Игор Исаковски е малиот принц, Буковски на нашето време, Игор е изгор

Игор остави празнина зад себе за 10 луѓе – рече Елизабета Шелева синоќа на настапот во чест на 10 години од смртта на поетот и издавач Игор Исаковски, што се одржа во „Лабораториум“ во Скопје

На стихови, анегдоти, лични средби се потсетија синоќа пријателите и почитувачите на делото и на личноста на Игор Исаковски, во чест на 10 години од неговото заминување. Поетот со чии гласни стихови се поистоветуваа генерации почина на 15 декември 2014 година, на 44 годишна возраст. Настанот во „Лабораториум“ во Скопје го организираа Елизабета Баковска и Долорес Атанасова Лори, со поддршка на семејството на Исаковски.

За „Буковски на нашето време“, како што го нарече Игор Анѓелков, зборуваа и се потсетуваа 20-ина автори, новинари, почитувачи на делото на Исаковски: Тихомир Јанчовски, Ана Голејшка-Џикова, Владимир Мартиновски, Тони Димков, Бранислав Николов, Ана Зафирова, Ненад Стевовиќ, Љупчо Јолевски, Билјана Стојановска, Ѓоко Здравески и др. Пред почетокот на читањето, беше прикажан филмот „Брод тргнат кон немерливото“ на Сашо Димоски.

– Игор остави голема трага. Многу е тешко да се пишува вистински добра поезија, а уште потешко е да се живее поезијата и не само поезијата. Неговото дело не е само во стиховите, туку и во сето она што тој го гледаше како поширока слика. Игор беше пионерот во нашето електронско издаваштво, голем промотор на македонската поезија, книжевност и на македонскиот јазик надвор, но и огромен промотор на препевањето на странската литература на македонски јазик. Мојата прва збирка раскази ја објави „Блесок“ и почеток на едно големо пријателство. Тој остави голема мрежа пријатели – истакна Баковска.

Елизабета Шелева

Пред 10 години бев повеќе лута отколку тажна, повеќе лута затоа што Игор отиде. Денес 10 години после тоа повторно сум и останувам лута, можеби уште повеќе од тогаш. Проклето ми недостига една лековита доза од неговата автентична лутина и повеќе од оправдан револт и бес што тој го носеше во себе заради кој го сакав и го запознав, се исповеда Елизабета Шелева.

Владимир Мартиновски

– Го запознав во 1990 година во кафулето „Тифани“. После тоа ме однесе во книжевниот клуб „Малиот принц“. Во тој клуб, освен Игор, членуваа Лидија Димковска, денес познат како отец Давид (тогаш Јанко Нинов), денес отец Климент (тогаш Горан Божовиќ), Ана Пејчинова и тие беа прекрасни. Игор и јас моментално се препознавме поради немирот и непокорноста кон некои работи. Тој ме научи да работам на компјутер. Тогаш станав колумнист на дневник, а тогаш се појавија компјутерите и ми рече да не се плашам. Седевме заедно во Струга во бар „Кингстон“, на кејот на Дрим, таа година кога се надеваше и требаше да ја добие наградата на СВП, „Браќа Миладиновци“. Јас имам една теорија дека Игор го заобиколија сите можни книжевни награди во оваа средина токму заради тоа што беше таков свој. Не беше партиско милениче, немаше моќно семејно лоби што ќе го турка, немаше некоја богата фирма што ќе ја рекламира. Игор си беше Игор, прво лице еднина. Не беше политички фактор, беше само културен деец – рече Шелева.

Таа истакна колку била импресивна работата на „Блесок“ и во 20-ина години се издадени 114 книги од други писатели.

– Она што „Блесок“ го има објавено како поетска, прозна продукција е големо. Мислам дека Игор остави празнина зад себе за 10 луѓе. Ние немаме овде можност да го надоместиме сето она што тој го работеше. Тој останува малиот и вечен принц за мене. Игор е изгор, името негово му ја кажа и судбината и поезијата и се друго, и љубовта – заврши Шелева.

Ана Зафирова

Тој креираше книжевни текови, а ние го слушавме, го следевме, го читавме, се уште го читаме. Невозможно е да се одвои она што Игор го пишуваше од самиот него, сподели Д.А Лори.

-Игор го научив преку поезијата, зборување, смеење, гласно дискутирање, кревање раце. Во мене секогаш ќе остане таа благодарност кон Игор што ме направи дел од „Блесок“, она што секогаш ќе остане со мене е тој впечаток дека беше љубопитен и неуморен. Беше еден од најактивните писатели и издавачи што сум ги запознала. Беше присутен на сцената, но никако ради помпа или поза, оти имаше што да каже – рече Д.А Лори.

Ненад Стевовиќ од „Или-Или“ најави дека за в година планираат да издадат антологија на неговото творештво.

На присутните им се обрати и мајката на Игор, Олгица која се заблагодари за влогот на организаторите да ја посветат вечерта на нејзиниот син, за кој рече дека прерано и заминал. Таа се заблагодари што преку песните и тој живее.

Сподели