Драмските писатели ја имаат таа „несреќа“ да мораат да се соочат со својата публика, за разлика од прозаистите кои не мораат никогаш да го сретнат својот читател. Чувството е помешано, една голема возбуда и еден голем страв, но Марта стана премногу значајна за да остане само моја, морав да ја поделам со светот – вели Драгана Лукан Николоски.
Пишувањето е самотна професија, обично си сам со празниот лист (ако ги изоставиме нервозните гласови на оние во главата кои постојано се трудат да те потсетат на нивното постоење). Првиот момент кога во твое присуство некој друг го чита она што си го напишал, што обично се случува на првата проба, е момент на ужас и парализа, одеднаш нешто што било толку твое и долго себично си го чувал за себе, станува сечие, секој има право да го чита и да го толкува така како што сака, и неизоставно да се труди да те најде тебе меѓу редовитe, вели драмската писателка Драгана Лукан Николоска, чиј најнов текст „Марта Верина“ ќе ја има својата праизведба на 8 ноември, на сцената на Македонскиот народен театар. Лукан е дел од Театарот за деца и младинци каде работи како драматург. За идејата за текстот за тоа дали сме сите ние Марта Верина зборуваме со драмургот Лукан Николоска.

Како се роди „Марта Верина“? Дали тлее подолго во вас?
– Јас имам чуден начин на работа, кој не сум го сретнала во ниту еден од учебниците по креативно пишување. Сите мои приказни започнуваат со една реченица. Најчесто не знам од каде се појавува таа реченица, но кога ќе се појави, како што би рекол Трепљов во „Галеб“, „Забиена ми е како клинец во мозокот“ и не можам да престанам да мислам на неа, додека не ѝ го најдам вистинското местото во приказната на која ѝ припаѓа.
Реченицата од која се „роди“ Марта гласи: „Марта беше предодредена да биде среќна.“ На едно патување пред седум години се разбудив со оваа реченица која мојот мозок не сакаше да престане да ја повторува. Морав да откријам која е Марта и која е нејзината приказна. Додека ги градев сите делови на заплетот толку многу му зборував на мојот сопруг Петре, за Марта, што еден ден додека бевме излезени на некој свирка и јас повторно го „замарав“ со тоа која е Марта ми рече дека морам да престанам, затоа што се чувства како Марта да може во секој момент да влезе и да дојде да седне на нашата маса. Тоа за мене беше знак дека сум на вистинската трага. За ликовите во оваа драма јас имам толку многу податоци што тие спонтано се претворија во живи луѓе, кои секојдневно ги среќаваме.
Лежи ли во секоја од нас по една Марта Верина?
– Сите ние сме, или сме биле Марта Верина во некој момент од своите животи. Марта Верина сака да ни каже дека судбината не постои, дека судбината ја држиме во свои раце. Секој од нас одлучува за своите избори и за тоа дали ќе биде среќен или несреќен. Најтешката работа на светот е да се одбере да се биде среќен, зашто тоа те соочува со самиот себе и те тера да носиш одлуки кои може да не ти се допаднат. Еден чуден сплет на „судбински“ околности ќе ја натера Марта Верина да ја земе судбината во свои раце и самата конечно да одлучи како да биде среќна. Ова е драма што зборува на јазикот на кој сите ние зборуваме, која нè соочува со лажниот морал на „паланката“, лажните пријателства, лажната љубов.
Марта Верина нè тера да размислиме секогаш кога ќе одлучиме да осудиме некого, за што било и да ги мериме туѓите постапки според нашите измислени критериуми. Овие ликови се истовремено бескрајно во право и бескрајно грешат со своите постапки. Секој од нив знае точно што сака во животот, ама само некои од нив имаат и доволно храброст за да го побараат тоа што го сакаат. Низ процесот поминав низ различни фази во препрочитување на текстот, и сфатив дека секоја реплика од оваа драма е „украдена“ од вистинскиот живот. Луѓето кои ме познаваат кога ќе ја гледаат претставата ќе си ги наоѓаат сопствените реплики, но тоа е ризикот на дружењето со писатели.

Какво е чувството кога на некој ваш нов текст ќе му се даде живот на сцена?
– Пишувањето е самотна професија, обично си сам со празниот лист (ако ги изоставиме нервозните гласови на оние во главата кои постојано се трудат да те потсетат на нивното постоење). Првиот момент кога во твое присуство некој друг го чита она што си го напишал, што обично се случува на првата проба, е момент на ужас и парализа, одеднаш нешто што било толку твое и долго себично си го чувал за себе, станува сечие, секој има право да го чита и да го толкува така како што сака, и неизоставно да се труди да те најде тебе меѓу редовите. Драмските писатели ја имаат таа „несреќа“ да мораат да се соочат со својата публика, за разлика од прозаистите кои не мораат никогаш да го сретнат својот читател. Чувството е помешано, една голема возбуда и еден голем страв, но Марта стана премногу значајна за да остане само моја, морав да ја поделам со светот.
Како според вас да се поттикнат театрите повеќе да ја поддржуваат домашната драма и таа да престане да биде инцидент на нашите сцени?
– Овој проблем влече длабоки корени. Сè започнува од Факултетот за драмски уметности, кој во последниве години како да колабираше. Во последната генерација на класата по драматургија има запишано само еден студент. Кога ќе напишеш нова драма, најчесто нема кој да ја прочита, директорите на театрите не се занимаваат со репертоарска политика во која би се заинтересирале за тоа дали има нешто ново напишано, едноставно сè оди по некоја инерција, па така ако се погледне годишниот конкурс можеме да забележиме дека ние секоја година поставуваме едни исти драми веќе десетина години наназад. Дури не се занимаваме ни со современата европска или светска драма, затоа што е полесно да се поставуваат класици, за кои не треба да се платат авторски права, а на публиката ѝ се добро познати.
Кога има ретка праизведба на македонска драма никој не придава никакво значење на тоа и најчесто на тоа и останува, на таа една праизведба. Секаде во светот кога се случува праизведба на драма истата се објавува и во печатено издание, тоа кај нас можеби никогаш не се случило, односно ќе се случи сега со оваа драма, можеби за прв пат, па на првите три изведби на претставата публиката ќе има можност да го купи и печатеното издание. За да има добра современа македонска драма, мора да има релевантни конкурси, мора Министерството да одлучи дека тоа не е само приоритет на хартија туку навистина стратешка цел како што стои во секој конкурс.
Кои зборови од Горан Стефановски најмногу одѕвонуваат во вашата меморија, кога сте имале прилика да го слушате?
– Јас завршив во класата на професорот Русомир Богдановски, но Горан Стефановски секогаш кога беше во Скопје доаѓаше да се дружи со нас студентите и да ни одржи по некое предавање. Мислам дека една од најдрагоцените работи која ја имам научено од Горан на тие предавања е дека театарот не треба да го имитира животот, туку да краде од него за да создаде свој сопствен живот, во кој вистинските луѓе ќе се препознаат. Факултетот за драмски уметности во тоа време беше една отворена и весела институција во која некако сите бевме сплотени и станавме и останавме многу блиски и со години работиме заедно. Првиот посериозен проект што го направивме со Нина, Дарја и Благој, беше пред точно 15 години кога во тогашниот Културен центар ЦК го поставивме „Неверство“ од Пинтер. Денеска ние четворица заедно ја правиме мојата „Марта Верина“ со некое мета значење, бидејќи и во самата драма тие 15 години играат голема улога.
„Хајди“ ви е една од последните драматизации во Театарот за деца и младинци. Какво е чувството и предизвикот кога работите на теми посветени на децата?
– Во Театарот за деца и младинци сум редовно вработена веќе 10 години, сакам да работам за деца, особено затоа што сум свесна дека Театарот за деца има една огромна одговорност, да создава нова публика. Децата кои ќе се вљубат во театарот потоа стануваат возрасни кои сакаат театар. Но, како и сите работи кај нас, никој не го сфаќа Театарот за деца како нешто сериозно. Буџетите за нашите претстави најчесто се помали од буџетите на другите театри, и покрај тоа што нашите претстави имаат потреба од посложени костимографии и сценографии, па тоа предизвикува да мораме да кубуриме со ресурсите и да правиме претстави какви што можеме, а не какви што сакаме.





