Книгата ја подготвија универзитетски професори од различни области, под покровителство на охридскиот градоначалник Кирил Пецаков
Плаошник, Лабино, Лихнидос, луцерна, погребна маска, поликонхална базилика … Ова се само неколку од термините објаснети во новото издание на литература за деца „Охридска археолошка азбука“ чија цел е да ги едуцира најмладите за културното наследство на Охридскиот Регион. Книгата ја подготвија универзитетски професори од различни области (од Филозофскиот факултет во Скопје), под покровителство на охридскиот градоначалник Кирил Пецаков.

Автори на изданието се професорите д-р Антонио Јакимовски, археолог, д-р Елизабета Томевска-Илиевска и м-р Маја Јаневска, педагози и Иван Малезанов, магистрант по археологија. Издавачи на книгата се Општината Охрид во соработка со Здружението за заштита и одржлив развој на животната средина „Регионален зелен центар Охрид“ и Здружението Институт за европски образовни, социо-културни и економски политики „Европа за тебе“ од Скопје. Рецензенти на „Охридска археолошка азбука“ се реномираните универзитетски професори д-р Марјан Јованов, археолог, д-р Ана Фрицханд, психолог, а стручни соработници се реномираните охридски археолози Паско Кузман и Перо Арџанлиев.
Ова е прво издание од ваков вид во Македонија и во регионот, вели Јакимовски. Идејата се провејува неколку години наназад, а резултира од неговите долгогодишни археолошки истражувања, објавувањето на „Археолошкиот лексикон“ и многубројните мултидисциплинарни проекти.

Антонио Јакимовски
– Една од причините е објавениот „Археолошки лексикон“, кој првенствено е наменет за возрасната популација, да добие педагошка и методичка трансформација за да биде корисно четиво и за учениците. Ваквата идеја подразбираше мултидисциплинарност со стручни компетенции од страна на проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска, којашто има долгогодишно искуство во областа од јазичното описменување и работи на образовната промоција на културното наследство. Од големо значење е вклученоста на м-р Маја Јаневска, којашто со своите педагошки и практични компетенции прави методичко „тестирање“ во практичната работа со учениците. Авторскиот придонес на археологот Иван Малезанов, којшто е на прагот на научното звање магистер по археолошки науки, инаку жител на Охрид, којшто од мали нозе се запознава со работата на археолозите на познатите локалитети во родниот град и дава посебен стручен придонес за изработка на делото – ја почнува Јакимовски приказната.
Македонија – земја која изобилува со културно наследство
Во процесот на создавање на делото авторите прво извршиле анализа на поими, соодветно избрани и објаснети според хронолошкиот редослед на буквите во македонската азбука – кирилица. Во делото се застапени поими од археологијата со интернационално значење, но првенствено инсистирале на застапеност на поими кои ќе го отсликуваат културното наследство на Охрид и Охридскиот Регион.
– Посебно внимание обрнавме на нивното објаснување, да биде разбирливо за популацијата за кое е наменето. Посебно внимание посветивме при изборот на соодветни слики, фотографии и цртежи, преку кои на најдобар можен начин визуелно ќе се објаснат поимите – вели Јакимовски.

Македонија е земја која изобилува со културно наследство. Но, оваа е многу малку застапена во севкупниот воспитно-образовен систем. Според Јакимовски, секој сегмент од културното наследство има силна археолошка и историска основа и значење. Поради тоа, значењето на проучувањето на културното наследство и негово запознавање, придонесува за развивање на свеста кај децата и младите за својата национална припадност.
– Националното културно самосознавање на децата и младите не е можно само преку користење на традиционални начини на учење. Во овој процес мора да се користат и други неформални пристапи преку кои ќе се осознава, гради, зачувува и развива културното наследство. Намерата и идејата на литературата за деца од ваков карактер се остварува преку интердисциплинарен концепт во институционална и вонинституционална форма и со вклученост на многубројни релевантни фактори. Посебен акцент е ставен врз воспитната и образовната компонента на севкупната реализација, со мултимедијална поддршка. Пристапот во откривањето на културното наследство е развојно приспособен на возраста и интересите на целните групи, педагошки обликуван и применлив во реални услови – објаснува тој.
Учениците немаат доволно познавања
Томевска-Илиевска вели дека преку „Охридска археолошка азбука“ децата од раноучилишна возраст ќе стекнат знаења за основните поими од областа на археологијата во Охрид и Охридскиот Регион, методичко-дидактички обликувани и поврзани со културното наследство на Охридскиот Регион и Македонија. Стекнатите знаења за основните археолошки поими на децата ќе им бидат од голема полза при изучување, запознавање и развивање на позитивни ставови кон националното културно наследство и за негово вреднување и зачувување.

Томевска-Илиевска
– Оваа литература слободно може да кажеме дека јазично и археолошки ќе описменува. Вака конципираната литература за деца и млади, освен во училиштата во наставните и воннаставните активности, ќе може да се применува и во слободното време заедно со нивните родители и со членовите од поширокото семејство. Користејќи го индивидуализираниот и диференцираниот пристап и слободно може да се каже дека ќе биде применлива за ученици од 9 до 19 годишна возраст. Иако, првенствено е наменета за ученици од одделенската настава, односно од 7 до 11 годишна возраст. Но, прелиминарното испитување ни покажа дека и ученици од средното и факултетското образование, па и повозрасната популација, за жал немаат доволни познавања за поимите и нивното значење од оваа област – вели таа.
За секоја буква од македонската азбука се избрани по три поими од областа на археологијата. Најголемиот дел од овие поими се однесуваат на остатоци од културното наследство на територијата на градот Охрид и Охридскиот Регион.

– Поимите се методички обликувани и објаснети на разбирлив јазик, соодветен на возраста на учениците и нивните развојни карактеристики, а истовремено се визуелно претставени и со колоритни слики. Концептот е изучените поими да ги идентификуваат во друга литература, со можност да ги препознаат во непосредната околина и при изведување на посети и екскурзии на археолошки локалитети, музеи, споменици итн. – објаснува Томевска-Илиевска.
Културното наследство не е застапено во наставата
Постојат иницијативи оваа област да се вклучи во воспитно-образовниот систем во Македонија, no неопходна e потребатa за интервенција од поинтензивно вклучување на содржини кои се поврзани со националното културно наследство, и тоа во сите воспитно-образовни потсистеми. Томевска-Илиевска е децидна – постои потреба од системски решенија за долгорочно заокружување на овој процес.

Иван Малезанов и Маја Јаневска
– Во периодов се остваруваат стручни состаноци со релевантните национални авторитети, односно со Министерството за образование и наука и со Министерството за култура и туризам, кои ја изразуваат подготвеноста за промени од ваков карактер. Во наставните содржини како недостаток се појавува застапеноста на културното наследство и националните вредности на нашата земја. За сметка на тоа се нудат повеќе содржини и информации за други народи, туѓи значајни личности и историски настани. Секако дека постојат безброј можности овие содржини со многу интерактивни, креативни и интересни активности да бидат застапени и во воннаставните и слободните активности, како и да се ревидираат програмите за организирање на училишни екскурзии. Оваа литература за деца и млади се очекува да претставува своевидна „наставна компензација“, образовна поддршка на наставниците и ќе биде во функција за зајакнување на наставните програми и активности од јазичната и општествено-историската група со содржини, поими и активности релевантни за наставните програми – вели таа.
Во моментот книгата нема да биде во продажба. Првичната замисла на авторите била ова издание да добие поддршка од локалната самоуправа на Охрид, да биде бесплатно достапна до сите ученици во основните училишта и да не го оптоварува буџетот на нивните семејства.

– Во оваа учебна година во неколку етапи сите третоодделенци од основните училишта на територија на Општина Охрид ќе добијат бесплатен примерок, а за следниот период ќе бидат опфатени и останатите ученици од охридските училишта. Благодарни сме што градоначалникот Пецаков ја препозна и поддржа потребата од ваков вид на литература за деца и млади, како и од неколку општествено-одговорни охридски компании – вели Томевска-Илиевска.
Таа додава дека импонира фактот што делото и во фазата на подготовка на негова промоција побудува неверојатен интерес кај децата, стручната, но и пошироката јавност.
– Освен што е наменета за деца и млади, делото по сè изгледа дека ќе биде примамливо четиво и за повозрасните читатели. А, сè со единствена цел на еден интересен начин да го поттикнеме вниманието и знаењето за националното културно наследство. Добро прашање, за кое треба во брзо време да дадеме одговор до пошироката читателска јавност за достапноста на „Охридската археолошка азбука“ – завршува Томевска-Илиевска.

„На просторот каде што се измешани вековите и настаните, каде што секој предмет има нешто да каже и каде што фантазијата и науката одат заедно, токму тоа место е најинтересно за археолозите, и токму таму тие започнуваат да истражуваат, да копаат, да составуваат, да откриваат. Кога ќе ја состават сложувалката на целата таа приказна од минатото, со голема возбуда му ја покажуваат на светот. И на тој начин му се спротивставуваат на заборавот“, пишуваат авторите.





