„Пливање за инклузија“ беше насловен хуманитарниот настан во чии рамки македонската пливачка легенда Томи Стефановски вчера пливаше 4 часа во Охридското Езеро за инклузија на децата со атипичен развој и инвалидизираните лица.Тој исплива 15 километри од хотелот „Десарет“ до црквата „Св. Јован Канео“ и назад до охридското пристаниште. Со ова Стефановски одбележа 15 години од препливување на каналот Ла Манш.
– Оваа соработка ме мотивираше да го поставам овој предизвик, кој сакам да прерасне во традиција. Секоја година на 14 август да се потсетуваме дека треба да се грижиме за сите деца кои, поради различни причини, не добиваат можност да бидат дел од спортот и општествените настани – рече Стефановски.
Хуманитарниот настан Стефановски го организира со невладината организација ИТК Македонија – Скопје и со Охридскиот пливачки маратон.
Според Мартин Мојсовски од ИТК Македонија – Скопје, овој настан претставува обид за уште поголемо вклучување на лицата со атипичен развој и инвалидизираните лица во спортот и физичкото образование.
– Заедно со колегата Радован Вељановски се бориме за поголема инклузија во спортот и професионализирање на професијата тренер во адаптивни спортови. Полека, но сигурно добиваме се поголема поддршка од заедницата и овој потфат на Томи е од огромно значење за подигнување на свеста за лицата со атипичен развој и инвалидизираните лица во спортот и нивна интеграција во системот – вели Мојсовски.
Ристе Јанкоски, претседател на организациониот одбор на Охридскиот пливачки маратон рече дека овој хуманитарен настан ќе прерасне во традиција за да се помогне онаму каде што е најпотребно.
На 14 август 2009 година, Стефановски го преплива каналот Ла Манш по повод 50-годишниот јубилеј од првото препливување на каналот од страна на Македонецот Нико Нестор (1958) и 40- годишнината од препливување на првата Македонка, Атина Бојаџи (1969). Тогаш, потфатот на Стефановски траеше 7 часа и 42 минути, резултат кој е 13. на вечната листа во 149 годишната историја на препливување на каналот.