Од 1901 до 2023 година се доделени 63 Нобелови награди на жени, од кои 33 во последните 10 години
И во науката постојат стереотипи. Зборот научник секогаш се врзувал со машка фигура. Од 1901 до 2023 година се доделени 63 Нобелови награди на жени, од кои 33 во последните 10 години. Бројките очигледно говорат дека жената има свој напредок во науката. Сепак, далеку е од рамноправност. Ова беа дел од излагањата на Институтот за хемија при Природно-научниот факултет во Скопје каде завчера се одржа Глобален женски појадок 2025 со кој беше одбележан 11 Февруари, Меѓународниот ден на жените во науката. Стотина научнички, наставнички, жени од општествената сфера присуствуваа на глобалниот појадок, кој по трети пат го организираше Сојузот на хемичари и технолози на Македонија.

Проф. д-р Јасмина Петреска-Станоева
– Ова е можност да ги истакнеме достигнувањата на жените во науката, собрани сме жени од наука, образование, правен сектор сите имаме удел во градењето на ова општество. Студентките се тука, нашите наследнички, се надеваме дека ќе нè надминат и ќе имаат уште поголемо влијание во општеството – рече проф. д-р Јасмина Петреска-Станоева, координаторка на настанот.
Присутбуте ги поздрави германската амбасадорка во земјава Петра Дрекслер. Таа својот говор го прочита на македонски јазик. Дрекслер како пример ја посочи Ангела Меркел, кога од 2004 до 2021 беше сојузна канцеларка – жена од највисок ранг во Германија.

Обраќањето на амбасадорката Петра Дрекслер
– Таа пред неколку недели ја објави својата автобиографија. Пред да стане канцеларка таа поминала 12 години во Централниот институт за физичка хемија, пред да влезе во политиката. Меркел била единствена научничка во Институтот. И денес жените не се доволно застапени во истражувањата и во науката. Таква е состојбата во многу земји. Во Република Северна Македонија бројката е добра. Во Германија во 2020 година бројката изнесуваше 30 отсто. И покрај националната стратегија за рамноправност бројките растат бавно. Сите имаме корист кога жените имаат големи достигнувања. Штета за цело општество е кога тие ќе се откажат. Колку повеќе се поддржуваме меѓусебно толку повеќе ќе играме улога во одржувањето на побалансиран свет – рече Дрекслер.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова рече дека доаѓа од Правниот факултет и не му служи на чест што никогаш жена не била декан.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова
– Тврдам дека на тој факултет има поинспиративни жени од мажи, но треба да сме и ние понаметливи. Иако процентот на жени во науката кај нас е поголем од 50 отсто, треба да се атакува на клучните функции. Годинава се одбележуваат 80 години од создавањето на Обединетите Нации. Време е за жена-претседател на ОН, таму може да имаат и клучна улога. Се срамам од свет кој и по два и пол милениума се потврдуваат зборовите на Тукидид, дека силните го прават тоа што можат, а слабите тоа што мораат. Што ќе ни се тогаш институции? Треба да се смени тој свет. И мора да се бориме, како жени. Никој нема право да се откаже од убавината, креацијата, суштината на половина од природата која ни припаѓа. Верувам дека доаѓа времето на жените – рече Сиљановска-Давкова.

Проф. д-р Наташа Ристовска
Раководителката на Институтот за хемија, проф. д-р Наташа Ристовска рече дека со одбележувањето на Денот на жените и девојките во науката ќе поттикнат родова еднаквост и поддршка на учество на жените во науката. Таа низ бројки ја претстави состојбата на застапеност на мажи и жени во науката.
– Родовиот јаз опстојува низ сите години во природните науки ширум светот. Иако постои евидентен напредок, сè уште постојат непремостливи јазови, жените не се доволно застапени. Особено во инженерството и технологијата. Семејството и предизвиците во секојдневниот живот често се толку големи, што жените престануваат да се занимаваат со наука. Во Македонија има голем раст на учеството на жени во наука, особено во природните науки. Моментално сме 52,5 отсто што е позитивен пример за застапеност на жените. Моите колешки учествуваат во меѓународни проекти, на конгреси, меѓународни настани, раководат со проекти во лаборатории. Тие се извондредни научнички. На ПМФ имаме две продеканки и 6 раководителки од вкупно 7 институти. Порано раководители биле само мажи, сега веќе не е така. Жените во науката и покрај тоа што имаат многу предизвици, можат многу да постигнат во науката – рече Ристовска.

Свое видеообраќање од далечина имаше проф. д-р Светлана Мојсов, македонската научничка која изминатата година освои многу светски награди за своите достигнувања. Родена е во Скопје во 1947 година. Завршила студии по физичка хемија на Природно-математичкиот факултет во Белград. Се запишала на постдипломски студии на Универзитетот „Рокфелер“ во 1972 година, каде останала до денес.
– Додека студирав воопшто не размислува за застапеноста на мажи и жени зашто тоа беше едно друго време. Во Југославија не размислувавме за тоа. Разликата ја видов дури кога влегов на Универзитетот „Рокфелер“ каде што бев единствена жена – рече Мојсов.

Проф. д-р Марина Стефова е раководителка на Лабораторијата за хроматографски анализи при Институтот за хемија. Таа одржа презентација за тоа што работат, за загадувањето на воздухот, што може да стори секој граѓанин, а што наставниците.
– Да ги научиме учениците и студентите на одржливост, да развиваат свест за зелена хемија, не како хемија што прави проблеми, туку што ќе ги решава проблемите со загадувањето. Да се развива знаење и свесност за животна средина. Да се поттикнува критичко размислување, да ги поттикнуваме на иновации да се вклучуваат во локални и глобални иницијативи и да се вклучат во заштита на животната средина – рече Стефова.

Учесничките направија групна фотографија и продолжија со неформален дел, вмрежување и размена на идеи.
Фото: СХТМ, Кабинет на претседател





