Во Битола изложени предисториските антиквитети од Македонија што ја прошетаа Северна Америка

Со мала изложба во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Битола се финализира изложбата First Kings of Europe што од 2022 до 2025 година беше на турнеја низ Северна Америка. Во рамките на изложбата за првпат беа изложени македонски археолошки предмети во Северна Америка, а кои претставија врвни уметнички достигнувања во доменот на социјалните и религиските форми, карактеристични за разни етапи на предисторијата.

– Оваа изложба игра битна улога не само во меѓународната промоција на македонското културно наследство, туку и го зголемува интересот на светската јавност за Македонија и нејзината предисторија – вели д-р Гоце Наумов, национален координатор на First Kings of Europe.

Изложбата беше резултат на иницијативата на Филдовиот музеј од Чикаго и соработката со Заводите и музеи од Битола и Прилеп и Музејот од Гевгелија. Беше направена селекција на повеќе предмети од неолитот, енеолитот и железното време, пронајдени на локалитетите Врбјанска Чука, Шуплевец и Милци. Овие предмети, заедно со уште стотици други артефакти од 23 балкански музеи, го прикажаа постепениот општествен развој на предисториските заедници, кои од егалитарните племенски организации во неолитот постепено се трансформираат во првите европски кралства во железното време на Балканот.

Филдовиот музеј од Чикаго ја организираше изложбата First Kings of Europe во форма на турнеја која ги претстави македонските и балканските археолошки предмети во неколку музеи во Њујорк, Чикаго и Гатино-Отава од 2022 до 2024 година.

– Оваа досега најголема изложба на балканската предисторија во светот ја видоа околу 400.000 посетители и им овозможи на многумина да се запознаат со некои од најрепрезентативните артефакти од неолитот, енеолитот, бронзеното и железното време на Балканот – вели Наумов. Изложбената турнеја започна во 2022 година во Институтот за древни студии во Њујорк, а потоа продолжи во Филдовиот музеј во Чикаго (во 2023 година) и во Историскиот музеј на Канада во Гатино-Отава (2024 година). Изложбата е пропратена со извонреден зборник и каталог, публикувани од престижната издавачка куќа на Археолошкиот институт „Котсен“ при Калифорнискиот универзитет во Лос Анџелес.

Сподели