Војдан Чернодрински, 150 години отпосле

Пишува: Ана Стојаноска, писателка, театролог, професорка на ФДУ – Скопје, уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп

Македонскиот театар и македонската драма не би биле тоа што се денес, без Војдан Чернодрински. Македонскиот театар и македонската драма, не би биле тоа што се денес и без Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп. Македонската драма и театар, своите почетоци би ги започнале на некое друго место, во некое друго време, да не бил ентузијазмот, љубовта, потребата и пркосот на Војдан Чернодрински. Ова не е само текст посветен на големиот и важен јубилеј – 150 години од раѓањето на Војдан Чернодрински. Ова е текст посветен на значењето на Војдан Чернодрински за македонската култура, но и еден текст кој треба да остави трага во процесот на зачувувањето на македонското културно наследство.

Првата причина, всушност беше таа. Секојдневно занимавајќи со театарската историја, главната забелешка ми е дека ние немаме некој однос кон нашата традиција и наследство. Како што тоа ни го кажуваше на часовите професорката Јелена Лужина, ние треба да се гордееме дека сме наследници на Џинот, Чернодрински, Прличко …

За жал, нашиот однос како култура кон традицијата е донекаде проблематичен (да не напишам некој посилен збор) и затоа сметам дека ваквите текстови ќе придонесат на некој начин Чернодрински (а богами и македонската театарска традиција) да биде забележан уште посилно во она што би го нарекле историјата на македонската драма и театар. За наша среќа, првите сериозни истражувања на феноменот Чернодрински ги направи професорот Александар Алексиев, ги продолжи професорката Јелена Лужина, па јас еве вака до денес ги наследувам и се обидувам да ја продолжам таа традиција со своите наследници – студентите и асистентката, да ја зачуваме трагата затоа што Чернодрински е повеќе од само еден драмски автор, еден театарски режисер, еден продуцент, еден актер.

Чернодрински е основата – темелот на македонската драма и театар и затоа е важно да се обележи и овој негов јубилеј. Неговото значење за нас е огромно, затоа и се обидувам и со фестивалот што моментално го водам и го носи неговото име, да придонесеме, не само кон зачувувањето на театарското наследство, туку и кон создавање на сериозно нов пристап кон театарот и развивање на македонската драматика. Мислам дека Чернодрински е доволно добра инспирација за фестивалот и за луѓето што се во неговото јадро, да ги инспирираат авторите да создаваат повеќе домашни драми, а режисерите и продуцентите да ги поставуваат тие драми. Затоа што како театарска култура ние имаме сериозна традиција на создавање македонска драма и тоа токму благодарение на Војдан Чернодрински (1875 – 1951).

Роден на 15 јануари 1875 година во селото Селци, Дебарска Жупа, во семејството на Ѓурчин Кузманов Славковски од истото село и мајка му Кита Новева од селото Ржаново, Охридско, како второ машко дете (постариот брат се викал Јосиф, а помладите се Васил и Славе и сестрата Ангелина), чија драматичност, можеби судбински ја инспирирала неговата борбна и неговата љубов кон театарот. Постојано во селидба, во „бегање“ (и метафорично, но и вистинито, затоа што скоро во секоја приказна поврзана со Чернодрински се споменува сликата на неговата мајка што го убива Арнаутот, чија банда влегла во нивниот дом и попот Ѓурчин што со целото семејство се сели прво во Охрид, па во Софија, а младиот Војдан учи и во Охрид, и во Солун, па во Софија), тој и односот кон театарот го развива во патувачка форма, затоа што поинаку и не можело. Во периодот од 1901 до 1924 година, Војдан Чернодрински ги формирал и бил активен со следниве театарски групи: „Скрб и утеха“, „Столичен македонски театар“, „Македонски театар“, „Македонско-одрински театар со оркестар“, „Македонска трупа“, „Македонски илинденски зговор“ и Театар „Илинден“. Театарот за Чернодрински не бил место за забава, театарот имал функција, ангажман, па дури и отпор. Според големиот театарски уметник Илија Милчин, Војдан и Марија Чернодрински со своите театарски дружини ја спроведувале и мисијата за ослободување на македонскиот народ.

Во неговиот труд „Театарот на Чернодрински“, објавен во зборникот „Прилози за историјата на македонскиот театар“ (2000), наведува дека Војдан и неговата сопруга Марија Чернодрински неколку сезони се професионални актери во Народниот театар во Софија, Бугарија, а потоа си отишле „за да се посветат само на мисијата на ослободителното дело, зашто никогаш не го сфаќале театарот, не само како средство за забава, туку секогаш исклучиво како дел, и тоа суштински, од борбата за ослободување на нашиот народ и земја“(Милчин, 2000: 87-88).

Ана Стојаноска

Во сите негови напишани драми се гледа таа потреба да се пишува, а пишувањето и претставите се неговото оружје во тоа време. Од „Дрварите“ (1895), „Во меаната“ (1895), „Македонска емиграција“ (1897), „Македонска крвава свадба“ (1900), „Од глаата си патиме“ (1902, „Робот и агата“ (1902), „Зло за зло“ (1903), преку „Срешта“ (1903), „Мајстори“ (1903), „Духот на слободата“(1909), „На реката“ (1921), „На Нова година“ (1921), „Цар Пир“ (1921), па се до „Бурите на Вардар“ (1925), „Цвета војвотката“ (1929) и „Слав Драгота“ (1930), Чернодрински и останува верен на својата мисија.

Да замислиме, еден млад човек и неговата сакана жена во мисија да проговорат јавно за страдањето на сопствениот народ. Да замислиме, еден драмски автор кој учи да пишува искуствено, гледајќи претстави и правејќи претстави на еден митски чудовит начин (долго ќе се раскажува митот за создавањето на „Македонска крвава свадба“ – како не била напишана во целост кога почнале пробите и како ја завршувал во брзина пред самата премиера, па затоа крајот и е некако краток и последниот чин најкраток, а првиот најдолг; долго ќе се раскажува и митот за праизведбата на истата таа „Македонска крвава свадба“ – дека се запишувале за одење комити луѓето од публиката, па полицијата во Софија го чувала просторот околу „Славјанска беседа“, колку и да нема факти за тоа). Да замислиме еден театарски режисер и продуцент, уште пред да биде познато што значат овие термини кај нас, кој се бори да ги покаже своите претстави секаде каде има публика гладна за театар.

И најпосле, без замислување да му ја отстапиме заслужената благодарност за тоа што ги втемелил македонската драма и театар. Би требало да му се заблагодариме за:

За борбата на македонскиот народ (да не беше тој негов пркос, немаше Горан Стефановски да го измисли Војдан како лик во драмата „Тетовирани души“);
„Македонска крвава свадба“ (да не беше таа, Дејан Дуковски немаше да ја напише денес култната драма „Балканот не е мртов“);
Сите напишани драми (да не беа, македонските драмски автори што го наследија ќе немаше од каде да почнат, а исто и Горан Стефановски немаше да ја напише „Чернодрински се враќа дома“);

Вакви факти има уште многу. Она што е важно на овој ден е да забележиме дека Чернодрински покажа како се создава театар во секакви услови, како се создава драма, како се остава трага низ кревката историја. 150 години од раѓање е голем јубилеј, а ќе биде уште поголем кога македонската култура ќе ги зачува сите свои претходници, сериозно и достојно онака како што заслужуваат.

(Мала попатна забелешка, на крајот на записот на Спомен – плочата на Војдан Чернодрински на ѕидот на неговата родна куќа, што ја постави професорот Александар Алексиев, пишува „Благодарна Македонија“, се надевам дека сме такви и до денес, но и понатаму).

Користена литература:
Лужина, Ј. (прир.). (2000). Прилози за историјата на македонскиот театар, зборник на трудови. Прилеп: МТФ „Војдан Чернодрински“.
Лужина, Ј. (прир.) (2000). „Македонска крвавба свадба – сто години подоцна“, Скопје: Матица македонска.
Стојаноска, А. (2023) Македонска драма и театар – современи рефлексии, Скопје: УКИМ.

Сподели