За љубовта, за индивидуата, за апокалипсата: Метафоричен и моќен перформанс на „Лајбах“ во Скопје

Текст и фото: Тоше Огњанов

Концерт со музичка, стиховна и визуелна симболика која солидно се вклопува со надвиснатиот страв од нова можна апокалипса одржа култниот словенечки бенд „Лајбах“, синоќа во Македонската филхармонија во Скопје. Низ концепт смислен за помали концертни простори, бендот приреди своевиден визуелен музичко-сценски перформанс. Преку пораки и сцени што се вртеа на видеобимот во позадина публиката проследи приказна за континуираниот стремеж на индивидуата за слобода од стегите што ги наметнуваат државните уредувања, без оглед дали се работи за социјализам, комунизам, капитализам, или извикана демократија.

Публиката ги виде Тито, Сталин, американските државници, азиските игри за народ, европската „идила“, работничката класа, индустријализацијата, но и репетитивноста на живеењето во кое индивидуата е зграпчена во секоја од тие констелации. Сето тоа поткрепено со продорниот вокал на Милан Фрас, кому во дел од концертот му се придружи и вокалистката од Шведска, Дина Марина Мартнесон.

Во поголемиот дел од концертот беа изведени модифицирани делови од албумот „Opus dei“, а провејаа изведби и од нивните други албуми, меѓу кои беше и севремената „Alle Gegen Alle“ (Сите против сите) од албумот НАТО.

„Vier personen“, „Држава“, „Boji“, „Mi kujemo bodochnost“, „Smrt in pogin“, „Аnti-semitism“, „Ballad of a Thin Man“, беа дел од репертoарот на синоќешниот концерт. Во еден миг, т.н. даркерски наратив на Лајбах, како своевидна иронија, пред самиот крај премина во романтично дружење и потпевнување со публиката, преку изведба на хитот „I want to know what love is“.

Сепак, после таа елегична дигресија, светлата се изгаснаа, инструментите замолкнаа. Милан Фрас и останатите музичари статични на сцената, со неколку изрецитирани стихови „Strange fruit“. Во истиот миг, во позадина сцени од разурнат град од војна, Украина или Газа, нејасно. Концертот заврши со порака, напишана на англиски: This is the end. See you again… In hell.

Сподели