10.000 евра награда за најдобриот средношколец-математичар на натпреварот UltiMATH

Сакаме да ја промениме перцепцијата за математиката, велат Огнен Трипуноски и Ивица Пешовски од Бреинстер

10.000 евра во готово е наградата за најдобриот средношколец-математичар во земјава што ќе се пријави на UltiMATH – најголемиот натпревар по математика во Македонија. Големиот предизвик го организира факултетот Бреинстер Некст и NU Колеџот за средношколци, а немаенет е за сите млади кои сакаат да ги тестираат границите на своето знаење во математика.

Во конкуренција се повеќе од 4 илјади средношколци од земјава. Организаторите на UltiMATH се уверени дека ќе ги поттикнат средношколците подлабоко да ги истражат огромните можности што ги нуди оваа дисциплина.

Идејата е да се покаже практичната вредност на математиката во решавање на комплексни проблеми со што ќе се промени и перцепцијата за оваа наука, вели Огнен Трипуноски, главен оперативен директор во Бреинстер и дел од тимот кој го подготви натпреварот UltiMATH. Според Ивица Пешовски, главен технолошки директор во Бреинстер и дел од тимот кој активно учествуваше во подготовка на структурата на натпреварот и самите предизвици, прашањата се внимателно дизајнирани за да го тестираат знаењето на различни нивоа, овозможувајќи прогресивен напредок и фер натпревар за учесниците.

Факултетот Бреинстер Некст и NU Колеџот за средношколци последниве неколку месеци работеа на создавање на нешто што ќе биде од огромна вредност за нашите средношколци, а особено за сите оние кои поседуваат одлични вештини по математика, објаснува Трипуноски.

Концептот на натпреварот е низ неколку фази да се дојде до најдобрите средношколци по математика.

– Замислата е на сите оние кои се доволно храбри да го прифатат предизвикот да бидат дел од овој натпревар, да им покажеме еден нов свет во кој владее математиката и како таа придонесува кон изнаоѓање на решенија на реални и комплексни проблеми – вели Трипуноски.

5 РУНДИ И ДВЕ ФАЗИ

UltiMATH е структуриран во 5 рунди и две фази. Квалификациската фаза е онлајн и е отворена до 26 ноември за сите средношколци од прва до четврта година. Втората фаза, составена од 4 елиминациски рунди ќе се одвива во живо помеѓу најдобрите 350 ученици на 30 ноември и 1 декември во трговскиот центар „Ист гејт мол“ во Скопје.

– Клучната цел не ни е да направиме класично мерење на знаењето по математика, нешто што и сега постои во најразлични формати, туку да создадеме средина каде што ќе ја покажеме практичната страна на математиката и како таа придонесува во решавање на тешки и комплексни проблеми. Сакаме да ја промениме целата перцепција за математиката и да покажеме дека таа не се состои само од задачи, формули и дефиниции, туку со нивната практична примена придонесуваме кон развој, подобрувања и напредок – објаснува Трипуноски.

Студентите на Бреинстер Некст на хакатон во Собранието

Идејата се родила на многу интересен начин… Размислувале да направат натпревар кој ќе понуди нешто предобро и преконтроверзно за да биде вистина – натпревар кој ќе го тестира секое ниво на искушение познато за човечкиот ум преку математика.

– Задачите што ќе бидат дел од предизвиците на натпреварот се базирани на опсежни истражувања и експертизата на неколку локални експерти, доктори на науки и наши поранешни олимпијци по математика. Луѓето што учествуваа во креирањето на задачите сакаат да ги охрабрат и да ги поттикнат младите умови да размислуваат поинаку математички – да бидат темелни познавачи на материјата, но истовремено да бидат и прагматични – дециден е Трипуноски.

Главната награда е уникатна, нешто што досега не сме го виделе на натпреварите во регионот — победникот добива 10.000 евра во кеш, што е највисоката награда на ваков тип на натпревар во земјата и пошироко.

– Токму тоа ја прави веста за натпреварот премногу добра за да биде вистина, а истовремено дава и одредено ниво на контроверзност. Но, едно е сигурно, висината на наградата е реалност. Бреинстер како едукативно-технолошка организација континуирано придонесува кон развојот на образованието и се стремиме да создаваме сè повеќе можности. Така и ова е само една од многуте можности кои ги нудиме на нашите млади таленти. Наградата од 10.000 евра за оној средношколски математички гениј кој ќе ги помине сите нивоа на предизвик од натпреварот. Негова/нејзина обврска ќе биде да биде најдобар/а, а наша да ја врачиме наградата.

Ќе има уште неколку награди кои ќе бидат изненадување. Целокупната организација е финансирана од наши и средствата на сите организации што ја разбираат нашата визија и целта која сакаме да ја постигнеме и ни дадоа максимална поддршка. Затоа, слободно можам да кажам дека неколку спонзори имаат ексклузивна и клучна соработка во реализацијата на овој проект, што многу нè радува – вели Трипуноски.

Идејата е ова да прерасне во традиционален годишен натпревар и да привлекува натпреварувачи од целиот Балкан, па и пошироко. Покрај одмерување на знаењето и издвојување на најдобрите по математика, да прерасне во можност која ќе дава континуирана поддршка за развој на младите математички таленти во Македонија, регионот и пошироко.

КАКО Е КОНЦИПИРАН НАТПРЕВАРОТ?

Според Пешовски, при конципирањето на натпреварот се фокусирале на создавање структуриран и динамичен предизвик кој ќе овозможи учениците да покажат различни аспекти на своите математички способности. Фазите и игрите во нив се внимателно дизајнирани за да овозможат постепено зголемување на тежината на задачите за да ги одвојат најдобрите учесници на секое ниво. Се воделе од неколку клучни принципи:

Разновидност на вештините: како што учениците минуваат низ разните фази на натпреварот, се тестира различно множество на математички и логички вештини, вклучувајќи ги нивната меморија, брзината на решавање едноставни аритметички задачи, логиката и теоретското познавање на основните математички концепти.

Прогресивна тежина: дизајнирале фази кои постепено стануваат покомплексни, почнувајќи со прашања што бараат брзи одговори, до проблеми што бараат повисоко ниво на аналитичко размислување.

Инклузивност и фер натпревар: обезбедиле прашања кои се соодветни за различни нивоа на знаење за да се даде шанса на повеќе ученици да покажат што знаат.

Ивица Пешовски

– Сите овие елементи ни помогнаа да создадеме натпревар кој не само што ги предизвикува учениците, туку и ги мотивира да ги покажат своите вештини и да учат во текот на процесот.

Натпреварот е дизајниран да биде еден за сите средношколци од 1 до 4 година, без оглед на нивната година на школување. Наместо да креираме различни тестови според наставната програма за секоја година, се фокусиравме на составување предизвикувачки прашања што секој ученик кој има солидно знаење по математика треба да може да ги одговори без поголеми потешкотии. Еден од клучните фактори во самиот натпревар е и менаџирање со времето – учесниците не само што треба да ги покажат своите вештини, туку и да внимаваат на брзината и ефикасноста при решавање на задачите – објаснува Пешовски.

ЦЕЛ: ДА ГО РАЗБУДАТ И ЗАЈАКНАТ ИНТЕРЕСОТ ЗА МАТЕМАТИКА КАЈ МЛАДИТЕ

Според неговото искуство од изминатите 3 години, колку што постои Браинстер Некст факултетот, добар дел од студентите доаѓаат со одредени недостатоци во нивните математички вештини, што често се одразува на нивниот успех во математичките предмети на факултет. Иако процентот на положени испити по математика е понизок во споредба со другите предмети, ова е состојба што може значително да се подобри со преземање соодветни и конкретни акции.

– На нашиот факултет посветено работиме на пополнување на овие празнини во знаењето преку дополнителна поддршка во форма на дополнителни часови и материјали, индивидуализиран пристап на самите часови и интерактивни методи на настава. Особено во рамки на програмата за софтверско инженерство и иновации, фокусот е ставен на совладување на применетата математика, која е суштински неопходна за еден софтверски инженер. Целта ни е нашите студенти да стекнат цврста математичка основа со што ќе бидат подготвени за идни академски и професионални предизвици – вели Пешовски.

Тимот на NU Колеџот за средношколци

Крајната цел на натпреварот е да го разбудат и зајакнат интересот за математика кај младите, кој, како што покажуваат податоците и искуствата од останатите натпревари по математика, сè повеќе се намалува.

– Јас сум бил дел од повеќе математички натпревари на кои имам освоено медали, награди и признанија и се сеќавам дека првите успеси ме поттикнаа подлабоко да навлезам во оваа тематика, што подоцна ја насочи мојата кариера кон сродна дисциплина, односно софтверско инженерство. Токму тоа е уште една од целите на овој натпревар – да ги охрабриме учениците да ги истражуваат можностите и да размислуваат за кариера во СТЕМ областите. Секако, во свет каде што често внимание и признанија добиваат содржини со помалку вистинска научна или културна вредност, една од целите е да ги откриеме, поддржиме и наградиме вистинските таленти – оние кои со своето знаење, труд и посветеност имаат потенцијал да го променат светот – завршува Пешовски.

Сподели