Креирањето современа македонска културна политика бара промислување во соединувањето на автентичниот код со отвореноста кон актуелните светски текови, вели Љутков
Долгорочна национална стратегија за филм, национална стратегија за културен туризам, вложување во младите, продолжување на капиталните проекти што беа во застој и почнување нови, најавува министерот за култура и туризам Зоран Љутков во интервјуто за Умно.мк. „Наследивме многу проблеми, очекуваме пречки, но верувам дека ќе успееме“, вели тој.
– Еден од најголемите предизвици на министерската позиција е токму воведувањето новини, покрај обезбедување континуитет и раст на културниот сектор. Креирањето современа македонска културна политика бара промислување во соединувањето на автентичниот код со отвореноста кон актуелните светски текови – вели Љутков.
Помина половина година откако го презедовте раководството на Министерството за култура и туризам. Како би ги опишале изминатите 6 месеци? Каде ги лоцирате најголемите проблеми во овој сектор?
– Кога се презема нова улога, особено во сферата на културата и туризмот, важно е да се направи детална анализа на состојбите од кои се тргнува. Иако бев добро упатен во актуелните предизвици, потребата да се запознаам со целокупната документација на Министерството беше неизбежна. Овие прегледи на наследените процеси се клучни за проектирањето на идните програми и цели. Искрено, изминатите месеци беа исклучително тешки. Иако бевме свесни за лошите трендови во раководењето на Министерството, она што го затекнавме беше длабоко шокантно. Наследивме значителни недостатоци, лошо управувани политики, недостиг на квалитетни проекти, дезориентирано лидерство, сервилност и штетни компромиси кои ја поткопаа македонската култура. Клиентелизмот и злоупотребите на буџетот станаа норма, а културата, наместо да биде столб на нашиот национален идентитет, се соочи со деградација на колективниот дух и запуштање на нашето културно наследство. Негрижата за уметниците и вработените во културата, неодговорниот однос кон институциите, беа само последици на безличното владеење на мала група луѓе, кои залутаа во културните лавиринти на нашата земја.

Зоран Љутков
Сега е време за сериозни и квалитетни проекти, за значајни вложувања во културата и туризмот, за засилена грижа за нашето културно наследство и враќање на достоинството на сите уметници и вработени во културата. Време е да ги ангажираме најстручните капацитети со кои располага Македонија и да создадеме услови за нормално културно живеење на сите нивоа во општеството. Длабоко сме свесни за предизвиците, знам дека не е лесно и не можеме веднаш да ги постигнеме целите. Пред нас стојат наследените буџетски проблеми, очекуваме тешкотии и пречки, но верувам дека ќе успееме.
Министерството за култура за првпат се спојува со секторот туризам, една од најкрупните промени во ресорот во независна Македонија. До каде е оваа интеграција? Кога очекувате да ги видите првите резултати и во кои сектори?
– Така е. Со одлуката да ги интегрираме културата и туризмот, како Влада се осмеливме да направиме значаен чекор што ќе поттикне афирмацијата на сите богатства и убавини што ги има Македонија, а досега не беа доволно промовирани. Ова не само стратешки потег туку и пат кон економски просперитет. Спојувањето на Министерството за култура со секторот туризам претставува важен момент за зацврстување на културниот идентитет на Македонија и неговата промоција на глобалната сцена. Овој процес е осмислен како платформа за развој на културниот туризам – еден од најдинамичните сектори во светската економија. Нашите културни богатства, природни реткости, гастрономски специјалитети и традиции се потенцијали кои заслужуваат да бидат споделени со светот. Македонија е богата со нераскажани приказни, и со оваа интеграција сакаме да ги пренесеме во духот на современото време.

Љутков со комесарот за културни врски на Јапонија, Шуничи Токура (десно) на потпишување на Меморандум за соработка во областа на културата
Интеграцијата напредува. Формирани се заеднички работни групи кои ги анализираат културно-историските потенцијали на нашата држава и начинот за нивно ефективно претставување преку туризмот. Подготвуваме национална стратегија за културен туризам, која ќе ги дефинира нашите приоритети, ресурси и акциски планови за следните пет години. Очекуваме првите резултати да се видат веќе во следната туристичка сезона. Ова здружување на двата сектора подразбира ангажирање на професионалците во овие области, кои, убеден сум, знаат како да ги развијат креативните индустрии, како лидерска гранка за промоција и економски придобивки за нашата држава. Клучно е сите чинители во овој процес да бидат уверени во позитивните ефекти што ќе ги постигнеме. Оваа интеграција ќе доведе до зајакнување на културниот идентитет на македонскиот народ и на другите етнички заедници, зголемени инфраструктурни инвестиции, развој на општините и промоција на богатото културно наследство. Сакаме да допреме до нашето население, да ја разбудиме нивната креативност и менаџерски способности, што ќе резултира со значителна туристичка промоција на државата.
Крајот на 2024 година донесе значајни археолошки откритија. Македонија е земја со богато културно наследство кое може да се експлоатира во економски цели, сепак институциите кубурат со кадар, особено со конзерватори. Јавна тајна се партиските вработувања што се протежираа со децении, практика што создаде блокирани институции во кои и постоечкиот кадар честопати е нефункционален. Како ќе го решите овој проблем?
– Сите чувствуваме голема радост, гордост и одговорност поради епохалните откритија на локалитетот кај село Корошишта, Струшко. Овие значајни наоди и самиот тек на истражувањата ни дадоа нова надеж за враќање на достоинството на археологијата во нашата држава. Тие не само што го потврдуваат богатството на нашето културно наследство туку и насочуваат нашата генерација да работи со ентузијазам на расветлување на културните слоеви на нашата земја. Да, институциите се соочуваат со значајни предизвици во однос на недостигот од кадар, особено конзерватори. Поради недоволната грижа за заштитата на културното наследство, намален е интересот на студентите за овие дисциплини, што, со текот на времето, доведе до недостиг на активен стручен кадар. Овој проблем не е единствен. Планираме системско решавање преку стимулирање на образовните програми и соработка со меѓународни образовни институции.

Прес-конференција и презентација на наодите од Корошишта, Струшко
Во изминатите месеци имав средби со високи претставници од Италија и од Франција, со кои веќе имаме воспоставено соработка во областа на заштитата на културното наследство. Продолжуваме со позитивните практики за усовршување на нашите институции преку Меѓународната школа за културно наследство во Рим, како и со поддршка од француските експерти за различни техники во заштитата. Договоривме и нова соработка со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, што резултираше со успешна конзервација на црквата во Курбиново. Овие примери се само дел од нашите активности, кои произлегуваат од свесноста дека Македонија, како земја со извонредно културно наследство, има обврска не само да го заштити туку и да го стави во функција на културниот и економскиот развој.

Посета на црквата ос 14 век „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, Кумановско
Во однос на кадровските предизвици, работиме на трансформација на кадровската политика. Преку детална ревизија на човечките ресурси во културните институции, ги идентификуваме реалните потреби и потенцијали на постојниот кадар. Крајно време е да ставиме точка на партиските вработувања. Ова ќе го постигнеме преку воведување транспарентни конкурси, базирани на компетенции, искуство и професионализам. Планираме програми за стипендии и специјализирана едукација за млади конзерватори и археолози, со обврска да се вратат и да работат во државните институции. Интензивно работиме на инвестирање во обука и професионален развој, организирајќи семинари во соработка со меѓународни институции, што ќе ги унапредат знаењето и вештините на постојниот кадар. Целта е да создадеме функционални и одржливи институции, водени од професионалци кои можат да се грижат за богатото културно наследство на Македонија. Првите чекори веќе се преземени, очекуваме видливи ефекти во текот на следните години.
Доаѓате од сферата на театарската уметност. Веќе најавивте санација на МНТ. Кога очекувате завршување на објектите на Турскиот театар во Скопје и на Струмички театар? Што со другите објекти низ Македонија на кои им е потребна итна санација, на пример на Театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп каде се организира најголемиот национален театарски фестивал?
– Состојбата на театарските објекти во Македонија е едно од најзначајните прашања со кои се соочуваме и за што сум длабоко загрижен. Како некој што доаѓа од сферата на театарската уметност, имам длабоко разбирање за важноста на современите, функционални и безбедни простори, кои се основа за создавање квалитетни културни содржини и поддршка на театарските работници. Театарската уметност не е само форма на забавна индустрија; таа е душата на нашето културно наследство. Посветени сме на создавање достојни услови за нејзин развој, сепак, предизвикот што стои пред нас е финансискиот капацитет. Работиме на зголемување на буџетот за култура, со посебен акцент на фондовите за капитални инвестиции. Разгледуваме опции за активирање средства преку програми на Европската Унија и од други меѓународни фондови, како и поттикнување на приватно-јавни партнерства за одржување и модернизација на театарските објекти.

Состојбата на МНТ
Во Турскиот театар во Скопје и во Струмичкиот театар градежните активности интензивно напредуваат по долгогодишни одложувања. Во Турскиот театар до 2026 година треба да завршат инсталациските работи, а објектот да биде целосно завршен во 2028 година. За Струмичкиот театар обезбедени се пари за завршните работи. Дополнително планираме современо техничко опремување, што ќе го постави театарот во рангот на современите театарски сцени. Отворањето е планирано за 2026 година.

Работна посета на објектот Турски театар – Скопје
Свеста за значењето на театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, особено како домаќин на Македонскиот театарски фестивал, е од исклучителна важност. Во моментов има одобрен проект за новиот театар и дозвола за градба. Овој проект е планиран во инвестициските приоритети, а реализација што ќе започне следната година. Секој театар има своја уникатна приказна и сопствени предизвици. Затоа работиме на изработка на национална програма за реконструкција и санација на културните објекти, што ќе се спроведува во фази. Приоритет ќе имаат објектите со најлоша состојба и оние од национално значење. Целта ни е да создадеме театарски простори кои ќе бидат гордост за Македонија и ќе служат како катализатори за развој на културната сцена во целост.
Иако филмот како област е под надлежност на Агенцијата за филм, институција под директни ингеренции на Владата, сепак припаѓа на културата. Како актер по вокација и професија, како гледате на нештата што се случуваат во оваа институција веќе подолго време? Ги поддржувате ли филмаџиите во ставот дека во Македонија „филмот е погребан“? И каде е излезот од оваа состојба?
– Длабоко ја разбирам важноста на филмот како средство за уметничко изразување, национално претставување и културна меморија. Ги слушам гласовите на филмаџиите и свесен сум за предизвиците со кои се соочуваат во Агенцијата за филм и во целокупниот филмски сектор. Од неодамна, Владата назначи нов в.д. директор на Агенцијата и проблемите веднаш почнаа да се решаваат. Се откочија закочените процеси и се надевам дека наскоро Агенцијата ќе добие нормален тек на работа. Филмот не е „погребан“, но со сигурност е во криза, и таа криза бара итни, одговорни и одржливи решенија. Проблемите во оваа сфера произлегуваат од неправилно распределени средства и недостиг на транспарентност, што создава сомнеж во системот за финансирање. Често, партиските влијанија го нарушуваат интегритетот на одлучувањето, а недостигот на стратегија за долгорочен развој на филмската индустрија дополнително ја комплицира состојбата. Оваа криза, исто така, ја истакнува и недоволната поддршка за млади и независни филмаџии, кои се соочуваат со големи пречки во пристапот до финансии за дебитантски и иновативни проекти. И покрај некои исклучоци, македонскиот филм сè уште не успева да се наметне на меѓународната сцена и да ги достигне своите полни потенцијали.
Решение за овие проблеми гледам во транспарентноста и реформите во Агенцијата за филм. Интензивно ќе работам на ревизија на процесот на одлучување и распределба на средствата. Секој проект ќе биде оценуван според неговата уметничка вредност, продукциската издржаност и потенцијалот за интернационален успех. Неопходно е да воведеме јавен увид во финансираните проекти и да ја следиме нивната реализација.

Потпишување на договорот со „Еуроимаж“ за 2024 и за 2025 година
Ќе иницирам изработка на долгорочна национална стратегија за филмот, која ќе вклучува развој на инфраструктурата (филмски студија, техничка опрема), поддршка за сценаристи, режисери и продуценти и активно учество во европските филмски програми, како што е „Еуримаж“. Задоволство ми причинува што деновиве го потпишав договорот со овој престижен филмски фонд во вредност од 9 милиони денари годишен депозит. Така им овозможуваме на македонските продуценти директно да учествуваат во користењето на средствата за ТВ-серии од „Еуримаж“. Ова значи нови можности за копродукциски проекти и значителен напредок во развојот на нашата телевизиска индустрија.
Во однос на ТВ-индустрија, Владата ќе го поддржи телевизискиот проект чија цел е да го прослави животот и делото на Тоше Проески. Се работи за документарен филм и ТВ-серија во неколку продолженија – проект кој ќе има големо регионално значење, бидејќи Тоше е икона не само за Македонија, туку и за целиот Балкан. Носител на проектот е Македонската радио-телевизија, а пари ќе бидат обезбедени од буџетот на Македонија.

Посета на Кинотека
Сметам дека на младите им е потребна засилена поддршка и затоа ќе обезбедиме услови за младите автори да имаат можности да користат специјални фондови за дебитантски филмови, кратки филмови и експериментални проекти. Важна е и стратегијата за привлекување меѓународни копродукции и создавање услови за странски продуценти да снимаат во Македонија, преку даночни олеснувања и логистичка поддршка. Културната дипломатија ни е во фокус, со особено внимание на поддршката на прикажувањето македонски филмови на меѓународни фестивали, за да се вратат видливоста и реномето на нашата кинематографија.
Сакам да упатам порака до филмските работници: Се солидаризирам со вашите легитимни барања. Филмот е витален дел од нашата култура и индустрија што може да создава работни места, да привлекува инвестиции и да промовира македонски приказни низ светот. Верувам дека со реформите што ги најавуваме, оваа криза може да се претвори во можност за нов подем на македонскиот филм. Заедно, можеме да постигнеме многу повеќе и да ја вратиме нашата кинематографија на местото што го заслужува.
Министерката за финансии во два-три наврати во интервјуа како примери посочи професии од културата дека имаат високи плати. Колку се согласувате со Вашата колешка, особено што до пред неколку години кустоси во музеи имаа плати од 18.000 денари?
– Како министер за култура ја разбирам загриженоста на јавноста во врска со изјавите за висината на платите во културниот сектор. Точно дека во последните години беа направени одредени напори за зголемување на платите во некои професии. Сепак, реалноста за многу културни работници е дека нивните примања сè уште не се доволни, особено ако се земе предвид нивниот значаен придонес во зачувувањето и промоцијата на културното наследство.
Таква е ситуацијата и со кустосите што ги спомнавте. Нивните плати до пред неколку години, но и на многу други професии во културата, беа далеку под достоинственото ниво. Денес ситуацијата е подобрена, но сметам дека платите на професионалците во културата не ја одразуваат нивната стручност, одговорност и улога во општеството. Со министерката за финансии делиме заедничка цел – да ја оптимизираме распределбата на средствата во културниот сектор.

Посета на Музејот на Македонија
Мојот став е дека зголемувањето на платите треба да биде дел од системско решение кое ги препознава специфичните потреби и улоги на различните професии. Затоа, работиме на преиспитување на постојниот модел на финансирање. Тоа подразбира претходна изработка на реална процена за трудот и придонесот на секоја професија. Важно е да воведеме рамноправни и транспарентни критериуми за определување на платите кои се основа за егзистенција, но и дополнителен мотив и за многубројните млади кадри кои се иднината на македонската култура. Мора да обезбедиме услови тие да продолжат да создаваат нови вредности во сопствената држава. Затоа е неопходно да се изменат и договорите за вработување за да се обезбедат долгорочни и сигурни услови за работа.
Додека финансиските ограничувања се реалност со која се соочуваме, останувам посветен на тоа културните професии да бидат соодветно вреднувани – не само преку зборови, туку и преку конкретни мерки кои ќе ја покажат важноста на културата за македонското општество. Културата е нашиот идентитет, а нејзината вредност не може да се измери само со бројки. Наша должност и обврска е да ги чуваме и да ги вреднуваме културните работници, кои создаваат дела што се обележје на нашето постоење и идентитет.
Според буџетот на Владата за капитални инвестиции за 2025 година се планирани 50,5 милијарди денари. Колкав дел ќе биде наменет за култура и за кои проекти?
– Делот за културни проекти изнесува приближно 2 милијарди денари, што претставува зголемување во однос на претходните години. На владино ниво имаме развојна инвестициска програма која се базира и на партиската платформа за инвестиции во културата која опфаќа десетгодишен период, до 2034 година. Проекциите се разбира дека се долгорочни, во согласност со финансиските конструкции, приоритетите, динамиката на реновирање, санација и изградба на објектите. Како Министерство за култура и туризам ги продолжуваме сите проекти што се во тек. Точно е дека се работи за капитални објекти што се градат во фази, но поради нејасни политики, ние наследуваме проекти со слаба динамика на финансирање, кои одамна требало да се завршени. Веќе го интензивираме тој процес, а паралелно продолжуваме и со објектите и проектите што беа целосно запрени во изминативе 7 години, како што е Плаошник.

Посета на Плаошник
Високо го цениме местото на Охрид во светската историја и култура, затоа продолжуваме да работиме на негова заштита и афирмација на неговото значење како сесловенски културен центар. Покрај Турскиот и Струмичкиот театар, обезбеден е буџет за Библиотеката и театарот во Тетово, за Прилепскиот театар, планираме модернизација на Археолошкиот музеј на Македонија, заштита и конзервација на Хераклеја Линкестис, Скупи и Маркови Кули, реконструкција на музејски простории во Битола, Штип и во Охрид. Низ целата земја предвидени се реновирања и опремувања на библиотеки и културни домови во руралните и во помалите урбани средини. Работиме на анимирање на локалното население и на младите и во таа насока е изградбата на регионален културен центар во Тетово, кој ќе биде мултифункционален простор за културни активности. Нов предизвик и наш фокус во исто време е културниот туризам. Преку современи аудиовизуелни медиуми и многу други активности што досега беа незамисливи, планираме поголема атрактивност и пристапност околу културно-историски споменици. Подобрување на пристапот за туристи, нови проекти и нови содржини за презентација на културното наследство.
Со зголемениот буџет, ја покажуваме нашата заложба културата да биде еден од клучните двигатели на општествениот развој. Ова е почеток на поголеми планови што ќе ги реализирам до крајот на мандатот.
Покрај годишната програма за проекти за културата од национален интерес, која се крои според предлозите што ги дава секоја институција, организација или поединец, што би најавиле како новина/новини во 2025 година?
– Еден од најголемите предизвици на министерската позиција е токму воведувањето новини, покрај обезбедување континуитет и раст на културниот сектор. Креирањето современа македонска културна политика бара промислување во соединувањето на автентичниот код со отвореноста кон актуелните светски текови. Согледувањата на состојбите нè насочија кон проекција на неколку значајни новини, кои ќе го осовременат ресорот и ќе обезбедат поширок и поинклузивен пристап до културата. Овие новини се резултат на анализа на потребите на културниот сектор и на потребата за подобра поврзаност меѓу културните политики и современите општествени текови.

Учество на на „Форум Скопје – Секторски консултации“, настан во чиј фокус се креативните индустрии
Предвидуваме дополнителни средства за таканаречена „иновативна култура“, за поддршка на експериментални и иновативни културни проекти кои користат нови технологии, дигитални платформи или интердисциплинарни пристапи. На тој начин отвораме еден, за наши услови, недоволно истражен простор во културата, охрабрувајќи проекти што ги поврзуваат уметноста, науката и технологијата, со цел да се поттикнат нови начини на креативно изразување. Современите текови и потребите на младите се во нашиот фокус. Па затоа, од следнава година започнуваме со поддршка за млади културни творци низ програмскиот модул „Младите создаваат“. Преку оваа програма ќе обезбедиме финансиска и логистичка поддршка за уметници, писатели, музичари и културни работници на возраст до 35 години. Во реализацијата на процесот ќе бидат вклучени менторства од етаблирани уметници, изложби, настапи и можности за промоција на меѓународната сцена.
Инвестираме и во најмладите, така што започнуваме пилот-проекти во училиштата за интеграција на културното образование како дел од редовната настава, со активности што ќе ги поврзуваат учениците со музеите, со театрите и со другите културни институции. Ќе продолжиме да го усовршуваме Годишниот конкурс, при што ќе реализираме ревизија и целосна дигитализација на процесот. Така ќе овозможиме имплементација на целосно дигитален систем за аплицирање и следење на проектите, кој ќе го направи процесот потранспарентен, полесен за корисниците и подостапен за сите. Ќе се воведе модул за јавна отчетност, преку кој граѓаните ќе можат да следат како се распределуваат парите.

Љутков со петкратниот светски шампион во модерен танц, Анди Исмаили (лево)
Интеграцијата на културата и туризмот отвора можности за воведување нови развојни процеси. За унапредување на културниот туризам и на локалните заедници, ќе воведеме специјална програма за поддршка на настани и проекти што ги поврзуваат културата и туризмот. Фокусот ќе биде на локалните фестивали, традиции и културно-историски споменици за да се развиваат локалните економии. Посебен акцент ќе се стави на културните активности во руралните средини и на маргинализираните заедници. Сметам дека има простор за подобрување на домашната сцена во делот на меѓународно споделување искуства. Затоа, ќе обезбедиме резиденцијална програма за уметници во соработка со меѓународни институции, преку која македонските уметници ќе имаат можност да работат и да се развиваат во странски културни центри, додека странски уметници ќе бидат поканети да творат во Македонија. Со овие иницијативи, сакаме да создадеме систем кој е потранспарентен, инклузивен и ориентиран кон иднината. Ова е дел од нашата визија културата да биде достапна за сите, да го поддржува развојот на нови таленти и да ја зајакне позицијата на Македонија на глобалната културна сцена.
Доколку останете министер во целиот предвиден мандат од четири години, како би сакале да останете запамтен во македонската историја? Која Ви е највисоката цел што сакате да ја постигнете?
– Да оставам системски, трајни промени кои ќе ја зајакнат позицијата на културата како столб на македонскиот идентитет и двигател на општествениот и економскиот развој. Сакам мојот мандат да биде запаметен како период во кој културата го добила заслуженото место во јавниот дискурс, во државните политики и во секојдневниот живот на граѓаните.

На првото издание на манифестацијата „Ability awards“, Љутков ù ја врачи наградата за култура и уметност на реномираната пијанистка Ема Ананиевска
Ако треба да ја издвојам највисоката цел, тоа е создавање одржлив културен, структуриран, транспарентен и инклузивен систем што ќе ги поддржува уметниците, културните институции и граѓаните, не само во текот на мојот мандат туку и многу години подоцна. Во таа насока, министерството во иднина ќе ги поддржува проектите на кои им е потребна помош или кофинансирање за да застанат цврсто на нозе, ќе се фокусираме на создавање услови тие проекти да прераснат во брендови кои понатаму ќе бидат самоодржливи. Дополнително, ќе размислуваме и во правец на децентрализација на културата. Општините имаат обврска да организираат културни манифестации, да поддржуваат и поттикнуваат различни форми на културно творештво и да ги негуваат локалните традиции, како што се фолклорот, обичаите и старите занаети. Истовремено, тие треба да се вклучени активно во одржувањето на културните установи како домовите на културата и музеите.

Би сакал да ме запомнат како министер кој ја стави културата во центарот на развојните политики на државата, кој го слушаше гласот на уметниците и на културните работници, а не само на бирократијата. Министер кој создаде трајни основи за културата да биде извор на национална гордост и инспирација. Моето мото е дека културата не е луксуз, туку основа за напредок. Ако успеам да го докажам тоа преку моите дела, тогаш ќе знам дека мојот мандат имал смисла.
Фотографии: Министерство з акултура и туризам





