Најголем поттик е она што го носам во себе, љубовта кон земјата во која што сум се родил, желбата да ја прикажам Македонија во што подобро светло, вели Златко Панзов
Од култура и промоција на културата тешко се живее. Мора да имате и друга професија. Особено ако се обидувате да ја промовирате македонската култура во странство. Сепак, семејството Панзови во Будимпешта го први токму тоа. Со години гради мостови помеѓу Македонија и Унгарија, организираат литературни и музички настани, изложби, ги промовираат македонската храна и вино. Тој лани ја доби наградата за „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик, таа годинава го понезе престижното почесното „Рациново признание“ за значаен придонес во афирмацијата на македонскиот јазик надвор од границите на државата. Имаат и подмладок. Нивната ќерка ги следи стапките на своите родители.

Јана Борбaла, Златко и Анамарија Цинеге Манзови (од лево кон десно)
Златко, Анамарија Цинеге и Јана Борбaла Панзови со години живеат во Будимпешта. Златко работи како лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при Универзитетот ЕЛТЕ, Будимпешта, докторанд на Докторската школа за книжевност при ЕЛТЕ. Овој лекторат е еден од најактивните не само во промоција на македонскиот јазик, туку на македонската култура воопшто. Панзов е минатогодишен добитник на наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски од унгарски јазик на „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро.

Златко Панзов со наградата „Драги“
– Подолго време соработувам со издавачката куќа „Артконект“, романите што сакаме да ги преведеме ги избираме консултирајќи се, разгледувајќи ги сите аспекти на делото што би требало да се преведе. Во случајот на „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро, предлогот беше на самата издавачка и веднаш го прифатив. Одамна сакав да преведам нешто од Шпиро, се работи за големо име на современата унгарска литература, еден од најголемите унгарски раскажувачи на сите времиња – вели Панзов.
Секој успешен во својот домен
„Заробеништво“ е комплексен, историско-авантуристички роман чие дејство се случува во времето на Римското Царство, во 1 век. Се појавуваат клучни ликови, Калигула, Понтиј Пилат, Исус.

Од врачувањето на „Драги“ за 2023 година
– Романот „Заробеништво“ е комплексен роман кој носи приказна сместена во првиот век на Римското Царство на повеќе од осумстотини страници, што е во обем многу сериозен преведувачки потфат. Структурата на романот е составена од четири дела во кои приказната се одвива на три различни локации, Рим, Јудеја и Александрија, мајсторски се испреплетуваат римската, еврејската, грчката, но и други култури, кои носат посебна лексика што бара многу истражување. Романот може да се класифицира и како историографска метафикција, што го прави уште покомплициран за превод. Авторот се поигрува со историските факти, внесува ликови од различни временски периоди, препишува и менува библиски и апокрифни текстови, на моменти главниот јунак Ури ги согледува настаните во кои учествува од современ, денешен контекст. Некои општествени и политички моменти разработени во романот како да се наметнати од современоста која ја живееме, многу работи кои денес се случуваат едноставно како да се преклопуваат со оние во романот, на моменти се прашував дали историјата се повторува или сегашноста се наметнува на историскиот поттекст на романот. Сè на сè, многу сериозен потфат за еден преведувач – објаснува тој.

Од врачувањето на „Рациновото признание“ 2024
Почесното „Рациново признание“ на Анамарија Цинеге-Панзова ù причинила огромна чест. За неа тоa е еден вид на потврда за нејзините досегашни усилби и поттик за во иднина.
– Ќе се обидам да бидам достојна на добиеното признание – вели таа.
Нијзината врска со македонскиот јазик започнала во Полска уште во 1999 година.
– По средбата со еден Македонец во Чешин почнав да го учам македонскиот јазик и да се запознавам со македонската култура. Пред мене се отвори ризница на културни вредности, и како што се развиваше мојата врска со Македонецот се развиваше и моето знаење на јазикот и Македонија. Мојата прва средба со културата на Македонија беше филмот „Пред дождот“ од Милчо Манчевски и музиката на култниот бенд „Архангел“, а потоа и музиката на „Синтезис“.

„Сашо Поповски трио“ на Деновина на макеоднската култура во Унгарија 2019 год.
Од една страна самиот јазик е вечен предизвик, а и убедувањето на унгарската публиката дека и еден мал народ има големи културни достигнување што вредат да се запознаат – обкаснува Цинеге-Панзова.
Од култура не се живее лесно
Јана Борбала Панзов е инспиративна млада девојка која од мала црта, прави креативни производи. Таа живее во Будимпешта и расте како билингвално дете. Подобро се снаоѓа со унгарскиот јазик, бидејќи во Унгарија живее најдолго и таму оди на училиште.
– Но и македонскиот јазик постојано го користам, со татко ми зборувам на македонски, слушам македонска музика и гледам македонски телевизии. Размислувам визуелно. А сонувам на двата јазика, на македонски и унгарски – вели Јана.

Јана Борбела Панзов, групна изложба 2023 год.
Ја мотивира желбата да направам нешто ново за својата втора татковина, Македонија.
– За моите врсници во Македонија да не заборават од каде се, колку вредат, да се инспирираат од својата култура и да го користат македонскиот јазик и неговото писмо. Преку работата на проектите дел од манифестацијата „Цртај на македонски јазик“ имав можност моите идеи да ги преточам во илустрации кои се надевам дека ќе го поттикнат користењето на македонската кирилица. Инспирацијата ја наоѓам во работите што ме опкружуваат, книгите што ги читам и музиката што ја слушам – вели Јана.
На прашањето каков е животот на едно семејство што се занимава со лингвистика и култура воопшто во Будимпешта, Панзов вели дека сите оние кои се занимаваат со култура знаат дека тешко може да се живее од неа.

Промоција на „Вештица“ од Ванко Аnдоновски на унгарски јазик
– Сепак, пресуден е ентузијазмот и личната сатисфакција откако некој проект е завршен, откако публиката на некој настан ќе замине со позитивни впечатоци и ќе добиете позитивни реакции. Најголем поттик е она што го носам во себе, љубовта кон земјата во која што сум се родил, желбата да ја прикажам Македонија во што подобро светло, да го понудам најдоброто што го имаме, преку работата како Лектор по македонски јазик да го зголемувам бројот на говорители на македонскиот јазик, едноставно да се покаже дека сме тука, дека имаме што да покажеме и на што да се гордееме. Пресудна е поддршката од дома, вклученоста на Анамарија, а уште повеќе ме мотивира да продолжам да го правам она што го правам интересот на Јана и нејзината силна желба да помогне, да направи нешто, да ги поттикне своите врсници во Македонија да го негуваат македонскиот јазик и македонската култура – вели Панзов.

Промоција на унгарскиот превод на „Резервен живот“ од Лидија Димковска
Анамарија го дополнува:
– Да се живее од ова е тешко, мора да се има и друга професија. Работам како наставник по унгарски јазик. Нашиот живот е исполнет со литература, музика, култура, нашата ќерка се занимава со ликовна уметност, сите гравитираме во истото поле и ги споделуваме нашите добри искуства и доживувања. Од една страна „Рациновото признание’ обврзува, а до друга страна мојата професија (литературата, јазиците) и семејната ситуација е она што ме водеше на овој пат и природно е да се обидам да направам колку повеќе можам за зближување на нашите култури.

Денови на македонската култура 2023 год.





