Театарот „Војдан Чернодрински“ со претставата „Аудиција“ од Галин, во режија на Владимир Милчин, вечерва 20 часот ќе се претстави во официјалната програма на 11. Амбиентален театарски фестивал Нови Тврдина Театар, што се организира во Чортановци, во близина на Нови Сад.
Прилепскиот театар настапува во конкуренција на други пет претстави од регионот, а изведбата е во вила „Станковиќ“, која од неодамна е промовирана како нова амбиентална театарска сцена.
Мотото на фестивалот годинава е „Смета ли иднината на нас?“. Уметнички директор на фестивалот е Вида Огњановиќ, претставите селектирани на фестивалот зборуваат за проблемите на човекот денес.
Во претставата: играат Марија Спиркоска Илијеска, Даниела Иваноска, Ангела Наумоска, Сара Спиркоска, Јасмина Мицовска Станкоска, Наташа Ачански, Илија Волчески, Александар Тодески, Игор Трпчески, Зоран Иваноски и Михајло Миленкоски. Во „Аудиција“ се зборува за копнежот по малку подобар живот, кој е можен само подалеку од провинцијата и татковината.