Фестивалот „Преку езерото“ што се одржува во Дојран, од годинава ќе ја воведува наградата „Мето Јовановски“ за „Извонредно актерско достигнување во уметноста на филмот“. Ова беше споделено вчера на средба во Гевгелија, на организаторите на фестивалот со културни работници од регионот – Гевгелија, Валандово, Богданци и Дојран. Фестивалот годинава ќе се одржи од 7 до 11 август.
Со проекции на пет долгометражни филма, од кои четири играни и еден документарен, фестивалот, кој е единствен од ваков вид во Македонија, ќе понуди програма за сечиј вкус, на отворено, на брегот на Дојранското Езеро.
– Нашиот фестивал веќе прераснува во етаблиран фестивал на балкански и на медитерански филм, во кој се разработуваат теми што го карактеризираат духот на Медитеранот, културата, уметноста и традицијата на медитеранските земји. Основната идеја на фестивалот од оваа година ќе биде негова регионализација, односно тој да стане фестивал на градовите од југоистокот на Македонија, како и вмрежување на културата и уметноста заедно со туризмот. Имаме прекрасни духовни, културни и цивилизациски вредности и време е да се научиме како да им ги понудиме тие вредности на туристите што го посетуваат овој регион – објаснува иницијаторот на фестивалот, режисер и продуцент, Јани Бојаџи.
Мими Ѓоргоска-Илиевска, претседател на Советот на фестивалот „Преку езерото“, во своето обраќање истакна неколку новитети што ќе го обележат ова издание.
Првиот ден, пред официјалното отворање на фестивалот, ќе биде понудена филмска програма за младите и тинејџерите.
Следува првиот ден од официјалната програма на фестивалот, која ќе има натпреварувачки карактер, а меѓународна жири-комисија ќе ги оценува филмските остварувања. Втората новина, според Ѓоргоска, е што од оваа година се воведуваат две награди за актерски остварувања. Првата, која е насловена „Награда Мето Јовановски“ за извонредно актерско остварување во уметноста и филмот, годинава постхумно е за Мето Јовановски.
Потоа ќе биде прикажан неговиот последен снимен филм, „Руски конзул“, српско остварување во кое настапи заедно со Жарко Лаушевиќ. Исто така, ќе се додели и награда на актер со врвни остварувања во филмската дејност во Македонија, на Балканот и на Медитеранот.
– Она што го предвидува фестивалот како новина, со цел и развој на македонската филмска и телевизиска продукција, преку поддршка на младите автори, е распишување конкурс што ќе се однесува за дипломскиот филм. Конкурсот е веќе објавен и е наменет за студентите од Факултетот за драмски уметности при УКИМ и од Универзитетот „Еуропа прима“. Предност ќе имаат младите од југоисточниот дел од земјата. Три краткометражни филма ќе добијат финансии во висина од еден милион денари, во рамките на фестивалот „Преку езерото“ – рече продуцентот Дејан Милошевски.





