Изберете да студирате дома, ќе добиете европски видици во локални услови, вели ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ има 2400 слободни места за бруцоши во новата академска година. Секој е добредојден да се запише на нашиот универзитет, на еден од десетте факултети, една виша школа и Институтот за тутун, каде има втор и трет циклус, вели ректорот проф. д-р Игор Неделковски. Државна квота од 200 евра, школарина со учество од 400 евра, исто толку е и сумата што ја плаќаат и вонредните студенти. 1309 студенти можат да влезат во државна квота, а останатите – со партиципација. За новата академска година и можностите што ги нуди УКЛО, разговараме со ректорот Неделковски.

-Нам не ни е целта да оствариме приход од студените, туку да привлечеме поголем број да ни дојдат. Ние ù предлагаме на Владата бројот од државната квота да биде двојно поголем од другата категорија – со школарина. Не сакаме финансискиот момент да преовладува и со таа минимална партиципација да привлечеме поголем број студенти, односно парите да не бидат пречка во изборот на професијата. Но, од друга страна, не ни е важен само квантитетот, туку и квалитетот. Традиционално, најдобрите студенти ги ослободуваме и од таа минимална партиципација од 200 евра, тоа е за да дадеме една симболика, ги сакаме најдобрите на нашиот универзитет – вели Неделковски.
Вториот уписен рок е закажан на 13 и 16 септември, а третиот – на 24 септември.

Во тек се уписите за првиот уписен рок, што трае до 29 август, а по потреба УКЛО распишува и четврт рок. Што ќе донесе новата академска година?

– Уписот е веќе започнат. Ние сме комплетно дигитализирани, студентите веќе се пријавуваат електронски. Овие денови на уписи се заради законските обврски да ги остават документите кај нашите служебници кои потоа ќе проверат дали тоа што го внеле електронски ќе соодветствува со свидетелствата што ги добиле. Ние сме скоро 100 проценти дигитализирани. Ја укинавме потребата да се впишуваат во индекс. Студентите можат да се запишуваат преку нашиот веб портал. Тоа си тече, а можеби и во иднина треба повеќе да го промовираме.

Нам ни е примарно никој да не биде изоставен од можноста за високо образование. Сметам дека овој систем е еден од најважните елементи за задржувањето на младите во регионот. Многу од дипломираните си заминуваат во главниот град или во други земји. Но, ако некој замине на 18 години да студира или не продолжи да студира, оди да работи на број или каде е популарно, тој нема да се врати назад. Затоа реков нам целта ни е за сите да има втора, трета па и четврта шанса. Некој може се премислува и сл. Или се обидел на друго место, па не му успеало. Вратата да биде отворена. Не само за нови студенти и тука во иднина треба повеќе да работиме на враќање на студентите. Во овие уписни рокови, можат да се пријават и сите студенти што не се задоволни од универзитети кај што студираат, имаме комисии што утврдуваат што треба да им се признае и да продолжат на нашиот универзитет. Оваа опција планираме да ја интензивираме.
Понекогаш студенти имаат проблеми со кирии, трошоци на живот и сигурно дел од студентите што заминале во друг регион или држава и верувам дека би одлучиле кај нас да ги продолжат студиите.

Од годинава УКЛО стана единствен македонски универзитет дел од КОЛОРС алијансата. Какви придобивки нуди оваа алијанса за нашите студенти?

– Квалитетот што го нудиме е компатибилен со она што го нудат други земји. Со зачленувањето на нашиот универзитет во КОЛОРС алијансата, како прв македонски универзитет, студентите добиваат можност за мобилности и избор на предмети, а наскоро и на деветте КОЛОРС универзитети и со можност за двојна диплома.

Носителот на овој проект, од Германија, вели „бидете еден од 125.000 илјади студенти на КОЛОР алијансата, а полагајте испити на другите членки на Алијансата“. Да се остане дома, а преку мобилност, размени, „Еразмус+“, да може да се поминат и семестри низ Европа.

За сите матуранти, студенти што не се задоволни од постојните студии, од кои и да се причини, сите бивши студенти на прв циклус, ги охрабрувам да ја искористат оваа можност за прв пат во Македонија имаме можност да се запишат на наш универзитет, а да бидат дел од европската универзитетска алијанса, да избираат дел од испитите да полагаат на еден од осумте други универзитети, членови на КОЛОРС. Да го остварат она што една Германија го пропагира. Не дека таму ќе добијат којзнае колку подобро внимание, но ќе добијат нови видици, патувањето е како да имате сопруг или сопруга што нема да ја пуштите да патува – е ја изгубите секако ако ја ограничите. Но, така ќе се уверат дека дома ги имаат најдобрите можности. Ова и досега се нудеше со „Еразмус+“, а сега и со КОЛОРС.
Започнавме во јануари 2024, неколку групи студенти веќе заминаа одреден период.

Неколку пати сте потенцирале дека треба поголемо внимание да обрнеме во високото образование на студиите од втор и трет циклус. Каков е интересот на УКЛО за овие циклуси студии?

– Високото образование е процес поделен на три циклуси. Со прифаќањето на Македонија на европската рамка (Болоњскиот процес) поделена на три циклуси, тоа значи дека за да имате комплетно високо образование треба да ги поминете сите три циклуси. Нормално, не сака секој да го направи тоа. Идните студенти треба да размислуваат што по дипломирањето. Денешната наука, техника, развојот на општеството толку брзо одат напред, што панданот на завршување на прв циклус студии е нешто што пред 50-ина години било завршување средно образование, оти со средно можело да се вршат повеќето работни задачи. Сега, во 21 век, само првиот циклус се смета за делумно високо образование. Затоа ги охрабрувам сите студенти да размислуваат за втор циклус, да трае една година, или 3+2, за да се заокружи тој циклус и трае дополнителни 3 години. Првиот без вториот циклус денес е како образованието да не е комплетирано. Некогаш докторатот се сметаше за крај на кариерата, односно се докторираше и во 50-та година од животот.

Доктрината на Европа денес е поинаква. Докторандите се на 30-ина години. Бидејќи одлучиле стручното образование да го надградат со научно образование. Многу фирми веќе имаат свои истражувачки центри. Грешно е да се мисли дека докторат му треба некому само за да остане на факултет, а за тие што сакаат да заминат некаде, тоа им е придобивка за наоѓање поквалитетно работно место. Да, навистина државата не ги финансира вториот и третиот циклус и не можеме да си дозволиме да биде бесплатно. Но, затоа пак, нудиме поволности, посебно за дел од факултетите избираат помали школарини. Гледаме тоа да биде прифатливо, ги приспособуваме студиите да бидат прифатливи и за вработените. Многу од студентите што ќе одлучат ги охрабрувам да размислат и на квалитетот на работното место и перспективите што му ги дава.

Во конкурсот за втор циклус студии за прв пат има и од Институтот за старословенска култура, единица што ќе се приклучи годинава како придружна членка. Може да ни објасните подобро како функционира ова?

– Институтот за старословенска култура не е директно под УКЛО, но за своја сметка си работи самостојно, органите ги избираат по свои закони. Институтот за старословенска култура има втор циклус. Има доста дефицитарен кадар од тие профили, за заштита на културно наследство, а овде имаме Институт со големо реноме и е етаблиран. УКЛО на некој начин дава своја поддршка.

Конкурсот за студии од трет циклус исто така е веќе објавен. Уписите се од 24 септември до 10 октомври и од 30 октомври до 8 ноември. Слободни се 159 места. Какви услови нуди УКЛО за докторандите?

– За да биде еден професор ментор на студиите од третиот, мора да помине преку одборот за акредитација. Еден професор не може да биде ментор на повеќе од три докторанди. Оти квалитетот е најважен, ние тоа го почитуваме и вреднуваме. Треба да му се посвети внимание цело време, една две повеќе години. Ако сакаме квалитет, тоа го потпишал законодавецот. Како што кажав, по традиција објавуваме дополнителни конкурси до крајот на семестарот да се вклопат, вториот, а посебно третиот циклус се флексибилни, менторски. Околу 40 отсто имаме странски студенти, а имаме индивидуализиран пристап. Сакаме секој наш докторанд да добие образование еден на еден. На сите единици ги имаме студиите на втор и трет циклус.

Научниот институт за тутун во Прилеп одбележува 100 години постоење. Во рамките на одбележувањето во септември е се организира Форумот на ректори на земјите од ЈИЕ во Битола.

– Научниот институт е основан во 1924 година и во 1979 година е основач на УКЛО како правно лице. Што значи имаме морално и материјално право да се повикаме дека нашите почетоци се од пред 100 години. 45 години од основањето на УКЛО и 100 години од Институтот за тутун беа мотив за УКЛО да аплицира да биде организатор на Форумот на ректори, што ќе го организираме од 11 до 13 септември. Веќе има повеќе од 40 регистрирани учесници – ректори, проректори, високи претставници од земјите на ЈИЕ, но и дел од КОЛОРС. Тие денови ќе бидат посветени и на работен дел, но и на одбележување на нашите јубилеи, како што е и 90 години од првото студентско здружение во Битола од многу студенти, познати народни херои. Ќе дискутираме на темата колку образовните алијанси се важни и се иднина за образованието, а втората тема ќе биде – валоризацијата на високото образование, односно кои се црвените линии што мора да бидат повлечени за квалитет. Воведничар ќе биде ректорот на Универзитетот во Сараево, кој има долгогодишна борба за задржување на основните вредности на универзитетот.

Девалвацијата на образованието воопшто се чини е тренд, не само кај нас. Буџети се кратат насекаде. Како тоа се одразува на самите општества?

– Да го прашате и ректорот на холандски или норвешки унвиверзитет, ќе ви каже дека и кај нив се случуваат слични трендови. Можеби не како што е на Балканот, но генерален е трендот. Прво е поврзано со парите. И најбогатите земји кратат на финансиите. Кратењето ги турка универзитетите на пазарот. Исто така, опаѓањето на наталитетот е алармантен во целиот свет. Тоа во ЕУ привлекува многу студенти од Блискиот Исток, но повторно се девалвира квалитетот на високото образование. На студентите од тие земји проблем им е јазикот на новата средина и ректорите се жалат дека на тие студенти мора да им прогледуваат низ прсти. Кај нас, од неодамна имаме доста амбициозна министерка, која ми изгледа дека има сериозна агенда за да се задржат одредени минимални вредности, да се направат предуслови за тоа да се оствари.

Што ќе им порачате на идните студенти?

– Изберете да студирате дома, ќе добиете европски видици во локални услови. Поатрактивно за кој било човек, млад повозрасен – нема. Да го користете бенефитот на социјалниот живот, култура, јазик, а да стекнете европско образование и во текот на обравованието да прошетате образовно низ повеќе европски земји. Повеќе од тоа – здравје!

Сподели