Во полната сала на Кинотеката завчеравечер беше промовирана книгата „Гледна точка“ на режисерот, продуцент и сценарист Јани Бојаџи. Книга наменета за секого – од студенти, преку филмски професионалци, љубители на филмот и љубители на книгите, оваа книга, спојува научна анализа со белетристички елементи, со што е наменета за сите љубители на филмската уметност, без разлика дали се професионалци или ентузијасти. Промоцијата беше замислена во форма на разговор, што го водеше сценаристот и режисер Александар Русјаков.

Станува збор за комплексно дело што ја истражува уметноста и техниката на филмот од научен и практичен аспект.
– Секогаш кога избираме соработник, ние не избираме професија, туку избираме човек. Суштествено не е важно дали ќе го изберете сценаристот што пишува сценарио на француски, на американски или руски начин или далекуисточен, за мене е најважното кој е тој сценарист како човек. Затоа што со тој човек ќе поминеш можеби цела година работејќи на нешто на кое ти како режисер треба да се потпишеш. За добар филм се потребни добро сценарио, добро сценарио, добро сценарио, вели Сидни Филд. Жан Клод Кариер вели крајната цел на сценариото е да не постои затоа што кога ќе се сними филмот, сценариото се фрла во корпа за ѓубре – вели Бојаџи.
На прашањето какви и колку долги треба да бидат дијалозите во филм, режисерот објасни сликовито.
– Македонскиот филм пати од еден измислен проблем, наречен премногу дијалог. Односно карактерите зборуваат скоро неприродно. Се радувам што Столе Попов е во публика, зашто неговите филмови се дијалог што го движи драмското дејствие и сите ние неговите филови ги паметиме по дијалозите. Точка по прашањето дали треба многу или малку дијалози – категорично истакна Бојаџи.
Авторот успева да ја прикаже кинематографијата низ призма која ќе инспирира и професионалци и љубители, со што создава дело што е истовремено и учебник и извор на инспирација. Како што истакнува авторот: „Книгата од научен аспект го обработува проблемот на кинематографијата, на филмот, поточно на режисерот како генератор на сите проблеми во уметноста на филмот. Но, ја адаптирав на ниво на белетристика за да може да ја чита не само читател кој е инволвиран во уметноста на филмот, туку и најобичен читател.“

Русјаков истакна дека „Гледна точка“ нуди можност за читање на повеќе нивоа: како стручна литература, како учебник за студентите и како инспиративно дело за сите љубители на филмот.
– Кога ја земав книгата, првата мисла ми беше дека се наоѓам пред научно дело кое бара концентрација и посветеност. Но, како што напредував низ страниците, сфатив дека тоа не е обично научно четиво. Тоа е книга што се чита со леснотија и инспирација, бидејќи секоја страница носи нова перспектива и ново разбирање на филмската уметност. Она што Бојаџи го постигнал е нешто што ретко се гледа – спој на длабока стручност и лесен, наративен стил кој ги повикува читателите да размислуваат, но и да се восхитуваат – додаде Русјаков.
Со многу љубов и посветеност, Бојаџи ја напишал книгата врз основа на трудови објавувани во научни списанија во последните десет години. Во неа, како што самиот истакнува, се содржани стотици цитати од познати филмски дела и автори, што дополнително ја збогатува и ја прави привлечна за сите кои сакаат да проникнат подлабоко во светот на кинематографијата.
Со „Гледна точка“, Јани Бојаџи не само што ја збогатува македонската книжевна сцена, туку и поставува нови стандарди во интердисциплинарниот пристап кон уметноста. Ова дело, кое носи уникатна комбинација на научен и литературен израз, несомнено ќе привлече широка читателска публика и ќе остави значаен печат во областа на филмската уметност.
Тој со посебна љубов и досетливост зборуваше за тоа колку се важни актерите на филмот и дека без нив нема филмска уметност.





