Далеку е Бразил: Проблемите на најголемите таленти по хемија во Македонија

Годинава далечната дестинација за престижната Менделеева олимпијада по хемија е Бразил. Лани беше Кина. Поради финансиски проблеми тргнаа подоцна, ги снајде невреме и пропуштија три дена од светскиот натпревар…

Учат напорно и посветено на Институтот за хемија во Скопје трипати неделно. Ова им е дополнителна настава, покрај редовните секојдневни обврски во средните училишта. Ги мачи неизвесноста дали трудот ќе им се исплати, зашто никогаш не знаат дали ќе успеат да набават авиобилети за земјата каде што се одржува олимпијадата. А таму треба да ја претстават Македонија… Годинава далечната дестинација за престижната Менделеева олимпијада по хемија е Бразил. Лани беше Кина. Поради финансиски проблеми тргнаа подоцна, ги снајде невреме и пропуштија три дена од светскиот натпревар… Ова се проблемите на најголемите таленти по хемија во Македонија.

Деветмина средношколци интензивно се подготвуваат на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, под раководство на проф. д-р Миха Буклески и останатите ментори од Институтот, сите членови на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија. Ова научно здружение е акредитирано од Министерството за образование и наука да ги организира државните и учеството на меѓународните натпревари по хемија. Но, МОН, односно Законот за средно образование не предвидува финансиска поддршка на овие патувања. Умно.мк со години пишува за овој проблем со кој се соочуваат сите научни здруженија. Младите, талентирани хемичари годинава се соочуваат со два проблема – како во мај да стигнат до Бело Хоризонте, Бразил на 59. Менделеева олимпијада по хемија и како во јули да отпатуваат во Дубаи, на 57. Меѓународна олимпијада по хемија.

Во неколку продолженија ви ги пренесуваме размислувањата на талентираните ученици. Што значат овие натпревари за нив, како се справуваат со напорните подготовки, како ја доживуваат игноранцијата од државата, каде планираат да го продолжат своето образование, во време на масовно иселување од Македонија, процес кој не ги одминува ниту талентираните ученици.

Иван Костевски е 4. година во штипската гимназија „Славчо Стојменски“. Претставувањето на Македонија на Менделеева олимпијадата го доживува како огромна чест и одговорност.

– Оваа олимпијада е една од најпрестижните натпревари по хемија во светот, и тоа што сум дел од националниот тим е резултат на години напорна работа и посветеност. Се разбира, тоа не е само личен успех, туку и можност да ја претставам земјата меѓу најдобрите млади хемичари. Што се однесува до очекувањата, се надевав дека ќе успеам, но конкуренцијата секогаш е силна вели тој.

Иван објаснува дека подготовките се интензивни и многу бараат, но истовремено се и одлично искуство. Тие имаат можност да работат со врвни професори од Институтот за хемија, што им помага да го продлабочат знаењето.

– Најголем предизвик е лабораторискиот дел бидејќи задачите бараат голема прецизност и практично искуство. Теоретскиот дел исто така вклучува сложени проблеми кои бараат напредни аналитички вештини и креативен пристап кон решавање – објаснува Иван.

Тој е свесен за финансиските проблеми кои се голема пречка и услов дали ќе стигнат на олимпијадата. Вели дека тоа ги засега сите во тимот.

– Моето семејство секогаш ме поддржувало, но трошоците за учество на вакви натпревари се големи, и за нас би било многу тешко да ги покриеме самостојно. Сепак, ќе направиме сè што можеме за да се обезбедат средства, било преку институции, спонзори или донации. Откажувањето би било крајна опција, но би било навистина штета еден ваков труд и успех да не биде финализиран со самото учество – вели Иван.

Тој планира да студирам во странство. Главната причина е што сака да има пристап до квалитетно образование, напредни лаборатории и истражувачки можности кои ќе му овозможат да го развие својот потенцијал.

– Дополнително, сакам да се поврзам со врвни научници и академски средини каде што можам да продолжам со натпревари, истражувања и професионален развој. Сепак, сакам еден ден да придонесам за развојот на науката и образованието во Македонија – вели Иван.

Негов соученик од гимназијата „Славчо Стојменски“ е Марио Ванчоски, 4. година. Досега двапати бил во националниот тим за Менделеевата олимпијада и двапати во тимот за Интернационалната олимпијада по хемија. Поради големото искуство верува има голема надеж дека и годинава ќе го повтори успехот.

– Учеството на каква било олимпијада е огромна чест и успех што си стигнал дотаму. Учеството на 59. Менделеева олимпијада по хемија е од големо значење за мене затоа што тоа е резултат од повеќегодишен труд, напорна работа и подготовки. Навистина е прекрасно чувството да се претставува Македонија во едно поинакво светло пред целиот свет – вели Марио.

Тој раскажува дека подготовките за олимпијадите по хемија се одржуваат секој викенд (најчесто петок, сабота и недела) на Институтот за хемија при ПМФ. Тие се теоретски и експериментални. – Подготовките се навистина интересни и многу корисни. Професорите се многу посветени и се вложуваат максимално. Ова ми е трета година по ред како присуствувам на подготовките, материјалот ми е веќе совладан и немам тешкотии како во претходните години, но секогаш има нешто ново да се научи – вели Марио.

Тој смета дека обврската за покривање на патните трошоци за олимпијадите треба да биде на државата, а не на менторите или на нивните семејства.

– Времето коешто менторите го трошат за барање финансиски средства би можеле да го искористат за уште повеќе да се посветат на подготовките. Семејствата веќе ги покриваат патните трошоци за присуство на подготовките во Скопје преку цела година. Ова е проблем што трае со години и мора да се реши што е можно побрзо. Заедно со професорите и семејствата ќе направиме напори да ги обезбедиме финансиските средства како што било случај и досега, но откажувањето ни е последната опција, бидејќи напорно работиме цела година. Откажувањето од ваква реномирана олимпијада би било пораз за целата држава – дециден е тој.

Марио планира школувањето да го продолжам на Институтот за хемија при ПМФ зашто смета дека на факултетот има добри можности за студенти и одличен наставен кадар.

– Македонија е убаво место за живеење и мислам дека ќе биде многу поубаво ако повеќе ученици, особено талентирани, останат во Македонија и почнат да ја развиваат науката и сите останати сфери на општественото живеење – вели Марио.

(ПРОДОЛЖУВА: Разочарувањето секогаш нè следи – дали воопшто ќе стигнеме на олимпијадата?)

Фото: СХТМ (архива)

Сподели