Во кореографија на Ирена Лозинска, вечерва во 20 часот на малата сцена на Драмскиот театар од Скопје ќе биде изведен перформансот со карактер на танцов театар, „Безвременски прикаски“. Ова е втора претстава од Неделата на независниот театар, што синоќа беше отворена со изведбата на „Еволуцијата на насилството“ на „Артема“. Младите актери ја наполнија малата сцена до последно столче.

Екипата на „Еволуцијата на насилството“
Музички соработник и композитор на „Безвременски прикаски“ е Енес Беговски, за видеоарт се погрижи Доријан Миловановиќ. Играат: Исидор Јованоски, Ана Левајковиќ Бошков, Хакан Даци и Нела Павловска.
Творештвото на Франц Кафка се смета за едно од најинспиративните творештва, поради неговиот специфичен стил на изразување преку апсурд. Повеќето од неговите дела, изразени преку апсурд и метафоричен приказ на ликовите, и покрај тоа што се пишувани во почеток на 20-от век, остануваат безвременски, па така љубителите на театарот можат да се поистоветуваат и да се пронајдат во неговите дела до денешен ден.
Станува збор за перформанс кој со јазикот на разните танцови стилови, современ танц, Буто техника, импровизација, актерски задачи и текст од самиот автор, преку кореографија, сценски движења и различен тип на театар, четирите актери ќе ни ги интерпретираат литературните светови на големиот Кафка. Имено, овој преформанс говори за нарушени семејни односи, депресијата, осаменоста, монотонијата на животот , отуѓување, губење на авторитетот, емотивни пресврти, сето она што секојдневно го доживуваме и преживуваме, сето она кое било напишано тогаш, а се’ уште го живееме и денес.
На екранот (во позадина) има проекции кои ги надополнуваат приказните во сцените. За време на претсатвата, на просцениумот (во аголот) е и изведувачот на амбиентална музика со неговиот ударен инструмент Handpan и придружните музички ефекти,во живо. Со комбинирање на различни стилови на танц со кореографии и овој тип на музичка изведба, се придонесува претставата да добие исклучително и посебно искуство за публиката.




