англија. Ние се трудиме да бидеме напредни. Сакаме децата кога доаѓаат да се чувствуваат како дома.
Инспирација во работата, вели отец Димитар, “ни е нашата светица Мајка Тереза која рекла:
Не сме сите створени да правиме големи работи. Но, затоа можеме да правиме мали работи со голема љубов!“

Фотографии: Тоше Огњанов

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.