54. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Во Конгресниот центар на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид денеска во 12 часот свечено ќе биде отворена 54. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК). Свечени обраќања ќе имаат претседателот Стево Пендаровски и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски. Пригоднoто обраќањe ќе има проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на МСМЈЛК, а потоа ќе биде промовиран Зборникот „Предавања на 53. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литeратура и култура“. Делото ќе го промовира доц. д-р Гордана Алексова.

Летната школа ќе трае до 2 септември. Ќе учествуваат 40-тина семинаристи од: Малезија, Велика Британија, САД, Руска Федерација, Белорусија, Швајцарија, Словенија, Хрватска, Србија, Грција, Турција, Унгарија, Полска, Словачка и Чешка Република.

– Овој интерес е и благодарение на вложеноста на лекторите по македонски јазик во лекторатите на странските универзитети, како и на професорите/предавачите македонисти и слависти на странските универзитети – велат организаторите.

Во текот на дваесеттина дена учесниците ќе имаат можност да слушаат лекторска настава со вкупен фонд од 55 часа, како и 13 предавања од врвни специјалисти и познавачи на творештвото на Блаже Конески од повеќе аспекти, но и да проследат неколку културните настани.

Насловна фотографија: Архива на МСМЈЛК

Сподели