Наградата „Златна камера 300“ на 45. ИФФК „Браќа Манаки“ ја доби кинематограферката Џудит Кауфман за филмот „Наставничка канцеларија“. „Сребрена камера 300“ отиде за Ранабир Дас за филмот „Сè што замислуваме како светлина“, за кој жирито рече дека станува збор за мошне иновативна и интересна презентација на кинематографијата, а со „Бронзена камера 300“ е награден Расмус Видебек за данскиот „Ветената земја“, за „неговото мајсторско толкување на денешницата“.

Посебно признание во главната селекција синоќа му беше доделено на Пабло Лозано за филмот „Хроники на една скитничка светица“. Тој беше и единствениот лауреат од официјалната програма што синоќа во Битола ја прими лично наградата. Му ја врачи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Во чест на сите наградени на свеченото затворање следуваше проекцијата на македонскиот филм „Убиј ги прво децата“ на Димитар Оровчанец.
Жирито на официјалната програма го сочинуваа: Џон Сил, претседател, Ањес Годар, Џевахир Шахин, Биргит Гудјонсдотир и Владимир Блажевски.
– Ова беше многу тешка одлука. Сите филмови беа со многу интересна фотографија поради што многу ни беше тешко да одлучиме. Откривме дека филмот „Наставничка просторија“ имаше многу добра кинематографска поддршка и одржуваше многу добра и конзистентна слика која ја маѓепснички ја прикажа драмата во сценариото, рече Сил, честитајќи им на наградените.

Наградата „Мала камера 300“ за најдобар краток филм ја доби Хелсио Алемао за „Амарела“. За наградата одлучи жирито во состав. Ненси Шрајбер, претседателка на жирито, Уна Менгес и Ѓорѓи Клинчаров.
Истото жири одлучи и за студентските филмови и за најдобра ја прогласи работата на Марго Бесон во филмот „Ананси“. Посебно признание доби Кинан Масарани за „Добро момче“ во кој според нив „фотографијата комбинира техничка извонредност и сочувствителна камера што директно ја воведе публиката во филмот“.
– Овој софистициран филм е исклучително успешен со својата естетска и искрена приказна. Кинематографот покажува голема вештина, емпатија и чувствителност, без да наметне его – стои во одлуката.

Наградата „Железна камера 300“ за најдобар документарец ја доби Хатем Нечи за „Најголемата лага“. Жирито беше во состав: Куршат Уресин, претседател, Јани Петери Паси и Нурија Ролдос.
– Голема чест ми е да го наградам овој документарен филм. Режисерката покажа огромна храброст ставајќи се себеси и своето семејство во центарот на вниманието за да раскаже приказна и да ги излечи раните што ја мачат нејзината фамилија повеќе од четириесет години. Филмот мајсторски го комбинира реалниот свет со реконструираното минато, создавајќи длабока врска помеѓу минатите настани и нивните последици во денешницата. Жирито го цени талентираниот кинематограф и неговиот вечен поглед кон ликовите. Тој го збогатил документарниот расказ и го поддржал режисерот и приказната користејќи техники кои се многу поприсутни во играните филмови, рече Нурија Ролдос.

Во рамките на Европската Ло-Кап програма наградата ја доби Витаутас Каткус за филмот „Токсичен“, кој во голема мера го импресионираше жирито.
– Овој победнички филм плени со своето веродостојно, но сепак возвишено визуелно раскажување, и иако неговиот свет можеби изгледа мрачен, авторите пронајдоа и убаво ги прикажаа позитивните моменти. Убавината на филмот доаѓа не само од неговата естетика, туку и од емпатичниот поглед кон ликовите и срцето на наративот. Режисерите никогаш не ги напуштаат своите ликови, ниту губат надеж, и поради тоа, голема благодарност му должиме на кинематографот, чие око за убавина во неочекувани моменти го прави филмот исклучителен.
Оваа година беа доделени и неколку нови награди. Една од нив е „Награда на Јадранската публика“.„Браќа Манаки“ стана член на Јадранската група фестивали заедно со оние во Сараево, Загреб, Љубљана, Тирана и Фестивалот на авторски филм во Белград. Гласањето на нашиот фестивал е завршено и кога ќе се соберат гласовите од сите фестивали ќе биде доделена наградата.
Дејвид Смит и Алис Брукс се добитници на наградата за креативна синергија, додека награда за „Пионер во професијата“ ù беше врачена на Ненси Шрајбер, американска кинематограферка, авторка на бројни филмови, музички видеа, неверојатна раскажувачка и четврта жена која во историјата на Американското кинематограферско здружение станала негов член.

„Еден е Манаки“ беше движечката сила на овогодинешната програма на ИФФК „Браќа Манаки“. По изминувањето на сите седум фестивалски денови убеден сум дека сите знаете зошто еден е Манаки, потсети Симеон Мони Дамевски, директор на фестивалот.
– И се надевам дека сега на сите им стана јасно дека на браќата Манаки не им требаат наводници во слоганот зошто суштината е во нивните бесмртни филмски дела и во бесмртните дела на авторите кои како гости ни доаѓаат секоја година на овој фестивал. Еден е Манаки. И една е Битола. И една е Битола која го заслужува овој фестивал. Од оваа година песната „Ако одам во Битола, ќе прошетам по Широк сокак“ доби уште едно убаво значење. Со поставувањето на ѕвездите на добитниците на нашата награда за животно дело, Широк сокак стана и сокак на славните, на филмот, сокак на најдобрите кинематографери, рече Дамевски.

Присутните на крајот ги поздрави градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
– Битола е горда на успешноста и уникатноста на уште едно фестивалско издание кое создаде трајни спомени кои значат почит на креативноста, но и силна културно-туристичка промоција и атракција за нашиот град, рече Коњановски.





