Денеска го одбележуваме 15 Април, Светскиот ден на уметноста. Во чест на роденденот на големиот уметник, научник и иноватор Леонардо да Винчи, пред десет години, на Светското генералното собрание на Меѓународната уметничка асоцијација што се одржало во Мексико, претседателот на турскиот Национален комитет предложил роденденот на Да Винчи да се прогласи за Светски ден на уметноста. Претставниците на националните комитети се согласиле дека Леонардо да Винчи, сликар, скулптор, мислител, писател, иноватор, математичар и филозоф бил совршен избор за современиот денешен свет. Така во 2012 година за прв пат светот почна да го одбележува Светскиот ден на уметноста.
Во секоја земја на овој ден се организираат фестивали, изложби, трибини и забави и се нагласува улогата на уметноста во постигнувањето на мир и слобода. Во 2014 година денот се одбележал во 21 земја во светот, а во 2015 година за првпат и во Македонија. Во Културно-информативниот центар во Скопје беше отворена изложба на дела околу 60 македонски уметници, припадници на неколку генерации.
Леонардо да Винчи е роден во 1452 година во малото село Винчи во Тоскана. Многумина сметаат дека тој е најголемиот сликар на сите времиња. Бил архитект, инженер, вајар, уметник, сликар, изумител, анатом, ботаничар и астроном. Покрај сликарските ремек-дела Мона Лиза, Тајната вечера и Витрувијанскиот човек, тој правел скици и модели за многу иновации.





