Италијанскиот филм „Бескрајна недела“ низ Македонија, вечерва и утревечер во Битола

Дебитантскиот игран филм на Ален Парони, „Бескрајна недела“ кој беше дел во програмата „Хoризонти“ на 80. Филмски фестивал во Венеција се прикажува во киносалите во земјава. Вечерва и утревечер во 20.30 часот филмот ќе се прикажува во малата сала на 3Д киното во Битола. Не ја пропуштајте можноста да го погледнете овој извонреден италијански филм чија приказна ја прикажува егзистенцијалната и социјалната слика на младите луѓе кои живеат во една малаксаност на современието. Тројца млади луѓе во оваа „Бескрајна недела“ се движат помеѓу приказната за зрелоста и приказна која се занимава со нихилизмот сместени околу вечниот град Рим.

Алекс (Енрико Басети), Бренда (Федерика Валентини) и Кевин (Закари Делмас) се блиски пријатели кои живеат на периферијата на Рим, фатени помеѓу чувството на вечност на античкиот град, страшниот мрак на неизвесна иднина и сопствениот ужас од стареењето. Бренда дознава дека е бремена од Алекс кој штотуку наполнил 19 години. Кевин, пак е уличен уметник, и секој празен ѕид во градот го украсува со неговото име. Секој од нив во ова сиво секојдневие се обидува да остави свој белег на светот.

„Бескрајна недела“ е италијанско-германско-ирска копродукција, со времетрање од 111 минути, и е филм преполн со топлина и атмосферата која ја исполнуваат ликови на млади луѓе што безгрижно талкаат во предградијата на Рим среде лето. Длабочината на приказната, едноставноста на филмските изрази и дијалозите кои режисерот Парони одлично ги пренесува на филмското платно оставаат чувство на топлина, неодреденост и обид да се разбере растењето и пронаоѓањето на сопственото место во светот.

Копродуцент на филмот е режисерот Вим Вендерс, додека пак сценаристи се Ален Парони, Џулио Пенаки и Беатрис Пучили.

Сподели