Kултната македонска група „Мизар’’ ќе одржи концерт на 15 декември (недела) во 20 часот во Младинскиот културен центар во Скопје. Во составот на „Мизар“ ќе настапат: Горазд Чаповски, гитара, Пеце Китановски, бас, Илија Стојановски, бас процесор, Принц, клавијатури, бек вокал, Драган Теодосиев, тапани, Нико Ѓоргиевски, вокал, перкусии
хармосини, вокали: Сава Булатовиќ, Христијан Моневски (виола, кларинет, флаута, лира).
Еминентниот музички новинар, Драган Амброзиќ во својот осврт кон реизданието на првиот албум на Мизар, деновиве напиша:
„Мизар“ се претвори во трајно регионално добро. До денес останаа бенд кој е во постојана потрага за суштината, бенд кој поставува прашања, а не некој што нуди лесни одговори! И денес потполно во тренд со најсвежите планетарни примери на дарквејв групи.’’
Билетите се во продажба на касата на МКЦ, како и преку нивниот систем за интернет продажба.
Годинава беше реиздадено винилното издание на нивниот легендарен истоимен прв албум, од страна на матичниот издавач „Хелидон’’, а набрзо следи и реизданието на вториот албум ‘„Свјат dreams 1762-1991’’. Групата работи на својот нов албум и за почеток веќе може да се чуе првата песна од него, „Псалм 135’’.





