Пет бронзени медали освоија македонските ученици на 21. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки што се одржува во Букурешт, Романија. Медали за Македонија освоија: Никола Стојковски, од Математичко-информатичка гимназија (МИГ), Мила Порјазоска од гимназијата „Орце Николов“, Андреј Тасиќ и Јаков Геговски од „Јахја Кемал“ и Валентино Атанасоски од основното училиште „Кочо Рацин“, сите во Скопје. На олимпијадата успешно го претстави своето знаење и за помалку од 0,25 поени не освои медал и Михаела Блажевска од МИГ.

Водачи на тимот се: д-р Боце Митрески, редовен професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје (ПМФ) и член на Друштвото на физичарите на Македонија, д-р Методија Најдоски, редовен професор на ПМФ и член на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија и д-р Даниела Јовановска, доцент на ПМФ и член на Македонското биолошко друштво.
Научните друштва го организираа македонското учество на олимпијадата. Тие им го честитаа големиот успех на учениците и се заблагодарија на водачите и на сите што дадоа придонес во организацијата на општинските, регионалните, државните натпревари по физика, хемија и биологија, како и на двата селекциони натпревари преку кои беше избран тимот. Се заблагодарија на Природно-математичкиот факултет и сите вработени кои во последните три месеци активно беа вклучени во подготовките на тимот.





