Авторка на учебникот e проф. д-р Јасмина Делчева-Диздаревиќ која го подготви и учебникот за 1. одделение
Со сина боја да се означи подметот, а со црвена прирокот во реченицата; што значат зборовите: гумно, софра, тарана; да се одговори што е еден ред од песна, а што неколку стихови групирани во мала целина; да се пронајдат десет зборови во осумнасочник; да се поврзат зборовите од левата со зборовите од десната страна по принципот спротивност…
Ова се дел од дигиталните содржини застапени во новиот учебник по македонски јазик за 4. одделение, подготвен според новата концепција за основно образование.

Проф. д-р Јасмина Делчева-Диздаревиќ
Авторката на учебникот проф. д-р Јасмина Делчева-Диздаревиќ, универзитетски професор на Институтот за педагогија, на Филозофскиот факултет во Скопје, која го подготви и учебникот за 1. одделение. Таа е ќерка на Ѓорѓи Делчев, автор на добро познатиот „Буквар“ во времето на Југославија.
Делчева-Диздаревиќ вели дека во првите дигитализирани учебници по македонски јазик за 4. одделение има многу различни содржини од програмското подрачје Јазик – граматички дел, кои ќе бидат изучувани и совладани преку дигитални квизови.
– За разлика од материјалите во учебникот за 1. одделение каде вниманието е насочено кон описменувањето, во материјалите од 4. одделение најмногу ќе се работи на логичкото и изразно читање. Учениците во овој период на нивното образование треба да го разбораат тоа што го читаат и потоа истото убаво, естетски да го прочитаат – вели Делчева-Диздаревиќ.

За неа големо задоволство и предизвик бил изборот на литературни и нелитературни текстови, кои се составен дел од материјалите. Целта била да се компилира вреден фонд на литературни текстови што ќе им овозможи на учениците лесен и достапен пристап во светот на убавата литература, според нивната возраст и знаење.
– Текстовите се ставени во рамки што ќе овозможат интеракција. Целта е да се поттикнат учениците, да размислуваат и разговараат за тоа што ќе го прочитаат, а потоа и самите да творат – вели авторката на учебникот.
Таа објаснува дека преку квизовите на учениците ќе им биде овозможено сами да доаѓаат до точните решенија.

– Веќе подолго време педагошката теорија ни зборува за предностите и придобивките на програмираната настава. До сега немавме начин теоријата да ја преточиме во пракса. Денес, благодарение на дигитализацијата, тоа конечно ни е овозможено – вели Делчева-Диздаревиќ.
Таа додава дека целиот учебник се темели на трите принципи на новата концепција за основно образование – инклузивност, родова рамноправност и интеркултурност. Во согласност со потребите на современиот свет, во материјалите акцентот е ставен и на медиумската култура и медиумската писменост.
















