Ако се земат предвид состојбите во кои се наоѓаат високото образование и науката на почетокот на оваа 2025 година, очигледно е дека во меѓувреме не се направени никакви обиди да се преземат какви било мерки и политики за надминување на овие круцијални проблеми во државава, заради што состојбите во високообразовната и научната дејност продолжиле да се влошуваат, вели академик Глигор Јовановски
По 33 години независност и 80 години од прогласувањето на македонскиот за службен јазик на Македонија, кон крајот на 2024 година од печат излезе едно исклучително важно издание, речникот „Македонска научна и стручна терминологија – Хемија“. Промоцијата се одржа на почетокот на декември во преполната сала на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Изданието поделено во два тома содржи листа од 3.743 поими од областа на хемиската терминологија. За вакви монументални изданија „никогаш не е доцна“, вели академик Глигор Јовановски, раководител на проектот „Хемиска терминологија“. Во интервјуто за Умно.мк тој зборува за идејата како настана речникот, но и за состојбите во образованието, науката и третманот на хемијата како наука денес.

Академик Глигор Јовановски
2024 година ја одбележа едно исклучително важно издание, „Македонска научна и стручна терминологија – Хемија“. Како се роди идејата за едно вакво, енциклопедиско издание на термините поврзани со хемијата?
– Од 1984 до 2017 година објавени се определен број текстови на професори од Институтот за хемија на Природно-математички факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кои се однесуваат на оваа проблематика. Така, во 1984 година во Билтенот на Одборот за изработување на македонска терминологија при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Димче Тошев и Благоја Топузовски го објавуваат првиот текст од областа на хемиската терминологија, кој се однесува на имињата и симболите на хемиските елементи во македонскиот јазик. Во истиот Билтен во 1988 година им се придружува и Бојан Подолешов и ја објавуваат терминологијата по хемија за буквата А, меѓутоа не постојат податоци во литературата дека продолжило објавувањето на терминологијата по хемија за другите букви.
Посериозни обиди се направени во 1986 година кога Подолешов, Мирко Коруновски и Зоран Здравковски, во издание на МАНУ, ја објавуваат Номенклатурата на органската хемија (Секции A, B и C). Во 1995 година, пак, Тошев во Македонска терминологија при МАНУ, ја објавува Терминологијата од областа на неорганската хемија. Од 1999 до 2017 година, Бојан Шоптрајанов објавува серија од 12 написи во Гласникот на хемичарите и технолозите на Македонија (подоцна Macedonian Journal of Chemistry and Chemical Engineering) што се однесуваат на Белешки за јазикот на хемијата. Во нив, покрај другото, подробно се дискутираат определен број терминолошки одредници од областа на хемијата, на пример, молекула, супстанца, честичка итн. Во Гласникот на хемичарите и технолозите на Македонија од 1990 до 1994 година, јас со колегите Здравковски и Шоптрајанов, објавивме серија од пет труда што се однесуваат на македонските термини за физичките величини во хемијата и нивните придружни единици и симболи.

Но, сиве овие обиди се поединечни, парцијални и несеопфатни и имаше потреба да се подготви и да се објави сеопфатна терминологија од областа на хемијата. Така Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ), на почетокот на 2019 година донесе одлука да се формира посебна Секција (и избра нејзин раководител) во чии рамки ќе се работи на подготовка на терминологија по хемија. Имајќи предвид дека во МАНУ од нејзиното формирање се работи на макропроект Македонска научна и стручна терминологија, беше предложено проектот од СХТМ да се реализира во рамките на наведениот макропроект во МАНУ. Предлогот беше прифатен и од 2019 година започна подготовката на хемиската терминологија.
Изданието содржи објаснети поими и за ученици кои за првпат се среќаваат со оваа наука, за пошироката јавност и за комплексни процеси со кои се занимаваат професионални хемичари и научници. По што се водевте во конципирањето на речникот?
– Во терминологијата опфатени се секако термини од областа на хемијата, но и определен број термини од тематски сродните или гранични области (физика, минералогија, кристалографија, геологија, медицина, фармација, биологија, хемиско инженерство, градежништво и сл.). Според CAService Registry Number, бројот на регистрирани хемиски соединенија изнесува над неверојатни 200 милиони и постојано се зголемува (со темпо од околу 15.000 соединенија дневно). Од нив, околу 350.000 соединенија се регистрирани за производство и употреба. Во книгава се наведени сите хемиски елементи од Периодниот систем, но само најпознатите и најчесто среќаваните и употребувани хемиски соединенија во секојдневниот живот и во стопанството, кои главно, се изучуваат во средното образование.
При конципирањето на речникот, како појдовна основа за собирање на што посеопфатен број термини од областа на хемијата ни послужија повеќе од 25 илјади терминолошки одредници собрани од индексите на преведените (од англиски на македонски) седум книги по хемија од 2007 до 2013 година, како и оксфордското шесто издание на Речникот по хемија.
На собирањето и систематизирањето на овие термини интензивно работеа научните соработнички при Центарот за животна средина и материјали од МАНУ, Катерина Бачева-Андоновска и Александра Иваноска-Дациќ, како и проф. Миха Буклески од ИХ при ПМФ, Скопје. Притоа, дефинирана е листа од 3.743 термини кои влегоа во наведениве два тома на книгата од областа на хемиската терминологија.

Од промоцијата во МАНУ, фотографии од соработниците вклучени во изработката на изданието
Во наредната фаза од подготовката на книгава овие термини беа рамномерно распределени кај научните соработнички Иваноска-Дациќ и Бачева-Андоновска и кај професорите од ИХ при ПМФ: Владимир Петрушевски, Слоботка Алексовска, Јане Богданов, Миха Буклески, Орхидеја Групче, Владимир Ивановски, Јасмина Петреска-Станоева, Трајче Стафилов и Марина Стојановска. Тие подготвија првична верзија на текстови за избраните терминолошки одредници, кои потоа беа собрани во една целина по азбучен ред и внимателно редактирани од страна на раководителот на проектот и главен уредник на монографското издание.
Речникот е подготвен според меѓународните стандарди, вклучувајќи ја номенклатурата од IUPAC (Меѓународна унија за чиста и применета хемија), со што се обезбедува глобална релевантност и точност. Од 2019 до 2024 година на речникот работеше мултидисциплинарен тим, во којшто покрај хемичари, учествуваа и терминолози и лингвисти (Бобан Карапејовски, Екатерина Терзиоска, Николче Мицкоски, Ирина Бабамова и Силвана Симоска). Овој процес опфаќаше извлекување на соодветните термини, прочистување на дефинициите и јазично усогласување.
Изданието содржи два тома (Хемија I и Хемија II) и на безмалку 1.000 страници ги содржи одбраните 3.743 терминолошки одредници по хемија за сите букви од А до Ш. Покрај печатената верзија на двата тома, подготвена е и заедничка електронска ПДФ-верзија на двата тома чијшто број на страници изнесува околу 800. Покрај овие две верзии, речникот ќе биде достапен и на веб-адресата https://term.manu.edu.mk/chemistry, на платформата Lexonomy. Оваа дигитална верзија содржи посовршени можности за пребарување, вкрстени референци и релација меѓу јазиците и претставува многу корисен ресурс за наставниците, истражувачите и студентите. Секако дека, покрај вложените напори грешките и пропустите во книгава да се сведат на што е можно помал број, провлечени се одредени недостатоци и грешки, и веројатно, определен број терминолошки недоследности кои во иднина треба да се исправат, да се усовршат и да се надополнат. Укажувањата за направените грешки и пропусти ќе се собираат, анализираат и прифатените сугестии за промени ќе бидат систематски внесувани во електронската верзија на речникот.
Ова е прв терминолошки речник по хемија на македонски јазик. Зошто требаше да поминат 33 години од осамостојувањето на Македонија за вакво базично издание да ја доживее светлината на денот?
– По 80 години од донесувањето на одлуката на заседанието на АСНОМ во 1944 година дека „Во македонската држава како службен јазик се заведуе народниот македонски јазик“ и исто толку години изведување настава на македонски јазик во основните и средните училишта по сите предмети, па според тоа и по хемија, потоа по 78 години високошколска настава во Македонија на сите видови студии (вклучувајќи ја и хемијата), како и по изминативе 33 години од осамостојувањето на Македонија, конечно се објави терминолошкиот речник по хемија.

Јовановски ù врачува на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова примероци од двата тома на терминолошкиот речник по хемија
Речникот, секако, можело да се издаде и порано, но во случајов не ни преостанува ништо друго, освен да се раководиме според правилото дека, „никогаш не е доцна“. Сепак, сметам дека било потребно да се создадат одредени предуслови за негово издавање. Тука пред сè, мислам на потребата од акумулирање на повеќегенерациски, а со тоа и повеќедецениски знаења од областа на терминологијата. Би го навел и потребното време за созревање на нашите сфаќања и согледби дека стручните и научните термини од областа на хемијата, покрај тоа што треба да бидат во согласност со меѓународните стандарди, вклучувајќи ја тука и номенклатурата од IUPAC (Меѓународна унија за чиста и применета хемија), со што се обезбедува глобална релевантност и точност, треба да се и во склад со духот на нашиот македонски јазик. Не треба да се занемарат и благодатите што во ова време ги нуди пристапот кон интернет, а со тоа и кон богатството електронски верзии на разновидни податоци и сознанија од областа на науката воопшто (па според тоа и хемијата), како и користењето на придобивките од развојот на информатичките технологии кои овозможуваат побрзо и поквалитетно техничко средување на изданието.
Објавувањето на овој хемиски речник би требало во иднина да овозможи унифицирано користење на хемиските терминолошки одредници во процесот на образованието (пред сè, подготовката на учебници), како и во процесот на научната и стручната работа од областа на хемијата и сродните гранични дисциплини (пишување на дипломски и магистерски работи, докторски дисертации, стручни трудови, проекти, елаборати и сл.). Ова дело го посветивме на нашиот Учител, академик Бојан Шоптрајанов, кој беше еден од иницијаторите и поддржувачите на идејата за изготвување на македонската хемиска терминологија и меѓу првите објавуваше прилози за јазикот на хемијата.
Со децении сте дел од образовниот процес и имате одличен увид во хронологијата на третманот на науката во Македонија. Кога нештата тргнаа удолу, до денешнава ситуација, научните установи да кубурат со кадар, да нема научни истражувања, следствено на тоа постојано да паѓаме на светските ранг-листи?
– Моето 55-годишно учество во високообразовниот процес и научно-истражувачката работа го карактеризираат два периода: 21 година во рамките на Македонија како членка на Југословенската федерација (1970-1991) и 34 години во рамките на самостојна Македонија (1991-2025). Не би знаел да кажам кој бил процентот од БДП којшто се издвојувал за развој на високото образование и за науката во првиот период, но многу добро се сеќавам дека заминувањето на универзитетски професор во пензија беше проследено со распишување конкурс за избор на млад асистент, а редовно се распишуваа и републички конкурси за финансирање на научно-истражувачки проекти. Се водеше сметка и за обновување на опремата за научно-истражувачка работа, а се набавуваше и научна литература. Средствата од овие проекти пред сè овозможуваа да се организираат и изведуваат научни истражувања во кои се вклучуваа младите соработници кои се воведуваа во тајните на науката. Дел од овие средства овозможуваа учество на наши научно-истражувачки кадри на разни научни конгреси и симпозиуми во рамките на тогашната федерација, но многу често и надвор од неа, во поразвиениот свет. Од средствата на овие проекти, дури беше предвидена и исплата на три (како што тогаш се нарекуваа) лични доходи.

Од промоцијата во МАНУ
За жал, по осамостојувањето на Македонија во 1991 година, само еден кус период од неколку години (можеби десетина) се распишуваа редовни конкурси за избор на млади соработници на факултетите. Распишувањето конкурси за национални (републички) проекти, колку што мене ми е познато, престана некаде пред 15 години (во 2009 година). Иако во меѓувреме (од 2000-тата па наваму), одвреме-навреме се вршеа спорадични избори на млади соработници на некои од факултетите, несистематското подмладување на кадарот создаде голем генерациски јаз и стареење на кадарот чии фатални последици врз високообразовниот процес, а со тоа и врз научно-истражувачката работа веќе наголемо ги чувствуваме. Секако, како последица на тоа, се случуваат (како што Вие ги нарекувате) постојаните паѓања на светските ранг-листи. Што се однесува до набавка на научно-истражувачка опрема, во периодот после осамостојувањето, во два наврата (во 2012 и во 2021 година) Владата на Република Македонија издвојуваше одредени средства за оваа намена.
Сè додека во државава не се развие критична свест и не сфатиме дека издвојувањата за образование, наука, истражување и развој треба да се третираат како инвестиција во иднината на земјата, а не како трошок, овој тренд на понатамошни падови во образованието и науката ќе продолжи и ќе ја зацврсти земјава на дното од Европа. Развивањето на критична свест подразбира долгогодишно работење врз подготовка на сеопфатна и долгорочна натпартиска стратегија за научно-истражувачка работа во Република Македонија во која би биле воспоставени приоритети за развој на определени научни подрачја, полиња и области. Во неа, според мене, приоритет треба да добијат фундаменталните и природните науки (физика, хемија, биологија, математика, геологија, минералогија), кои во развиените општества претставуваат основа за развојот и унапредувањето на применетите науки (медицина, фармација, машинство, електротехника, градежништво, архитектура, металургија, земјоделство, шумарство), како и многу важните интердисциплинарни науки како што се животната средина, науката за материјалите, биохемијата, астрофизиката, биофизиката, геохемијата, итн.
Како денес би го опишале третманот на хемијата и во образовниот и во научниот процес? И кои се првите чекори што треба да се направат за да тргнат нештата во подобра насока?
– Со оглед на тоа што веќе околу 15 години сум во пензија, не би можел да кажам дека сум добар познавач на состојбите врзани за третманот на хемијата во образовниот процес на ниво на основно и средно образование. Сепак, од повремените контакти со нашите поранешни студенти од двопредметните студии на ПМФ, како и студентите од наставната насока по хемија на Институтот за хемија, имам сознанија дека за изведување на квалитетна настава по хемија, скоро во сите случаи, на професорите им недостасуваат опремени лаборатории за изведување на експерименти. Тие овозможуваат да се развива истражувачкиот дух и љубопитноста кај учениците, ја развиваат нивната креативност и критичко размислување, наспроти сувопарната и апстрактна теоретска настава по хемија. Професорите истакнуваат дека одредени проблеми создава и некомпатибилноста на програмите по хемија во основното образование, од една страна, и оние од средното образование, од друга. Ако кон тоа се додадат и ниските плати на професорите во образовниот процес коишто го девалвираат достоинството на наставничката професија, очигледно дека третманот на образованието (па според тоа и на хемијата) во нашата земја е на многу ниски гранки.
Третманот на хемијата во високообразовниот и во научниот процес кај нас е во најголема мерка условен од создавањето на генерацискиот јаз во изминативе над две децении, кој предизвика драстично стареење на кадарот за изведување на високошколската настава, како и негова вклученост во научно-истражувачката работа. Состојбата со опременост на лабораториите со научно-истражувачки инструменти е, би се рекло, релативно добра (за наши услови – задоволителна), меѓутоа залечувањето на негативните последици од веќе создадениот генерациски јаз не може да се изврши во краток временски рок и да се подобрат состојбите. За подобрување на тие состојби потребно е континуирано вработување на млад кадар во период приближно еднаков на времето поминато за создавање на споменатиот јаз.

Од промоцијата во МАНУ
Првичниот чекор којшто треба да се направи за нештата во нашето девалвирано образование (во сите нејзини степени) да тргнат во подобра насока е да сфатиме дека образованието и научните истражувања треба да ги третираме како клучни фактори за развој и зајакнување на едно општество кои овозможуваат зајакнување на нејзината национална економија и добросостојба на граѓаните. Мерките за нивното подобрување не треба да се донесуваат брзоплето и врз основа на еднострани политички одлуки, туку да се обмислуваат темелно и да бидат засновани на анализирање на постојните состојби во предимензионираното високо образование (6 државни универзитети, 1 приватно-јавен универзитет и 25 приватни универзитети со над 130 факултети). Во донесувањето на идни решенија за подобрување на состојбите треба да бидат вклучени сите релевантни стручни и научни кадри во земјава.
За подобрување, пак, на состојбите со науката воопшто (па според тоа и од областа на хемијата), потребно е нашите политичари да сфатат дека, покрај другото, без издвојување на средства за работење врз реализација на домашни научно-истражувачки проекти, не може да се очекува изведување на доволно квалитетна високообразовна дејност и развој на научната дејност, а со тоа и општ напредок и развој на нашата земја. Со годишно издвојување на околу 0,20-0,40 отсто од БДП за наука во изминатите две децении, нашата земја се зацврсти на дното од Европа. Со кое право тогаш, тие што се одговорни за настанатите состојби се прашуваат, како тоа, нема наш универзитет на листата од 1.000 најдобри универзитети во светот?
Редовен член сте на МАНУ од 2006 година. Колку државата ја вклучува Академијата во своите политики, особено на полето на науката?
– МАНУ во минатото, во соработка со разни министерства на Република Македонија, има објавено повеќе стратегии и тоа: Национална стратегија за економскиот развој на Р. Македонија, Развој и модернизација ((1997 г.); Стратегија за извоз на Р. Македонија (1999 г.); Стратегија за развој на земјоделството во Р. Македонија до 2005 година (2001 г.); Стратегија за унапредување на здравствената заштита на населението во Р. Македонија до 2010 година (2001 г.); Стратегија за развој на енергетиката во Р. Македонија до 2030 година (2010 г.); Стратегија за искористување на обновливите извори на енергија во Р. Македонија до 2020 година (2010 г.), но ниедна од нив не се однесува на развојот на науката. При одбележувањето на 50 годишнината од постоењето, МАНУ во 2017 година објави монографија под наслов Приоритети на идниот развој на Република Македонија, во чии рамки беше опфатено и поглавјето Образование, наука и истражување и развој. Во рамките на ова поглавје беше направен осврт на состојбите и проблемите во високото образование и науката, потоа беа набележани основните принципи за промени и трансформација на високообразовната и на научната дејност, и на крајот, беа предложени мерки и политики за надминување на проблемите.

Од промоцијата во МАНУ
Ако се земат предвид состојбите во кои се наоѓаат високото образование и науката на почетокот на оваа 2025 година, очигледно е дека во меѓувреме не се направени никакви обиди да се преземат какви било мерки и политики за надминување на овие круцијални проблеми во државава, заради што состојбите во високообразовната и научната дејност продолжиле да се влошуваат. Познато е дека МАНУ неодамна изрази подготвеност да ја прифати иницијативата и, заедно со универзитетските професори и научната заедница, да изработи заедничка Стратегија за развој на Македонија до 2050 година. Да се надеваме дека ќе опстоиме на оваа изразена подготвеност и ќе подготвиме Стратегија, но сметам дека многу поважно ќе биде определбите на Стратегијата да бидат реализирани.
Последните месеци едно од прашањата што ја засега МАНУ е иницијативата за формирање албанска академија на науките. Како е Вашиот личен став за ова прашање?
– Според мене, од интерес за науката и уметноста во Македонија, (а и за државата во целост) е, кандидатите кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во Македонската академија на науките и уметностите (независно од етничката, верската и каква било друга припадност), да бидат примени во неа.





