Најзначајната средба со Петре М. Андреевски за мене беа романите „Пиреј“, „Небеска Тимјановна“ и „Тунел“, кои ги читав во средношколските денови. Тука ја видов длабочината до која проникнува тој во уметничкото прикажување на сè што сме ние и како Македонци, и како луѓе, на сè што сме сакале, а не сме можеле
Пишува: Наташа Атанасова
Во купчето книги што ги спакував за да ги читам на одмор, првата беше „Книга за Петре“ (издание на „Арс ламина“), книгата што ја добив како подарок од нејзината приредувачка, Оливера Ќорвезироска. И како сè да ме влечеше и да ја фатам прва и да ја исчитам уште првиот ден, за да ја мислам цел одмор. Затоа што ова е книга со 19 пипалки, од кои секоја те пипка, чепка, грепка и копка на свој начин.
Петре пред „Книга за Петре“
Првата моја средба со Петре М. Андреевски, кому на 25 јуни му славевме 90-годишнина од раѓањето, како и на многу деца, беше со преслатката сликовница „Касни – порасни“. А како и на многу родители, таа книга е местото и на последната моја книжевна средба со него. Книгата ја читав како дете кое влегува во светот на книжевноста, но и на моето дете му ја читав кога влегуваше во тој свет. Ѝ ја читав уште кога не знаеше убаво да зборува, ама се сеќавам како песничките ја мамеа додека ги слуша слатко да ги промрморува последните слогови од сите стихови.
Најзначајната средба со Петре М. Андреевски за мене беа романите „Пиреј“, „Небеска Тимјановна“ и „Тунел“, кои ги читав во средношколските денови. Тука ја видов длабочината до која проникнува тој во уметничкото прикажување на сè што сме ние и како Македонци, и како луѓе, на сè што сме сакале, а не сме можеле, на сè што не сме сакале а сме морале и на таа неизмерна, неимоверна внатрешна сила и волја и покрај сè да истраеме и да опстанеме.
На факултет ги читав и препрочитував „Дениција“ и „Лакримариј“, се восхитував на леснотијата со којашто изгледаше дека ги ниже зборовите во стихови, која во суштина е претешко да се постигне. Откога ми завршија факултетските денови и добар дел од животот почнав да минувам во кола, со години во цеде-плеерот се вртеа неговите стихови испеани од музичкиот состав „Starowsky“ (со најсаканиот: „Ништо не е поприсутно од твоето отсуство“), додека цедето магично не исчезна, а неговиот омот до ден-денес стои во колата, со надеж дека еден ден ќе му се врати изгубената срцевина.
„Книга за Петре“
„Книга за Петре“ е збирка раскази, од кои во некои се појавува како лик, некои раскази се како да ги напишал самиот тој, во трети нема ништо што директно и видливо потсетува на него, но затоа атмосферата или тематиката како заташкани траги водат кон него. Читањето личи на прошетка низ наративни шуми во кои во кората на некои дрвја го гледаме неговиот лик, некои од гранките на дрвјата се така поставени што гледано од далеку како да испишуваат негови зборови и реченици… Но најважно, насекаде лисјата шумолат петреандреевски – во сите овие 19 раскази од 19 писатели, тој е тука како трајна инспирација со својот лик и дело, со своите ликови и дела.
Од целата збирка, во која има одлични раскази, ова се четирите кои ми оставија најголем впечаток:
Целиот текст прочитајте го на Блен.мк
Насловна фотографија: „Арс ламина“