Борба против нелегална трговија со културни добра на Западен Балкан

На тридневната работилница ќе присуствуваат претставници од Министерството за култура и туризам, Управата за заштита на културното наследство, Министерството за внатрешни работи (т.е. полициската служба), Царинската управа, Јавното обвинителство и судството, како и стручните лица вработени во заводите, музеите, галериите, конзерваторските центри и експертите од релевантните невладини организации

Борба против недозволената трговија со културни добра на Западен Балкан е фокусот на работилницата што од денеска до петок ќе се одржи во Музејот на македонската борба во Скопје. Работилницата е насочена кон зајакнување на капацитетите за борба против недозволените дејства насочени кон културните добра и националното законодавство што се однесува на таа борба. Ќе присуствуваат експерти од сите институционални партнери и државни службеници, како претставници од Министерството за култура и туризам, Управата за заштита на културното наследство, Министерството за внатрешни работи (т.е. полициската служба), Царинската управа, Јавното обвинителство и судството, како и стручните лица вработени во заводите, музеите, галериите, конзерваторските центри и експертите од релевантните невладини организации. Работилницата се одржува во рамките на проектот „Борба против недозволената трговија со културни добра на Западен Балкан“, финансиран од Европската комисија, спроведен од УНЕСКО преку Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа (Венеција) и неговата канцеларија (Антена) во Сараево. Примарната цел е да се создаде посилна координација меѓу клучните актери на регионално и меѓународно ниво.

Илустрација: Аурелија Мазојер

– Културното наследство во Западен Балкан е сериозно загрозено од кражби, нелегално ископување, присвојување и извоз. Покрај тоа, регионот постепено стана област на транзит на предмети од незаконско потекло од други географски региони, особено од Блискиот Исток. Со оглед на ваквата состојба, за заштита на културното наследство од недозволена трговија и враќање и реституција на украдените и нелегално извезените добра, неопходни се суштински подобрувања во земјите од Западен Балкан, особено во однос на институционалните и професионалните капацитети – велат организаторите.

Според нив, регионот и понатаму страда од последиците од конфликтите во 1990-тите, особено од инструменталното присвојување на културата за да ја засилува поделбата и поларизацијата меѓу заедниците. Непочитувањето на културниот израз на „другите“, како начин да се инструментализира разноликоста и да се претвори во јаз, ја загрозува социјалната кохезија во и низ земјите од Западен Балкан.

Архивска фотографија / Извор: МВР

– Со оглед на сложеноста на ова кривично дело, само структурирана и одржлива соработка меѓу различни чинители на различни нивоа може делотворно да се спротивстави на недозволената трговија со културни добра. Мора да се изградат мостови и да се надградат капацитетите ширум сите засегнати сектори и нивоа на власт, како и помеѓу јавниот и приватниот сектор, за да се спречат и да се застане на патот на дејствата против богатството и разноликоста на културното наследство на човештвото – велат тие.

Мора да се поттикне регионалната соработка

Во согласност со Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан, севкупната цел на проектот е да се поттикне регионалната соработка, помирувањето и добрососедските односи преку наследството и културата, како суштински предуслови за напредокот на патот кон Европа, а особено да се поттикне усогласувањето на националните правни рамки со законодавството на ЕУ. Конкретно, целта на проектот е да промовира дијалог, меѓусебно почитување, доверба и интеркултурно разбирање меѓу заедниците.

– Така ќе се создаде средина што ќе овозможи помирување, стабилност и одржлив развој. Ова се остварува преку зајакнување на заштитата на културното наследство и различноста, и преку зајакнување на борбата против недозволената трговија со културни добра преку активности за градење на капацитетите и подигнување на свеста, како и преку зајакнување на регионалната координација. Покрај тоа, проектот се надоврзува и придонесува за понатамошна дисеминација на материјалите за учење заеднички изготвени од ЕУ и УНЕСКО, преку изработка на изданија на локалните јазици на „Борба против недозволената трговија со културни добра: Пакет со алатки за европското правосудство и органите на прогонот“ – велат организаторите.

Архивска фотографија / Извор: МВР

Тридневната работилница произлезе од работилницата за градење на капацитети одржана во јули годинава во Скопје. Еден од резултатите од оваа обука сигнализирала дека не постои солидна национална мрежа на организации и експерти. Оттаму произлегла и потребата за спроведување работилница на национално ниво, пред сè насочена кон зајакнување на институционалните капацитети и градење силна мрежа на клучни чинители во борбата против уништувањето на културното наследство.

– На работилницата ќе бидат разгледани најгорливите прашања и потешкотии што ја засегаат експертската јавност, а истовремено ќе се бараат законски и консензуални решенија за нив. Покрај тоа, во подготовка е нов Закон за заштита на културното наследство, кој е од интерес за голем број чинители активно вклучени во процесот на заштита на културното наследство – велат организаторите.

Посебен фокус ќе биде ставен врз актуелните прашања и потешкотии и нивното решавање. Учесниците ќе добијат можност да го надополнат своето знаење и да разменат искуства на различните теми кои се однесуваат на борбата против трговијата со културни добра и законодавството што се применува на тие предмети, враќање и реституцијата на културните добра, превентивните и мерките за намалување на ризиците, подигнувањето на свеста и запознавањето со главните национални и регионални трендови. Ќе бидат отворени и прашања за неприменливоста на постојното законодавство и ќе се бараат заемни решенија за подобрување на законските и подзаконските акти.

Kонвенцијата на УНЕСКО од 1970 година

Една од главните цели на работилницата е интеракција преку размена на идеи произлезени од предизвиците и секојдневните активности со кои се соочуваат учесниците во инкорпорирањето на предлозите во новиот Закон за заштита на културното наследство. За експертите од локалните и националните музеи и конзерваторските центри кои не можат физички да присуствуваат на обуката ќе има пренос преку зум.

Архивска фотографија / Извор: МВР

Како специјализирана агенција на Обединетите Нации, УНЕСКО придонесува кон градење мир, искоренување на сиромаштијата, одржлив развој и интеркултурен дијалог преку образованието, науката, културата, комуникацијата и информациите. Во рамките на овој делокруг, УНЕСКО настојува да постави норми и стандарди во областите врз кои има надлежност и да го поткрепи нивото спроведување. Еден таков пионерски инструмент е Конвенцијата на УНЕСКО од 1970 година мерките за забрана и спречување на недозволен увоз, извоз и пренос на сопственост на културни добра, усвоена на 16. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО, на 14. ноември 1970 година. Оваа Конвенцијата е првиот и најшироко ратификуван меѓународен договор во борбата против недозволената трговија со културни добра. Во моментот има 145 држави потписнички, обезбедувајќи единствена заедничка рамка за мерките што треба да се преземат за да се забрани и спречи увозот, извозот и преносот на културни добра.

Сподели