Роман-ламја со 100 глави и недобројни опашки

Наградата „Пегаз“ за 2024 година неделава му беше врачена на Владимир Јанковски за романот „Ехото на акробатите“

Филмичен ракопис како сценарио на Кшиштоф Кишловски. Книга – искривено огледало во кое секој ќе си ја препознае својата приказна. Книжевно дело кое останува како ехо, роман-ламја со 100 глави и недобројни опашки. Со овие зборови беше опишан романот „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски на врачувањето на наградата „Пегаз“ за 2024 година.

Настанот се одржа во „Литература.мк“ во трговскиот центар „Дајмонд мол“. Образложението беше претставено од жирито: проф. д-р Наташа Аврамовска од Институтот за македонска литература, писателот проф. д-р Ермис Лафазановски од Институтот за фолклор и Бисера Бендевска, уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“.

Според Аврамовска, „Ехото на акробатите“ е загатлив во поинтилистичкиот и драмски заплет на дејството, е вешто развиен во семејна сага во којашто заемно се огледуваат две епохи: денешницата како ехо на онаа што заврши со распадот на СФРЈ.

– На читателот постепено, дури отпосле му се открива оваа широка општествена слика, во која е воведуван и воден небаре ѕирка низ ниските сутеренски прозорци или низ оптиката на клучалката или оптиката на камерата за надзор. Вешто водената нарација која постојано го држи будно вниманието на читателот и постепено ја открива семејната фреска на приказната во која централното место му е доделено на таткото на фамилијата, загатнува напати, небаре патем, и многу значајни аспекти на пулсот на секојдневието. На изразното рамниште исписот го одликува лапидарен или кристално избрусен раскажувачки стил, та сета нарација е раскошна изведба на наративниот минимализам – рече Аврамовска.

Наградата „Пегаз“ по шести пат ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Уредничката на книгата, Оливера Ќорвезироска, истакна дека „Ехото на акробатите“ повеќе е граматика на љубовта отколку што е љубовна приказна.

– Не напуштајќи ја својата препознатлива раскажувачка поетика базирана на љубовта со сите нејзини убави лица и грди опачини, авторот Владимир Јанковски овој пат подлабоко загребува и во општеството и во семејните односи. „Ехото на акробатите“ е скршена семејна фотографија со татко во центарот и деца расфрлени по периферијата, наративна сложувалка со 100 „глави“ и недобројни значенски „опашки“. Со мајсторски минимализам и кристално избрусен стил, Јанковски филмски ја измонтирал приказната за тагата и празнината, за успехот и неуспехот, за подемот и падот на едно семејство … со досетливи, длабоки и незаборавни кадри и резови – истакна таа.

Јанковски се заблагодари за наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2024 година. Тој рече дека ова е важно признание затоа што оваа награда пополнува многу важен дел од мозаикот на нашиот книжевен живот. Книгата, која ја пишувал неколку години, во основата е семеен роман, кој како во филм ја следи приказната на едно семејство од 60-тите години, па наваму. Тој истакна дека филмичноста на книгата настанала спонтано. Во некои претходни верзии цели глави биле опишани само како сценарија, како слики.

– Потоа сфатив дека ќе биде премногу сувопарно и безлично да се чита книгата на тој начин. Затоа ги додадов тие филмични зачини на текстот. Кога ги читате сценаријата на најпознатите филмски имиња, не читате само сценарио, вие читате добра литература и имате чувство дека пред вас се одвива филмот. Чувството не се постигнува со тоа што тие (сценаристите) користат стратегии карактеристични за филмот, туку затоа што тие користат стратегии кои се карактеристични за литературата – објасни Јанковски.

Додека го пишувал романот интензивно размислувал за филмовите на Кишловски, и естетиката на други европски филмаџии, сакал да ја постигне таа филмичност, ама не по секоја цена.

– Ова е роман со кој најмногу се забавував додека го пишував, бидејќи се трудев колку што е можно повеќе да ги менувам перспективите и да ги истражувам капацитетите и границите на раскажувањето … Додека ја читате книгата секогаш ќе најдете своја перспектива, односно како во искривено огледало, ќе ја читате од агол на својот живот и искуство. Секој што ќе го прочита романот „Ехото на акробатите“, ќе си го препрочита (преиспита) својот живот. Сакам книгата да биде искривено огледало преку кое читателот ќе се чита себеси – рече Јанковски.

За значењето на насловот на романот Јанковски рече дека „сите ние сме ехо на нашите предци и на сите со кои сме имале некаква конекција“. Кога некој наш близок нè напуштил, ехото на неговиот живот продолжува да одѕвонува во нас, независно од тоа дали тој е сè уште жив или не.

– Човекот е суштество што постојано се сеќава и постојано ги преработува сеќавањата, драмите од својот живот и од своето минато. Животот на секој човек е своевидна акробација во постењето и времето. Акробациите и случките што ги правиме оставаат ехо во следните генерации. Ехото на акробатите се всушност децата на своите родители – рече Јанковски.

Годинашното издание на наградата „Пегаз“ е поддржано од Министерството за култура во рамките на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата. Наградата е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција. Книгата „Ехото на акробатите“ веќе е достапна во сите поголеми книжарници.

Сподели