Гимназиско образование: Големата изборност не дава добри резултати

Денеска завршува рокот за сугестии и коментари на кои повика Министерството за образование и наука, апелирајќи да се вклучат сите засегнати од ова прашање

Предлог-концепцијата за гимназиско образование која по 20 години треба да донесе темелни реформи во овој дела на образованиот систем деновиве е главна тема во Македонија. Денеска завршува рокот за сугестии и коментари на кои повика Министерството за образование и наука, апелирајќи да се вклучат сите засегнати од ова прашање. Јавно на предлог-документот прво реагираа гимназиските професори по филозофија, по што следуваа секакви коментари од различни страни.

Весна Јаневска

Министерката за образование и наука Весна Јаневска вчера одговараше и на собраниски прашања потенцирајќи дека нема да се откаже од спроведување на реформи кои и тоа како се потребни. „Ова е нацрт-документ, ќе го слушнеме мислењето на сите засегнати и на експертската јавност и тоа што е издржано, ќе биде интегрирано во финалната верзија. Во изминатите денови остварив средби со повеќе образовни установи и здруженија на наставници. Ги разгледуваме и електронски пристигнатите сугестии“, вели таа.

Според наставниот план за четиригодишно гимназиско образование образложен 43 страници, предлогот предвидува задолжителни предмети, изборни предмети за продлабочено учење, изборни предмети за почетно изучување и други активности.

Од Институтот за математика велат дека изненадува фактот дека авторите на Концепцијата не сметаат за неопходно дека еден ученик треба да го профилира своето гимназиско образование во одредено подрачје, како што било досега (не само во последните 10-20 години, туку и подолго). Според математичарите, досегашните насоки ПМА, ПМБ, ОХА, ОХБ, ЈУА и ЈУБ, се сведени на општо (потпросечно) образование. Тоа се должи на изборност на предметите во две категории, од каде што се очекува ученикот самостојно да избере профил од одредени понудени предмети.

– Во овој дел има две стапици. Кој ја гарантира изборноста за одреден предмет ако нема доволен интерес да се формира паралелка и ангажирање наставници? И второ – опасност од лутање на ученикот низ наставниот план. Оваа концепција нуди високо ниво на изборност, поголемо од 40 отсто. Од нашето долгогодишно искуството (на факултетите десетина-дванаесет години се спроведуваше изборност од 40 отсто), големата изборност не дава добри резултати – децидни се тие.

Според нив, многу подобро е изборноста да биде сведена на многу помал процент и да се воведат профили за гимназиските паралелки како што се: природно-математичко подрачје, математичко-информатичко подрачје, општествено-хуманитарно подрачје, јазично подрачје, уметничко подрачје и сл.

– Дипломата што ученикот би ја добил со матурата би била во тоа подрачје. Со предложениот модел, ученикот се стекнува со слабо општо образование коешто професионално го сведува во категорија на ништо. Денешниот развој на науката и технологијата јасно посочуваат дека е потребно да се вклопи научниот и технолошкиот напредок во гимназиското образование. Сепак, понудениот наставен план е спротивен на ова залагање – велат тие.

Од Институтот бараат фондот на часови по предметот Математика да биде сите 4 години по 4 часа неделно како апсолутен минимум за стекнување на посолидна математичка основа, којашто не може да се очекува од таканаречениот предмет „напредна математика“.

Филозофијата е коренот на гимназиското образование

Трајче Серафимовски е доктор по филозофски науки и предава во скопското средно училиште „Георги Димитров“. Тој смета дека образовно-воспитно-вредносниот процес е рефлексија на нераскинливото единство на човековиот дух и тело. Зборот гимназија, етимолошката анализа открива, произлегува од напорот, настојувањето да се создаде едно интелектуално духовно и физички здраво суштество во неговиот тоталитет.

– Оттука, 2.800 години западната цивилизација чии втемелувачи сме, на која припаѓаме и кон која стремиме се гради и развива врз постулатот, врз темелот наречен филозофија и физичко здравје. Ова значи дека филозофијата е коренот на гимназиското образование, првиот предмет на гимназиското образование, сè друго е второстепено, изведено, тоа значи зависно од филозофијата. Оттука филозофијата не е на избор, филозофијата е нужноста на гимназиското образование – дециден е тој.

Серафимовски се противи на предлог-концепцијата за реформа на гимназиското образование и смета дека е обид во живот да се врати насоченото природно-математичко образование кое беше на сила во деведесеттите години од минатиот век.

Трајче Серафимовски

– Толку нели за реформата, во предизвиците на новото време се враќаме на нешто што самото по себе веќе е надминато и премостено. Самата предлог-концепција е ограничувачка во однос на многу теми и цели научни проблемски подрачја од кои се лишуваат учениците во Македонија. Се оставаат недопрени суштинските проблеми на образованието, предлог-концепцијата не ги детектира, а камоли пак да ги решава. Напротив, ќе акумулира дополнителни проблеми во меѓучовечките односи на наставниците, се создава висок степен на централизација на животот во училиштето – од личната волја на директорот ќе зависат судбини на наставници и нивните семејства, самата предлог-концепција создава наставници од прв и втор ред, итн. – објаснува Серафимовски.

Според предлог-документот, Филозофија е во категоријата изборни предмети за почетно изучување во 3. и 4. година и ги опфаќа и областите на Етика и Логика. Серафимовски дава еден пластичен пример: „Земете една политичка партија која на претстојни избори се наоѓа на гласачко ливче, и при тоа, никој од оние што треба да ја гласаат немал никакво искуство со и за неа, партијата нема можност за никакво рекламирање и огласување, ама треба да очекува дека ќе биде гласана, односно во случајот на филозофијата – избрана од страна на учениците“.

– Во ова се состои перфидната игра на предлагачот на концепцијата во однос на филозофијата. Самиот факт што нешто е ставено на избор, а не ја влече нужноста на своето постоење од самото себе, туку од волјата на друг, го обезвреднува неговото лично постоење, ова значи дека предметите и наставниците кои се на избор секогаш ќе го имаат над главата мечот на ученикот, што самото по себе ќе го намалува квалитетот на работата и ќе ги обезвреднува критериумите и стандардите за оценување – дециден е Серафимовски.

ДФРМ: Ниедна реформа не треба да се прави „сега“ и „веднаш“

Детална анализа на предлог-концепцијата направи и Друштвото на физичарите на Македонија кое во процесот ги вклучи сите свои членови – повеќе од 60 универзитетски професори, околу 800 наставници од основните и средните училишта, од други институции и компании, студенти.

Меѓу другото, тие предлагаат Математика, Физика, Хемија, Биологија и Информатика да се задржат во сите години, а дополнителното збогатено знаење да се формира преку соодветни изборни предмети (на пример од физика: применета математика, астрономија, астрофизика, одбрани поглавја од современа физика и слично).

– Вакви изборни предмети би требало да има и од други области. Предлагаме Филозофијата како мајка на науките да биде во листата на задолжителни предмети во четвртата година од образованието на гимназијалците. Со исфрлање на овој предмет од листата задолжителни предмети ќе ги осиромаши гимназијалците со знаење неопходно за развивање на критичко размислување, аналитички вештини и морална свест кај учениците – децидни се од ДФРМ.

За нив пропуст е што никаде во документот не е споменато кои наставни програми од технолошко развиени држави во Европа се анализирани, и во кои држави може да се видат наставни програми, коишто наликуваат на предложената.

– Ниедна реформа денес во образованието во денешниот глобален свет не се прави само врз база на домашните искуства, без анализа на она што во образованието го имаат технолошки најразвиените држави во светот. Модернизација на наставните програми е втората причина, врз којашто се потпира потребата за реформи. Имајќи предвид дека во секој документ за реформи во гимназиското образование во независна Македонија е наведен ваков дел, којшто како по правило се нагласува и потпира на истите аргументи, останува прашањето зошто минатите програми не дале позитивен резултат во насока на модернизација на наставните програми? – велат физичарите.

Според нив, предлог-концепцијата не објаснува конкретни чекори за спроведување на реформите, ниту е наведена финансиска конструкција за нејзина имплементација.

Гимназија „Орце Николов“ од Скопје (Архива)

– Концепција без специфични чекори или временска рамка за имплементација е „мртов документ“, којшто како и во минатото нема да даде никакви резултати, туку ќе служи како сито низ кое ќе се провлекуваат пропусти и неуспех на учениците. Во најголем дел од државите каде се врши детална анализа на образовните програми (Јапонија, Јужна Кореја и Сингапур), пред промените се прави нивно тестирање преку пилот-програми во некои од училишта и потоа се анализираат добиените податоци и резултати. Дали пред нејзиното воведување ќе се оди со пилот-програми? Ниедна реформа во образованието не треба да се прави „сега“ и „веднаш“. Потврда за ваквиот став е катастрофалната имплементација на „Кембриџ“ програмата во основните училишта од пред десетина години – велат од ДФРМ.

Тие нагласуваат дека се на располагање за да помогнат во креирањето на нов предлог-документ за концепција за гимназиско образование.

„Ние возрасните треба да ги насочиме децата“

Здружението на класични филолози „Антика“ ја отфрла предлог-концепцијата во однос на предметот Латински јазик, поради тоа што се сведува на целосно изборен предмет, што значи дека учениците нема да имаат можност претходно да се запознаат со предметот, за да знаат дали воопшто сакаат да го изберат.

– Со оглед на интердисциплинарноста на латинскиот јазик, предметот треба да биде задолжителен и дека барем во една година сите гимназијалци ќе имаат можност да ја запознаат и согледаат сеопфатноста и применливоста на предметот – велат од „Антика“.

Според нив, латинскиот јазик е основа на странските јазици кои се изучуваат во гимназиите во Македонија и поради тоа го олеснува нивното изучување. Околу 70 отсто од зборовите во англискиот јазик се со латинско потекло. Францускиот, италијанскиот и шпанскиот јазик потекнуваат директно од латинскиот јазик, а германската граматика е конципирана според латинската граматика.

– Безброј пати учениците констатирале дека подобро ги разбираат овие јазици, откако имале можност да учат латински јазик. Латинскиот традиционално е јазикот на науката (природните и правните науки), каде стручната терминологија е на латински и на старогрчки јазик. Латинскиот јазик ја подобрува писменоста и способноста за изразување на мајчиниот јазик. Со осознавањето на правилното значење на латинизмите во македонскиот јазик, учениците учат подобро да се изразуваат, пишуваат и читаат – нешто што им е неопходно, независно од тоа со што ќе решат да се занимаваат во иднина. Латинскиот јазик заедно со класичната култура го расветлува културното наследство на Македонија од хеленистичкиот период, особено преку епиграфските споменици напишани на латински јазик. Ние возрасните, обучените, интелектуалците треба да ги насочиме децата, да им ги отвориме портите на знаењето, да им расветлиме повеќе аспекти од животот, а со тоа и да им го олесниме – велат од „Антика“.

Сподели