Отворен Културниот центар Balkan Heritage во Будимпешта – ќе соработува со уметници од Македонија

Културниот центар Balkan Heritage од Будимпешта го отвори својот простор за изложби, камерни претстави, филмски проекции и мини концерти насловен како Balkan Heritage Saloon. Центарот е посветен на промовирање на богатото културно наследство, разновидните традиции и живописната историја на Балканскиот Регион. Неговата мисија е да поттикне разбирање, вреднување и зачувување на уникатните културни особености на Балканот преку културна размена, едукативни и заеднички проекти со партнери од балканскиот регион.

Центарот е формиран на иницијатива на Златко Панзов, Александер Урком и Богларка Фодор — долгогодишни културни работници посветени на запознавање на помладата унгарска публика со богатото културно наследство на Балканскиот регион, претставувајќи ги различните традиции преку нивните заеднички влијанија и специфични особености.

– Културниот центар Balkan Heritage е одлична можност за претставување на македонските уметници во Будимпешта, културен центар на Средна и Источна Европа, и не само пред унгарската публика, туку и пред богата сцена на англиски јазик и дијаспората од балканскиот регион итн. Центарот веќе воспостави врски со слични организации во Србија, Хрватска, Грција, Бугарија и Албанија – вели Панзов.

Околу центарот почнуваат да гравитираат унгарски музичари што се занимаваат со балканска музика, театарски режисери, актери. Од неодамна центарот нуди јазични курсеви за македонски и српски јазик, кои предизвикуваат огромен интерес, а во наредниот период центарот ќе понуди курсеви за хрватски, албански и грчки јазик. Курсевите се нетипични, освен јазик се изучува и културата на земјата, посетителите имаат единствена можност да се запознаат со нејзината музика, филм, театар, фолклор, архитектура, историја и моментална политичка ситуација. Познатата унгарска фолк пејачка Вероника Варга наскоро започнува со интересна работилница за грчка народна песна насловена како „9+1 муза“. Центарот најавува многу креативни и иновативни курсеви, работилници и настани во иднина. Панзов вели дека центарот е отворен за соработка со институции и уметници од Македонија.

Сподели