Уникатна модна ревија со адаптирана облека за лица со попреченост

Уникатно културно и модно искуство, во кое 31 лице со попреченост продефилираа на моднатa ревија презентирајќи ја првата колекција на ЗЕН адаптирана гардероба, доживеа публиката во Музејот на современата уметност во Скопје. Настанот беше надополнет со префинета музичка програма, кулинарско уживање и ексклузивна изложба на портрети на лицата со мисија со општествени пораки упатени за поголемо вклучување и сеопфатна општествена одговорност.

Проектот е на Здружението „Икуалити“ и „Зен футурус“, со поддршка на Македонската асоцијација за мода. Тие во средата ги проширија хоризонтите на скопската модна култура, промовирајќи високи вредности на општествена инклузија и отворено општество преку настанот ЗЕН Инклузивно соире.

Публиката од културниот и модниот свет уживаше во ревијата, на која гордо по модната писта исчекорија 31 лице со уникатни способности, артикулирајќи ги своите предизвици и способности ја промовираа потребата за нивно активно општествено вклучување и унапредување на квалитетот на животот.

Преку модната ревија, беше официјално промовиран и брендот ЗЕН, основан од страна на Здружението „Икуалити“ и компанијата „Зен футурус“ со општествена мисија – да пружи поддршка на лицата со попреченост, да го трансформира дотерувањето од фрустрација во задоволство, да влијае на квалитетот на животот, самодовербата и подигнување на нивото на нивната животна независност. Во креирање на колекцијата главни актери беа лицата со уникатни способности, директно вклучени во процесот на моделирање и создавање на колекцијата на адаптирана гардероба изработена по индивидуална мерка и подарена во целост на овие лица.

Мисијата на Инклузивното соире беше да промовира верба во повисока цел да креира ненадминлива позитивна енергија која ќе ги руши бариерите за најранливите и маргинализираните и да постави пример за почитување на меѓусебните различности, преку создавање на заедништво и креативни решенија кои водат кон поквалитетен живот.

ЗЕН Инклузивно соире – инклузивна модна ревија e поддржанa од проектот на Владата на Швајцарија „Образование за вработување“, имплементиран од Хелветас. Настанот го поддржаа повеќе компании. За послужувањето се погрижија ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“ и средното стручно училиште „Лазар Танев“, за фризура и шминка се погрижија средношколците од „Димитар Влахов“ во соработка со повеќе компании.

Фотографии: Ѓоргиј Ристоски, Игор Костов.

Сподели