Министерството за култура и Фондот за иновации и технолошки развој започнуваат процес за забрзано дигитализирање на картотеките на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков” со цел да се оствари заштита, валоризација, категоризација и ревалоризација на културното наследство на македонскиот јазик. Станува збор за дигитализација на над 5 милиони ливчиња, јазични записи собирани со децении на терен од вработените во Институтот, но и од студенти, информатори и вљубеници во македонскиот мајчин јазик, кои со својата собирачка активност помогнале во зачувувањето на ова јазично духовно богатство. Ентузијазам кој овозможил, како култура, да застанеме рамо до рамо со најголемите светски култури”, појасни министерката Ирена Стефоска.

Ирена Стефоска, министерка за култура
Предизвикот е наменет за претпријатија што можат да понудат иновативно решение – сами или во соработка со установа која врши високообразовна, односно научно-истражувачка дејност или друго претпријатие. Проектот треба да содржи пет поглавја во кои се опишуваат методологијата на работа, процесите, технологијата и компетенциите што ќе бидат ставени во функција за да се остварат целите на проектот. Компаниите можат да аплицираат најдоцна до 21 октомври 2021 година, до 14 часот, додека процесот на аплицирање и целата проектна документација се достапни на следниот линк.
Стефоска објаснува дека од 5-те милиони уникатни јазични записи, за 9 години се дигитализирани само 140 илјади ливчиња, што според неа, „е премалку и пребавно и ако продолжи со вакво темпо, веројатно ќе требаат безмалку уште 400 години за да се дигитализира само овoj скапоцен материјал“.
Директорот на Фондот, Коста Петров, истакна дека оваа инвестиција е од навистина големо значење за сите идни генерации бидејќи инвестираме во осовременување и заштита на македонскиот јазик како наше најголемо духовно културно наследство, на дијалектите на македонскиот јазик и топонимијата на Република Северна Македонија.
– За колку важен процес станува збор говори и податокот дека ќе се дигитализираат над 5 милиони оригинални записи стари над 500 години. На овој начин ќе создадеме активна заштита на записите во изворна дигитална содржина, како и пасивна заштита од сите форми на ризици што можат да го оштетат или трајно да го уништат културното наследство – рече Петров.
Обезбеден е вкупен буџет во износ од 14 милиони денари, за кој ФИТР обезбеди 9, а ресорното министерство – 5. Победничкиот предлог-проект ќе биде финансиран целосно, односно до 14 милиони денари. Спроведувањето на проектот може да трае до 12 месеци.

Коста Петров, директор на Фондот за иновации и технолошки развој
Апликантот треба да биде микро, мало или средно претпријатие, во согласност со Законот за трговски друштва, регистрирано во Централниот регистар, годишните приходи да не надминуваат 10 милиони евра во претходните две фискални години според финансиски извештаи и други.
Дел од активностите што ќе бидат одобрени за финансирање се: развој на решението и активности за тестирање, анализа на регулатива, комуникација со потенцијални учесници и други. Некои од трошоците што ќе бидат одобрени на проектите се бруто-плати за вработените кај водечкиот апликант, купување или изнајмување опрема и потрошни материјали во функција на проектот, под договорни услуги за истражување и развој и други.
Постапката, од приемот на пристигнатите апликации сѐ до селекцијата и донесувањето на конечна одлука за избор, се состои од неколку чекори: административна проверка; претселекција, односно прва оцена на предлог-проектот; пичинг, односно презентација на претселектираните предлог-проекти пред Комисијата за оценување и избор; финална селекција и последниот чекор е потпишување на договори. Комисијата за оценување и избор се состои од: двајца претставници на партнерските институции, двајца претставници од областа на предизвикот и еден претставник на Фондот.
Главните критериуми според кои ќе се врши оценување на предлог-проектите се: степен на иновативност, капацитет на проектниот тим, квалитет на проектот, потенцијал за примена, односно пазарен потенцијал и влијание на проектот.
Фотографии: Министерство за култура





