„Траги од два света“ – словачката уметност пред македонската публика

Целта на проектот „Словачки уметнички патишта“ е да ја претстави словачката уметност во странство и да ги вклучи словачките уметници во меѓународните мрежи

„Траги од два света“ е насловот на колективната изложба на уметници од Словачка што ќе биде отворена утревечер во 19 часот во Галеријата на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (Бул. 8. Септември бр.10). Изложбата е дел од проектот „Словачки уметнички патишта 2024“, копродукција помеѓу „PointA o.z. Slovakia“ и ФЛУ. Куратори се Бранискав Зурко и Адам Мачко. Ќе бидат изложени дела (хартија, цртеж, графика и нејзините преклопувања) од Игор Бенча Луција Фабова, Марек Халаш, Адам Мачко – Роберт Макар, Матуш Мататко, Ева Мофларова, Јулијана Мрвова, Станислав Пиатрик, Владимира Вајс Савканичова, Дениса Славковска, Патрик Шевчик, Петер Валиска-Тимечко и од Владимир Вајс.

Целта на проектот „Словачки уметнички патишта“ е да ја претстави словачката уметност во странство и да ги вклучи словачките уметници во меѓународните мрежи. Фокусот е на пресеците на визуелната уметност и партиципативните форми, презентирајќи дела кои ја истражуваат потрагата по универзални средства за изразување и општествените вредности, каде што медиумот е носител на идеалите.

– Алтернативните толкувања на реалноста влијаат врз општествениот дискурс и често го поларизираат општеството. Во овој контекст, уметноста како хуманистички апарат служи како средство кое може да промовира дијалог и соработка, надминувајќи ги разликите и бариерите меѓу луѓето – велат организаторите.

Збирката дела се фокусира на медиумот на цртеж и графика со преклопувања во други видови уметност. Избраните дела за последниот период (2022-2024) првенствено се фокусираат на стратегиите за графика (сериграфија, дигитален печат, оригинални отпечатоци, мешани медиуми и оригинални принципи на цртање) главно на хартија, но и на платно, што претставува пресек на генерации, при што овде најзастапена е средната генерација уметници.

Проектот е поделен на три дела: колективна изложба со наслов „Траги од два света“, перформанси насловени „Матрицата како ринг“ (што ќе се одржат утревечер) и „Корео_графика и придружни настани“ (презентации, предавања, тури со водич, разговори со уметници и работилници) закажани за петок (16 август) во 9.30 часот.

– Колективната изложба нуди можност за меѓународна презентација на словачките визуелни уметности. Промовира меѓукултурна соработка и стимулира дискусии за важни социјални и еколошки прашања. На овој начин, таа се стреми не само да развие уметнички авторски програми, туку и да придонесе за решавање на глобалните предизвици преку уметноста – велат организаторите.

Изложените дела одразуваат различни аспекти на современиот живот, фокусирајќи се на интердисциплинарни прашања и социјалните или активистичките димензии на индивидуалното сведочење. Изложбата содржи дела во голем формат, како и во помали димензии.

Перформансите на Станислав Пиатрик и Петер Валиска-Тимечко се однесуваат на меѓусебен дијалог и имагинарен дуел на „два света“, при што уметниците си ги сечат сенките со моторна пила и создаваат матрица од големи размери, која потоа ја печатат директно пред публиката. Овој перформанс, како и перформативната акција „Корео_графика“ на Валиска-Тимечко во соработка со Томаш Савканич, може да се опишат како акциски манифестации на графика што покренуваат нови прашања во контекст на современата уметност.

Проектот е продолжение на низата меѓународни презентации и изложби на современа визуелна уметност организирани во соработка со Галеријата „Кониарен“ – Простор за современа уметност од 2014 година (Виена 2014, Австрија; Лондон 2015, Обединето Кралство; Амстердам 2016, Холандија; Вилнус 2018, Литванија; Софија 2020-2021 Бугарија; Сплит 2022, Хрватска; Копер 2023, Словенија). Проектот е поддржан со јавни средства од Словачкиот уметнички совет како главен партнер. Партнери Галерија Кониарен, Словачко здружение за уметност и култура,

Академија на уметности во Банска Бистрица. Изложбата ќе биде отворена до 30 септември, од понеделник до петок, од 9 до 15 часот.

Сподели