Краткиот филм „Соло Мод“ на режисерката Тамара Котевска ќе ја има својата светска премиера денеска во на 27. Филмски фестивал во Сараево. Филмот е во официјална селекција на кратки филмови, а ќе има уште една проекција на 19 август.

Станува збор за независен краткометражен филм инспириран од ковид-19 и снимен во 2020 година за време на рестриктивните мерки и строгиот карантин, со актерска екипа сочинета од едно вистинско четиричлено семејство и мала филмска екипа. Загрижен татко и сопруг одлучува да создаде друштвена игра за да ги подобри врските во семејството, но на крајот, тој сепак создава игра за еден човек.

Филмот трае 30 минути, а е копродукција помеѓу Македонија, Турција и САД.
Улогите ги толкуваат актерот Александар Микиќ, неговата сопруга – харфистката Весна Микиќ и нивните две дечиња Иво и Ена. Продуценти се Тамара Котевска и Илија Тирицовски. Извршни продуценти се Пеце Талески, ОХО Продукција за Македонија и Ана Хашми, The Corner Shop за САД, а копродуцент на филмот е Зејнеп Атакан, Zeyno Film од Турција.
„Соло Мод“ е поддржан од Агенцијата за филм.
Тамара Котевска заедно со Љубомир Стефанов имаше двојна номинација за „Оскар“ за филмот „Медена земја“ во 2019 година. Таа има и три награди на престижниот „Санденс“.






