На 83 години замина сликарот жигосан од прогонот

Малкумина ликовни уметници се вешти со перото. И тоа е сосема разбирливо зашто тие се и треба да бидат најсилни во сликарството, графиката, скулптурата, мултимедијалноста што им е матична средина. Еден од малкутемина кој постојано беше присутен во јавноста со свои колумни, гледишта и ставови денеска го напушти овој свет. Им се придружи на предците кои постојано се пронижуваа во неговите слики, во сеќавањата на детето-бегалец. Сликите толку драматично врежани во неговата детска душа, тој до крајот на животот ги сликаше упорно и упорно за да нè потсетува на злосторот на прогонот кој го живееја многумина Македонци, за жал голем дел од светот го живее и денес. Коле Манев имаше 83 години.

Како што напиша Надица Смилевска кон изложбата „Драмата на егзилот“ (Културно-информативен центар – Скопје, 2007) објавена тогаш во дневниот весник „Дневник“, изложбата на Коле Манев за лајтмотив го има прогонот како лична и колективна судбина.

„Прв впечаток е дека сликите на овој автор, работени во техника масло на платно, се ослободени од непотребни наративни наноси, од фабула, од историчност. Тие слики доаѓаат по сеќавање, а оставаат впечаток на штотуку доживеани животни состојби. Во нив во чудно единство се споени доживеаната трагедија од минатото и трагедијата на современата алиенација, при што темата на прогонот добива универзално значење. Новите дела на Коле Манев како состојби на човекот (егзистенцијални и психолошки) сведочат дека егзилот колку што е историски детерминиран како колективна драма (егзодусот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, што е и лична судбина на авторот), толку е израз и на внатрешни конвулзии и индивидуални бегства и прогони, како современа и сложена драма на единката. Затоа сликите на овој автор зрачат со својата изворност од доменот на тема која колку што произлегува од одредени конкретни историски констелации со јасно означени просторни и временски одредници, толку е севременска и современа. Може да се констатира дека ваквиот впечаток се раѓа и од аспектот на филозофската промисленост на проектот и по линија на естетската оствареност како уметност во која на сугестивен начин е прикажан екстрат од животните состојби на човекот“, напиша Смилевска во рецензијата.

Коле Манев е роден на 11 ноември 1941 во селото Бапчор, Костурско, Егејска Македонија. Училиште за применета уметност завршил во Скопје. Во 1960 година завршил прв степен на Ликовната академија во Белград, а потоа заминал на студиски престој во Париз. Оттаму заминал за Прага, каде што посетувал предавања за анимиран филм.

Манев своите дела до денес ги изложил на повеќе самостојни и групни изложби во Македонија, во Франција, како и во земјите од Балканот. Добитник е на голем број меѓународни награди и признанија за филм и за сликарство. По негово сценарио и режија се снимени филмовите „Мост“ (2006) и „Еко скоп“ (2022).

Беше претседател на Друштвото на ликовните уметници во Македонија и колумнист на дневниот весник „Дневник“ и во други медиуми каде ги искажуваше своите ставови за многу општествени прашања. Навидум кроткиот човек со бушава коса и брада, со голем жар во срцето ќе остане запаметен по штурите сиви лица со големи замислени, тажни очи кои засекогаш ќе трагаат по својот дом.

(В.И.И.)

Сподели