На Прилеп му треба нов и безбеден театар!

Театарот ,,Војдан Чернодрински‘‘ годинава одбележува 75 години од своето основање. Според мене, најголем успех е тоа што и покрај мизерните услови за работа и големиот недостиг на уметнички и технички персонал, театарот живее – вели Михајло Миленкоски, актер и раководител на театарот. Тој е дел од ансамблот на овој театар во изминатите 11 години и знае како дише театарот во Прилеп. Исто така се занимава и со театар за деца, подготвувајќи претстави за најмалите.

Избравте убав начин за да го одбележите јубилејот, со гостување на театри од други градови. Колку е важно да ја вратиме оваа пракса, ако се знае дека некогаш театрите многу повеќе гостуваа на различни сцени?

– Јубилејот 75 години сакавме да го прославиме на еден поинаков начин, од сите театри да дојдат по двајца или повеќе глумци и да пеат,  но за жал, не успеавме бидејќи годишната програма сè уште не беше објавена и не знаевме дали ќе добиеме поддршка од Министерството за култура и туризам. Сакав јубилејот да го прославиме на еден поинаков начин од класичниот –  да се излези на сцена прочита некој текст за театарот да се изигра претстава и толку. Размислував на кој начин да биде одбележан и си дадов задача да донесам многу публика во театар. Идејата да пеат глумците не успеа, па си реков, ајде да глумиме! Програмата траеше од 17 до 23 февруари. Гости во јубилејната прослава беа НТ Битола, НТ Ј.Х. Џинот, Театар за деца и младинци, Театар Златен Елец. Оваа роденденска недела театарот го посетија околу 1700 гледачи што е доказ дека прилепчани сакаат театар и следат театар.

Михајло Миленкоски

Гостувањата се многу добра и здрава работа за еден театар и ансамбл. Шанса колегите да се видиме размениме некој муабет и да видиме до каде сме. Многу ретко си гледаме претстави како колеги, а за гостуванње не станува ни збор. Праксата театрите да гостуваат  што се однесува до мене како раководител веќе ја вратив. Гостувања имавме минатата година, во јануари ни гостуваше Кумановскиот театар и морам да признаам дека овие гостувања го освежија некако репертоарот, а и публиката многу позитивно одговори.

Ги охрабрувам сите директори барем еднаш месечно да поканат некој театар. Имајќи предвид дека државата се празни и бројот на публиката се намалува, па ако некогаш се играле претставите по 50 – 60,  100 пати сега бројката на изведби на една претстава е околу 20 до 30. Мислам дека гостувањата во други театри можат го продолжат животот на претставите.

Организиравте и дебата. Колку е важно да разговараме?

 – Решивме 23 февруари да го посветиме и да помуабетиме за театарот, да се собереме на едно место пензионираните актери, актерите кои играат во претставите на репертоар и најважните гости – публиката. Нема нешто поубаво од тоа да се слушнат мислења и критики од страна на публиката.

Идејата за оваа дебата дикусија се роди на промоцијата на книга во просториите на НУЦК ,,Марко Цепенков‘‘, каде што се разви една доста интересна дебата за нашиот театар и ансамбл.  Разговорот беше доста продуктивен, паднаа убави муабети за театарот посебно од постарите колеги, за разлика од публиката која што беше срамежлива да праша. Но како театар сме со план овие разговори да ни станат пракса.

Што ќе подготвите годинава за публиката? Каква поддршка доби Прилепскиот театар од Министерството за култура?

– Оваа година ќе се работат: „Три сестри“, од А.П. Чехов, во режија на Дејан Пројковски, „Ловец во ржта“, според Џ.Д. Селинџер, во режија на Мартин Кочовски, „Чиста куќа“ од Сара Рул, режија Тамара Стојаноска. Ќе имаме и едно гостување во Верона, Италија со претставата „Бура“. Овие се проектите кои што ќе бидат финансирани од Министерството за култура и туризам, сакаме да ја вратиме на репертоар детската претстава ,,Волшебникот од ОЗ‘‘,  а исто така во преговори сме со еден близок театар да направиме копродукција од сопствени средства. Сигурен сум дека ќе имаме доста плодна и креативна година со квалитетни претстави и многу публика.

 Сметате ли дека делегиран буџет е убава промена за театрите? Дава ли поголема слобода за менаџерите?

Да делегираниот буџет е добра работа и дава слобода на менаџерите.  Останува времето и искуството да покажат дали навистина е добра, бидејќи не гледам контролни механизми за таа слобода. Нашата институција не е оваа година со делегиран буџет.

Зграда за театарот е горлива тема. Театарот е во лоша состојба, а се уште нема на повидок проект за нова зграда. Може ли подетално да ни појасните, дали постои некаков план за изградба на нов театар? И доколку не, дали не е време да се направи и поголем притисок на оваа тема?

– Тема на која се зборува долги долги долги години  и ништо. Новата театарска зграда треба да почне да се гради час поскоро, бидејќи импровизираниот објект веќе не е добар и не исполнува минимални услови за да биде театар. Но не е проблем само театарската зграда, ние сме на раб на функционалност – фалат актери, технички персонал.

На пример, во Романија, каде ги завршив студиите, минимален број на актери во еден ансамбл е 36, а ние сме 11 актери. 11 години актери само се пензионираат или иселуваат, а на нивно  место не се вработуваат нови. Проектот за реновирање на НУЦК „Марко Цепенков‘‘ како и и доградба на новиот театар е готов, дозволата за градба е добиена за едниот дел, а за театарот имаше некои технички измени и е во фаза на добивање и втората дозвола. Верувам дека после добивањето на таа дозвола работите ќе се придвижат во позитивна насока. Потребен е нов безбеден театар!

Фестивалот „Војдан Чернодрински“ од е заштитен знак на Прилеп, заедно со театарот. Во последните две години намерата на фестивалот е Прилеп да биде град-театар. Kакво е чувството да се биде во градот домаќин на најважниот театарски фестивал?

Фестивалот  е заштитен знак, не само на Прилеп, туку и на целата држава. Тој е  дел од македонскиот идентитет. Фестивалот е празник на прилепчани. Промените во нашето општество одат тешко и тешко се прифаќаат и на секоја промена се гледа од негативен аспект, такви си сме ние како народ.

Проблемот со немањето услови влијае и на фестивалот со тоа што некои од театрите не можат да гостуваат бидејќи нашата сцена нема модули, ете проблем…  Да Прилеп последниве две години беше град театар, насекаде имаше случувања. Јас се радувам на фестивалот и за мене е најважен, но дали за сите театарџии е најважен?! Посакувам да дојде време кога сите ќе бидеме тука седум дена и ќе ги гледаме сите престави ќе дискутираме дебатираме, посакувам да има натпреварувачки дух – кој е подобар.

Сподели