Науката веќе се има произнесено за Григор Прличев како исклучителна и важна фигура во македонскиот континуитет. Секогаш одново и одново сведочејќи за залогот и печатот кој го оставил, не само како поет, ами како општественик и поборник против елинизмот, иницијатор за воведување на народниот јазик во училиштата и во црквите и неуморен борец за обнова на Охридската архиепископија, вели м-р Марина Цветаноска
„Чумóтие разум, кога тој ти велит чувајсиа таткојната и љубиа неа појке от сфе потем господа и потем цара, а ти си ја продааш таткојната за ошчо, …“. Со овие зборови Григор Прличев пред 159 години им се обратил на охриѓани, што е забележано во словото „Чувај се себеси“. Секоја туѓа пропаганда или уште полошо – наша сопствена дилема и неосвестеност околу авторите и состојбите во 19 век, треба да ни претставува мотив постојано да ги препрочитуваме, анализираме, промовираме и актуализираме на научно и популарно ниво, за да се сочуваме себеси, вели м-р Марина Цветаноска во интервјуто за Умно.мк. Таа е соработник-истражувач во Институтот за македонска литература, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во Одделението за македонска литература 19 век. Нејзини области на истражување се македонска книжевност во 19 век, историја на македонската книжевност, културни поими и идентитетски прашања.

Марина Цветаноска
Деновиве се наврши годишнина од раѓањето на Григор Прличев (18 јануари 1830 – 6 февруари 1893), еден од најголемите македонски поети, книжевници, писатели на 19 век. Во какви услови се раѓале, образовале и развивале преродбениците во средината на 19 век, кои во овој период сè уште живеат во рамките на Османлиската Империја?
– Во европски рамки кон крајот на 18 и 19 век, кога Француската, Просветителската и Индустриската револуција ги поставила доктрините на новото време: повластување на разумот, прогресот, научниот пристап во толкувањето на светот и одвојувањето на црквата од државата, рационалистичките идеи завладеале со процесите во сите сегменти на културното живеење, се појавил отпор против безличноста на средновековието и поголема слобода на творештвото, а во литературата се истакнале жанровите – поезија, проза и драма. Општествено-политичките услови на Балканот биле многу поинакви. Македонија се наоѓала во рамките на Османлиската Империја, но за неа интерес пројавувале Австро-Унгарската Империја, Руската Империја и монархиите кои ги поддржувале интересите на Грција, Бугарија и Србија, па била под постојана асимилаторска територијална и културна закана. Во периодот на постепено слабеење на империите и формирање на нациите, нормирање на литературните јазици и утврдување на националните идентитети, црквата односно верата играла важна улога. Идентитетскиот код дефиниран преку верата, кој поедноставно би го трасирал патот до независна македонска држава со кодифициран јазик и национална литература за македонскиот народ, во тоа време бил отежнат со укинувањето на една од водечките автокефални цркви – Охридската архиепископија (1767 г.). Тој, би рекла природен процес, задоцнет, но не и целосно оневозможен, таа културна борба за национално будење, сепак започнала молскавично да се разгорува кон средината и втората половина на 19 век.

Охрид во 19 век
И покрај пропагандите, просветата на македонскиот народ интензивно се одвивала преку: печатење учебници за настава на македонски народен јазик, формирање читалишта и другарства, публицистичка дејност – објавување текстови во најпознатите културни центри во тоа време во рамките на Османлиската Империја и пошироко, собирање народни умотворби и објавување зборници, но и пишување на авторски поетски, драмски и други видови прозни творби.
Кога зборуваме за условите во кои живеел и работел Григор Прличев и повеќето македонски преродбеници, во 19 век преродбениците првенствено сериозно се образовале, владееле повеќе јазици, биле учители, писатели, преведувачи, дипломати, тие биле одраз на една исклучителна интелектуална фела. Иако живееле во тешки политички, економски, национални и духовни услови, повеќето од нив, меѓу другото и Прличев биле клеветени и затворани по занданите, животот постојано им бил под некоја закана, сепак успеале да постигнат величествени подвизи и да ги постават темелите за понатамошниот развој на македонскиот јазик, македонската современа литература и да го одржат континуитетот на македонскиот национален дух до формирање на независна македонска држава.
Каде ја наоѓате врската помеѓу обидот да студира Медицински факултет во Атина (околу 1850 година) и афинитетот и посветеноста кон литературата и пишаниот збор?
– Во врска со ова прашање, а и многу други поврзани со животот на Прличев, тој самиот дава одговор во својата „Автобиографија“. Се чини дека таквата одлука во негово име ја донеле роднините и соседите. По враќањето од учителствувањето во Тирана, со сериозна повреда на ногата, вели: „Утрото се стекоа дома по обичај роднини и соседи. Тие знаеја дека сакам да учам. Но каде? Што? Како? Тогаш ми се решаваше судбината. Не се најде никој да ме посоветува да ја пригрнам Русија. А пак тогаш само Атина и Јанина звучеше у нас. Покојниот Ангеле Групчев, најучениот маж, ме посоветува да ја пригрнам медицината“. И така Прличев дел мотивиран од сопствената нарушена здравствена состојба со желба да им помага на луѓето, а дел заради атер, тргнува за Атина со ниет да студира медицина. Но, секако, сметам дека не е воопшто пропуст (за што „нервикот“ по нарав како што самиот се декларира и многу подоцна ќе се прекорува за ова заминување), напротив сите тие настани ќе придонесат во обликувањето на поетот, беседникот и родољубот Прличев.

Григор Прличев
Тој по стапнувањето на елинската земја ја целива од воодушевување и веднаш во тој занес испејува стихови. На црните табли на универзитетот постојано биле истакнувани неговите творби за кои добивал пофалби (за жал од овој период не е сочувана ниту една творба), а тоа нему му правело огромно задоволство … и токму во овие негови автобиографски одломки толку многу е опиплива таа негова полетност и љубов кон стихувањето, кон поезијата.
Набргу, како што вели, ја почувствувал ужаснатоста и одбивноста од медицинската наука, па раскажува за една случка: додека тој во себе го оплакува и плете стихови за пресниот женски леш донесен на часот по Анатомија, професорот торжествено ќе го удри лешот по бедрото, за да покаже дека е вљубен во науката, што во него ќе изроди и уште поголема отуѓеност од медицината. Случувањата кои го опкружуваат ќе го изродат и обликуваат Прличев во рожба на својата епоха, таков како што го знаеме денес, таков каков што бил: неприкосновен поет, раскажувач, огнен беседник, со сите длабоко морални човечки атрибути, и како што истакнува Гане Тодоровски, претрпувајќи за својот народ жртва, што е неспоредлива по своите размери, претставува „највозвишената духовна вертикала на македонскиот 19 век“.
Колку било пресудно образованието, а колку личниот поетски сензибилитет за да го постигне тоа што го постигнал со „Сердарот“ и освојувањето на ловоровиот венец? Каде ги совладувале основните техники на овие литературни форми (поема, автобиографија, беседи и слова и др.)?
– За младиот Прличев, според неговото кажување огромна светлина претставува учителот Димитрија Миладинов. Како новина која ја внесува Миладинов по доаѓањето во Охрид, е изучувањето на старогрчкиот, преводите на Плутарх на новогрчки, како и изучувањето на италијанскиот и како што вели: „За шест месеци го преведовме целиот прв том на Телемаха“. За прв пат според него охридското училиште се стекнало со голем углед во Македонија и пошироко. Токму на Димитар Миладинов, Прличев му ја должи „насладата од недостижните Хомерови убавини“ и тука секако треба да се бара поттикот за неговата подоцнежна посветеност на поетското умеење, чиј највисок идеал и урнек останува да биде Хомеровиот стих. Од друга страна, допирот со народното творештво (познато е дека собирал и песни „Зборникот на Миладиновци“). Допирот со колоритниот охридски говор и сите влијанија од секојдневниот жив народен дух, кои исклучително интелигентниот млад Прличев ги впивал и длабоко ги обмислувал подоцна. Според д-р Александра Ѓуркова, потомок на Прличев, тој самиот ја живее и преживува драмата што се случува во „Арматолос“, според тоа јасно е дека инспирацијата за пишување на ова дело ја наоѓа во народната традиција и во својот живот.
Во животот на Прличев, смртта на Миладиновци ќе има болен одек и пресуден момент. За овој настан длабоко потресено пишува: „Еден ден ѓаконот на руската црква во Атина, со нажален тон ми рече: Погинаа во цариградските темници браќа Миладиновци и … можеби се отруени. Останав како статуа неподвижен и без збор, но моето срце го колнеше грчкото духовенство. Си ги собрав работите. Поемата „Сердарот“ му ја предадов на Сапунџиев и тргнав со тврдо решение да загинам или да се одмаздам за Миладиновци“.
Во краткиот есеј „Мечта на еден старец“, што претставува еден исклучителен уметнички преттекст на „Автобиографијата“, Прличев вели: „Јас го оставив таму (во Атина) сиот украс на својот живот и тргнав во својата татковина да ѝ служам даром, да умрам заедно со сограѓаните кои умираат, да им го покажам правиот пат кон напредокот, да го искоренам елинскиот јазик од цркви и училишта по четири века варваризам, да го воведам заучниот словенизам и за народниот напредок и одмаздата на смртта на своите учители (Миладиновци) да претрпам неискажани маки“. Така забележал и така сторил.

Неговиот неприкосновен успех што го постигнал, овенчувајќи се за своето првенче „Арматолос“ со највисокото можно признание не му го поматило умот, тој се оддал на учителската професија и во таа слика од лични и општествени збиднувања пред сè му биле важни спокојството и напредокот на неговите ученици како и „секое чкртање со перо на многустрадните Македонци“, поради тоа што во нивното наречје како што вели, „наоѓам многу првобитни форми“. Се откажал да биде литерат и станал општественик и борец во спроведување на просветителските идеи, воведувањето на мајчиниот народен јазик во просветата, беседењата итн.
Прличев забележал и зошто се откажал од пишувањето: „Сакаш ли да ме натераш да грачам како гавран, кога на младини сум пеел толку убавичко?“. Истакнал дека бил „лишен од секаков бугарски речник …“; дека бил слаб во телото од многугодишното и јалово елинско учење, од деноноќните напори, од судските препирки, од ужасните зандани, бил огорчен од грубите критики, поради необјавувањето на трите статии и поради грубата бугарска критика, која се обвиткала околу ловоровиот венец како змија и го истурила отровот врз неговите лисја, така што според него „и тие овенаа, се исушија“.
Како науката денес гледа на делата на Прличев од литературен аспект? Како ја дефинирате неговата големина како автор?
– Науката преку критичките осврти и разработки на неговите дела веќе се има произнесено за Григор Прличев како исклучителна и важна фигура во македонскиот континуитет. Преку многубројни книжевно-критички изданија, симпозиуми, монографии, речиси и нема автор, започнувајќи од Блаже Конески, Васил Иљоски, Харалампие Поленаковиќ, Георги Сталев, Гане Тодоровски, Ванчо Тушевски и многу други кои не пишувале за неговото дело, но секогаш одново и одново сведочејќи за залогот и печатот кој го оставил, не само како поет, ами како општественик и поборник против елинизмот, иницијатор за воведување на народниот јазик во училиштата и во црквите и неуморен борец за обнова на Охридската архиепископија.

Григор Прличев (седи лево) до Димитар Узунов
Денес ја имаме привилегијата многу посестрано и културолошки (интердисциплинарно) потемелно да го проучуваме делото на Прличев, но и на останатите писатели од 19 век. Тоа е и основна дејност на Одделението за македонска литература во 19 век, при Институтот за македонска литература, во Скопје, и на таа идеја и мисија сме искрено и целосно посветени.
Според мене, кај Прличев освен со мајсторски извезените „Сердарот“ и „Скендербег“, предизвик претставуваат проучувањата и научните проникнувања на неговите останати творби, на пример словата и беседите, негови кратки белешки, „Автобиографијата“ и есејот „Мечта на еден старец“.
Според Вас, која е најголемата улога што Прличев ја одиграл во однос на македонскиот јазик и литература во овој преродбенски период?
– Ни го оставил најубавиот аманет: Спознај се, чувај се себеси – чувај ја татковината. Тоа е Прличевиот лајтмотив во просветните и културните ангажмани, во низата слова, беседи и проповеди, преку кои станал подвижник на македонската национална преродба.
„Чумóтие разум, кога тој ти велит чувајсиа таткојната и љубиа неа појке от сфе потем господа и потем цара, а ти си ја продааш таткојната за ошчо, … Госпот ти даде разум, и ти рече чувајсе. А ти се нечуваш, та тргаш. Ех! Кој ти е кабаетлија! Ние не можиме да речиме оту сме живи. Ние ушче на живот сме мртви …“ со овие зборови Прличев, им се обратил на охриѓани во 1866 година, (Слово, „Чувај се себеси“).
И секоја туѓа пропаганда или уште полошо – наша сопствена дилема и неосвестеност околу авторите и состојбите во 19 век, треба да ни претставува мотив постојано да ги препрочитуваме, анализираме, промовираме и актуализираме на научно и популарно ниво, за да се сочуваме себеси, како што вели Прличев. Ѓуркова, меѓу другото осврнувајќи се на тоа дека „Мотивот за Прличев не биле признанијата и најдобриот начин на однесување кон неговото дело е да се открива и да се кажува вистината, а за вистината секогаш има време“, ќе заклучи дека „Делата и судбините секако, самите најубаво зборуваат за луѓето“, па според тоа и Прличевата улога е во фактот што неговото дело, ќе продолжи да живее вечно!
Фото: Институт за македонска литература





